1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Протести во Франција: Чувство на неправда

Луис Лиза
11 септември 2025

Денот со протести во Франција покажа длабоко незадоволство од актуелната политика - и на улица изнесе голем број полицајци. Останува да се види дали е ова почеток на долгорочно движење.

https://p.dw.com/p/50LCs
Демонстранти на улица меѓукои се истакнува еден со црвено обоена коса и црвена боја на лицето
Демонстрации под слоганот „Да блокираме сè“ во близина на железничката станица Гар ди Норд во ПаризФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

Протестното движење „Да блокираме сè" очигледно предизвика нелагодност кај највисоките нивоа на власта. 80 илјади полицајци се распоредени ширум земјата за да ги држат демонстрантите под контрола - значителен број, со оглед на тоа дека разузнавачките служби очекуваа само 100 илјадидемонстранти. Тие сакаа да ја парализираат Франција со штрајкови и митинзи – меѓу другото и со блокирање на булеварот Периферик, обиколницата на Париз. Но, тоа траеше само кратко. Полицијата за сузбивање на демонстрации брзо ги отстрани демонстрантите од улиците. Движењето на крајот не успеа да ја парализира целата земја, но покажува колку е длабоко незадоволството кај граѓаните. Заради тоа и 18-годишната Аликс Гато Конте во средата демонстрираше пред железничката станица Гар ди Нор во Париз заедно со неколку стотици претежно млади луѓе. „Нивните јахти ќе доживеат бродолом од нашите штрајкови“, стои на плакатот што го држи студентката по политички науки. До слоганот има фотографија од милијардерот Бернар Арно, раководител на луксузниот концерн ЛВМХ. „Потребен ни е премиер од левицата, кој конечно ќе спроведе социјални реформи во корист на сиромашните“, вели таа за ДВ и додава дека назначувањето на Себастијан Лекорну за премиер е погрешен сигнал. „Тој до сега ни беше министер за одбрана - а претседателот Емануел Макрон сака да нè направи покорни“, заклучува таа.

Млада жена држи протестен плакат на кој на француски пишува: „Вашите јахти ќе доживеат бродолом на нашиот штрајк“
Студентката Аликс Гато Конте на протест во Париз на 10 септември 2025 година.Фотографија: DW

Макрон во вторникот го избра Лекорну како мандатар за новата влада. Поранешниот премиер Франсоа Бајру претходно не успеа на гласањето на доверба во парламентот со кое сакаше да добие поддршка за буџетот за 2026 година со заштеди од 44 милијарди евра. За студентката Аликс Гато Конте, таков план за штедење е неприфатлив. „Премиерот сакаше да укине два државни празника и да ги намали трошоците за здравствена заштита, а не сакаше да воведе поголеми даноци за богатите“, нагласува таа. Се чини дека најавата на Бајру за буџетот беше искрата што го потпали движењето „Да блокираме сè". До душа каналот на Телеграм наречена со наслов „Есенцијално“, кој се припишува на десно екстремистички кругови, уште во мај годинава повика на еднодневна блокада на 10ти септември. Но, дури по говорот за буџетот на Бајру кон средината на јули почнаа да се формираат сè повеќе онлајн профили за ширење на повикот. Според истражувањето на левичарската фондација Жан-Жорес од Париз, речиси две третини од членовите на овие групи се поврзани со крајно левичарската партија Неосвоива Франција.

Паралели со жолтите елеци

Антоан Бернар де Рејмон смета дека протестот до некаде потсетува на жолтите елеци, кои од ноември 2018 година со месеци демоинстрираа за поголема социјална правда и блокираа кружни текови. „И тогаш протестите почнаа поради една најава од владата - тие сакаа да го зголемат данокот на гориво, што ќе ги погодеше посиромашните жители на руралните средини“, се потсетува за ДВ Бернар Де Рејмон. Владата на крајот се откажа од  планираниот данок. „Сега, како и тогаш, демонстрантите имаат чувство дека државата не ги слуша. Тие ги сметаат актуелните политики за длабоко неправедни и мислат дека жртва се бара само од нив, а не од богатите“, вели Рејмон.

Поранешниот француски премиер Франсоа Бајру (лево) и новиот премиер Себастијан Лекорну и двајцата облечени во темно сини костуми со вратоврски во иста боја држат говор на скалила во црвена боја
Поранешниот премиер Франсоа Бајру (лево) и новиот премиер Себастијан Лекорну на церемонија по повод предавањето на функцијата во Париз на 10 септември 2025 година.Фотографија: Christian Liewig/SIPA/picture alliance

Сепак, има и разлики, па така „жолтите елеци речиси и да не припаѓаа на партии и синдикати. Овој пат, се чини дека има повеќе дипломирани студенти и политички активисти“, вели Бернар де Рејмон. Стефан Сиро, историчар и предавач на универзитетот „Саенс По“ во Париз, кој е специјализиран за протестни движења, во сличностите го вбројува и фактот дека обете иницијативи се организирани автономно на интернет форуми. „Тоа е тенденција во последните две децении“, вели тој за ДВ. „Традиционални демонстрации организирани од синдикатите речиси и да немаа успех. Владата веќе не реагира на нив. Затоа демонстрантите избираат неконвенционални начини кои може да бидат и порадикални“, вели Сиро. Во средата во Франција на неколку места дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите. Според експертите, не се работи само за буџетот на Бајру. „Има длабоко чувство на незадоволство и бес“, велат тие.

Следни протести во најава

Тоа го потврдуваат браќата Ланселот и Робин, кои како и многу други демонстранти кај париската северна станица, не сакаат да ги откријат своите презимиња. 25-годишниот Ланселот од југот на Франција дошол во главниот град за да учествува во протестот, заедно со својот 20-годишен брат. „Сакам политика која ја штити нашата планета“, вели пејзажниот архитект, држејќи транспарент на кој пишува „Тука сме за дрвјата“. „Веќе не верувам во политичкиот систем, бидејќи гласот на народот не се слуша. Ни треба подиректна, локална демократија“, вели Ланселот. Неговиот брат Робин, на чиј плакат стои „Оданочете ги богатите“, кимнува во знак на согласност. „Подготвени сме да го завршиме својот дел од работата за да ги промениме нештата.

Кордон на француски полицајци во полна опрема за тразбивање демонстрации стои на улица во Париз пред голема толпа демонстранти
80.000 припадници на полицијата и безбедносните сили беа распоредени поради демонстрациитеФотографија: Ameer Alhalbi/Anadolu/picture alliance

Но, партиите не сакаат да постигнат компромиси и само работат една против друга“, вели студентот по историја за ДВ. Емануел Ренгоа, политиколог од јужна Франција при универзитетот во Монпелје, барањето за подиректна демократија го потсетува на протестното движење од 2016 година кога демонстрантите повеќе месеци меѓу другото, го окупираа и Плоштадот на Републиката во Париз и дискутираа за нови форми на владеење. „Тие исто така сакаа поголемо учество на граѓаните“, вели Ренгоа за ДВ. Сепак, до сега има малку заеднички, конкретни барања. Така протестите полесно може да се задушат. „Освен тоа, нашиот демократски систем речиси и да нема механизми преку кои можат да се чујат хоризонталните граѓански движења надвор од традиционалните организациски форми како што се синдикатите. Ќе видиме дали овие акции ќе доведат до нешто конкретно“, вели Ренгоа. Во меѓувреме, синдикатите за 18 септември најавија национален ден на штрајкови и демонстрации.https://www.dw.com/a-73952577