1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конечно шини на Коридорот 8?
Конечно шини на Коридорот 8?Фотографија: Deutsche Bahn

Пругата наречена „желба“ ќе влезе во графата - изградба

Катерина Блажевска
6 октомври 2022

На 11-ти октомври во Брисел ќе бидат презентирани домашните капитални инвестиции во железничката инфраструктура, а на 29-ти октомври почнуваат градежните работи на пругата кон Бугарија.

https://p.dw.com/p/4Holg

Денес, утре, задутре, следната година... И така речиси 30 години. Синтагмата „пруга кон Бугарија“, чија изградба почна во 1994 година но не продолжи, стана синоним за долга и незавршена приказна. Нејзината изградба беше ветувана во секоја изборна програма на партиите, и речиси и во секој државен буџет беа предвидувани средства за неа, а потоа - пренаменувани за други потреби. Токму овој месец се очекува таа приказна конечно ќе добие своја завршница, односно градежен почеток со утврдени рокови.

И додека во Бугарите во РСМ се подготвуваат за утрешното отворање на културен клуб во Охрид, кој ќе го носи името „Цар Борис Трети“, чин кој не води кон јакнење на довербата меѓу двете соседни земји, во РСМ веќе се прават последните подготвки за чекор кој ќе донесе поголема додадена вредност во односите со Бугарија. На терен е започната мобилизиција на механизација и на стручните тимови кои треба да ги почнат градежните активности за железничко поврзување со источниот сосед.

И Охрид ќе добие бугарски културен клуб
И Охрид ќе добие бугарски културен клубФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Презентација во Брисел

Хари Локвенец, директорот на Јавното претпријатие железничка инфраструктура - Железници на РСМ, за ДВ најавува дека на 11-ти октомври патува за Брисел, каде што пред европратениците, но и донаторите, ќе бидат презентирани тековните капитални инвестиции во железничката инфраструктура. А за 29-ти октомври е закажан и официјалниот почеток на градежните активности за две фази од пругата: делницата Куманово - Бељаковце, на која градежните работи ќе ги изведува австриската компанија  „Штрабаг“, како и на делницата Бељаковце - Крива Паланка, за која изведувач е турската компанија „Ѓулермак“.

Локвенец не го крие задоволството што наскоро започнува овој капитален проект, на двете од вкупно три делници. Првата од Куманово до Бељаковце е во должина од 31 километар и ќе чини 40,5 милиони евра, а рокот на изведба е 24 месеци. На тој дел од Коридорот 8 ќе бидат изградени три железнички станици и шест стојалишта. Втората делница од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри има рок на изведба од 36 месеци, ќе има две железнички станици, три стојалишта и ќе чини 155 милиони евра. За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, до крајот на годинава треба да биде објавен тендер за избор на изведувач. Таа е всушност и најтешката и најскапа фаза (405 милиони евра), бидејќи во должина од 24 километри се проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар ќе има по еден тунел и два моста. 

Железничката пруга кон Грција
Железничката пруга кон ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Важно за регионот

Годинава беа одбележени 149 години на македонските железници, сметано од 9-ти април во далечната 1873 година, кога од Солун во Велес пристигнал првиот воз влечен од парна локомотива, чин кој се смета за почеток на железничкото поврзување на Македонија со светот. Но, фактот дека земјата до денес остана без железничко поврзување со Бугарија, во изминатиот период неретко беше ставан и во политички контекст, со забелешки за недостиг од волја за градење и транспортни и патнички врски меѓу двете земји.

Изградбата на Коридорот 8, со кој граѓаните и стопанството треба да имаат железнички пристап од Црно до Јадранско Море, носи придобивки и за РСМ, има стратегиско значење за Бугарија, но и за регионот во целина. Во тој контекст, деновиве и Бугарија има причина за задоволство. Пред три дена Европската Комисија ја одобри првата голема инфраструктурна програма за Бугарија од новиот 7-годишен програмски период. Станува збор за програмата „Транспортно поврзување“, вредна 1,61 милијарда евра, која е и една од најголемите суми за бугарските програми. Со планираните инвестиции источниот сосед треба да промовира употреба на еколошки начини на транспорт и алтернативни горива, но и подобрување на квалитетот на патната, железничката и поморската инфраструктура. Меѓу нив, една од најважните планирани инвестиции е изградба и модернизација на железничка делница долж коридорот Ориент/Источен Медитеран, вклучително и железничкото поврзување помеѓу Бугарија и Северна Македонија.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Bundespräsident Frank-Walter Steinmeier | Interview mit der Deutschen Welle 2022

Ковачевски: Штајнмајер порача да не го кочиме патот кон ЕУ

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница