1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раздвижено пред посетата на Шоле и Ескобар

12 декември 2022

Посетата на американските дипломати на РСМ во среда, се очекува да донесе нов импулс во битката против корупцијата.

https://p.dw.com/p/4KoCS
Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт департмент
Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт департментФотографија: Gemunu Amarasinghe/AP Photo/picture alliance

По тимот за санкции од Вашингтон, неделава во Северна Македонија ќе пристигне и советникот во Стејт департментот, Дерек Шоле, кој ќе предводи меѓуагенциска делегација во чиј состав е и заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Ова не е специјална посета на РСМ, туку една станица од нивната турнеја во земји од Западен Балкан - Косово, Србија, БиХ, Црна Гора, а потоа и на Хрватска, за на крајот да заврши со посета на Брисел. На средбите во РСМ во среда (14.12), како што е најавено, ќе се разговара за низа прашања, вклучително и за борбата против корупцијата, економијата и енергетиката.

Предмет на интерес

Првата тема, која претходно во неколку наврати веќе беше акцентирана и со критички изјави од амбасадата на САД во Скопје, веќе е под лупата на претставници од Одделот за контрола на странски капитал при Американското Министерство за финансии (OFAC). Никој од надлежните досега официјално не потврди средба со лицата од американскиот тим за санкции. Извори од правосудството за ДВ велат дека е „многу раздвижено“ меѓу судиите и обвинителите. Некои од нив вчера (11.12) во разговор ги затекнавме на работното место во неработен ден, но велат дека тоа не е ништо невообичаено, напротив - нешто што постојано го прават, поради бројните обврски.

Извори од правосудството за ДВ велат дека е „многу раздвижено“ меѓу судиите и обвинителите
Извори од правосудството за ДВ велат дека е „многу раздвижено“ меѓу судиите и обвинителитеФотографија: picture-alliance/Chromorange/Bilderbox

Според неофицијални информации, предмет на интерес на тимот од Вашингтон е да го следи спроведувањето на санкциите кон лица и компании кои американскиот Стејт Департмент ги вклучил на листата на санкции. Тоа практично може да засегне повеќе сегменти - од лупа врз јавни набавки во контекст на листата на санкции, одредени спогодби со обвинети лица од истата листа, односни предмети вратени на повторно судење, други предмети за кои се шпекулира за ист можен исход, како и случаи во кои не е утврден начинот на кој е стекнат имот кој станал предмет на спогодби, односно конфискација. Засега нема информации дали во фокусот на тимот од Вашингтон ќе биде и неодамнешниот случај со македонското државјанство за Украинецот Онишченко, лице на американската листа за санкции, а македонската Влада пред неколку дена одлучи да ја поништи одлуката за негов прием во државјанство на РСМ.

Северна Македонија правда Министерство за правда Скопје
Според неофицијални информации, предмет на интерес на тимот од Вашингтон е да го следи спроведувањето на санкциите кон лица и компании кои американскиот Стејт Департмент ги вклучил на листата на санкцииФотографија: DW/P. Stojanovski

„Заборавениот случај“

По веста за пристигнувањето на тимот за санкции од Вашингтон, интересот на домашната јавност особено беше насочен и кон еден „заборавен“ судски случај - „Маѓар телеком“, за кој постапуваше и Њујоршкиот суд.

„За ова дело судот во Њујорк ги казнил директорите на Маѓар Телеком, а во Македонија се чека делото да застари, иако Врховниот Суд, по нивна жалба, одлучи дека сведокот за овој предмет не клеветел“, потсети на Фејсбук поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Неговата забелешка се однесува на сомнежите дека тројца домашни политичари зеле мито од по 2,5 милиони евра, за да ѝ обезбедат на телекомунинкациската компанија монополска положба, односно да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија. Интересот за овој случај произлегува од фактот дека стануваше збор за двајца политичари од ДУИ и еден поранешен премиер.

Засега не се знае во која фаза е постапката за овој случај во обвинителството, додека извесно е дека другата постапка, по една деценија, бавно се движи кон завршница. Таа се однесува на тројца тогашни високи функционери во Tелеком, Унгарците Атила Сендреј и Золтан Кишјухас и Германецот Ролф Плат, кои се обвинети за несовесно работење во службата. Истрагата почна во 2008 година, во судот влезе во октомври 2011-тата, но до 2016-тата не се одржало ниту едно рочиште.

„Од 2016 година, кога предметот почнува да го суди судијката Ленка Давиткова, а обвинителка е Лиле Стефанова, на обвинетите им се суди во отсуство. До септември 2021 година биле закажани 56 рочишта, од кои повеќе од половината, односно 30 биле одложени“, пресмета лани БИРН.

Доколку не се случи одложување, според извори во обвинителството, во јануари 2023 година се очекува да бидат дадени завршни зборови.

Интересот за случајот „Маѓар телеком“, за кој постапуваше и Њујоршкиот суд, повторно се зголеми по веста за пристигнувањето на тимот за санкции од Вашингтон
Интересот за случајот „Маѓар телеком“, за кој постапуваше и Њујоршкиот суд, повторно се зголеми по веста за пристигнувањето на тимот за санкции од ВашингтонФотографија: Reuters/B. Szabo

Една тема да не поклопи друга

Но, ова е само еден од случаите за кои јавноста очекува да не бидат заборавени, пособно кога станува збор за домашни актери, но и да се постапува и за други случаи од висок профил кои досега чмаеле во фиоки. Аналитичари сметаат дека присуството на тимот за санкции од Вашингтон и посетата на Шоле и Ескобар би требало да донесат нов импулс во битката против корупцијата. Но, истовремено стравуваат дека тие заложби може да паднат во сенка на безбедносни прашања, какви што во моментов се тензиите меѓу Белград и Приштина, доколку истите продолжат.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, синоќа преку социјалните мрежи веќе се осврна на оваа тема.

„Со голема загриженост ја следиме состојбата на северот на Република Косово. Нападот врз полицијата на Косово и ЕУЛЕКС, како и сите акти кои водат кон ескалација на ситуацијата се неприфатливи. Отстранувањето на сите барикади и воспоставувањето правна држава е императив. Охрабруваме сеопфатно решение во согласност со посредување на ЕУ и САД“, порача Османи.

Меѓуагенциска делегација, предводена од Шоле, денеска во Приштина, а утре во Белград, ќе разговара со политичките лидери и други претставници за смирување на тензиите и за важноста од дијалог со посредство на ЕУ, за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

А во Собранието на Република Северна Македонија за денеска е најавена посета на претседателот на косовскиот парламент Глаук Коњуфца. По неговата средба со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, најавени се изјави за медиумите.