Сирија: Исламска држава останува сериозна закана
25 декември 2025
Едно прашање и натаму се поставува по неодамнешното убиство на двајца американски војници и еден цивилен преведувач во централна Сирија од страна на следбеник на екстремистичката група Исламска држава.
Убиецот бил инфилтриран во сириските безбедносни сили. Колку други луѓе во сириските безбедносни сили би можеле да делат слични екстремни ставови?
Нападот „открива празнини во разузнавачките капацитети на сириската влада, позната слабост со оглед на недостатокот на персонал и ресурси, како и географската нестабилност на земјата“, напиша сирискиот истражувач и новинар Субхи Франџие за лондонскиот Ал Маџала набрзо по нападот.
„Нападот во Палмира може да се искористи како аргумент дека сириската влада е компромитирана и не може да ѝ се верува во клучни области како што е борбата против тероризмот“.
Франџие истакнува дека иако Сирија се приклучи на глобалната коалиција предводена од САД во борбата против Исламската држава (ИД) во ноември, меѓународната коалиција во моментов соработува само со сириското Министерство за внатрешни работи, а не и со локалното Министерство за одбрана. Второто се смета за сè уште недоволно воспоставено и безбедно.
Помалку од една недела по убиствата на Американците во Палмира, групата ИД објави порака на својот Телеграм канал во која ја опишува смртта како „удар“ за САД и за сите Сиријци кои им се противат. Сепак, групата не презеде директна одговорност и се чини дека - слично на двајцата мажи кои неодамна нападнаа еврејски митинг во Австралија - нападот можеби бил „инспириран“ од екстремистичката група.
Војници кои ги симпатизираат ИД?
Експертите се согласуваат дека може да има повеќе поединци во сириските безбедносни сили кои ја симпатизираат или се инспирирани од групата ИД.
Тие велат дека еден од главните проблеми е што сириската влада се обидува брзо да воспостави нова армија по соборувањето на диктатурата на Башар ал-Асад во декември 2024 година.
Кратко по нападот во Палмира, портпарол на Министерството за внатрешни работи изјави дека 5.000 нови регрути се додадени во силите во областа каде што се случи нападот. Кога ИД беше на врвот на својата моќ, контролираше големи делови од Сирија и од Ирак, вклучувајќи ја и Палмира.
Портпаролот, исто така, рече дека се вршат неделни проверки на персоналот и дека поддржувачот на ИД кој ги уби Американците и сирискиот офицер веќе бил на списокот за следење. Тој требало да биде отпуштен ден по нападот.
Новите сириски власти биле принудени да бираат помеѓу брзо регрутирање на повеќе луѓе или побавен, потемелен процес на проверка, објасни минатата недела Џером Древон, експерт за исламистички екстремизам во Меѓународната кризна група. Властите се одлучиле за побрзата опција, но како што изјави Древон за британскиот весник „Араб викли“, некои од нивните регрути може да бидат „порадикални, подготвени да се борат против американските трупи, бидејќи се спротивставуваат на одлуката на владата да соработува со западните земји“.
Покрај тоа, како што напиша Масуд Ал Хакари, истражувач во Франкфуртскиот институт за мировни истражувања, претходно годинава, Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), милиција предводена од привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал-Шара, претходно беше поврзана и со ИД и со Ал Каеда. Со текот на времето, ХТС ги прекина врските со тие групи, па дури и се бореше против ИД на територијата која ја контролираше, но, како што вели Ал Хакари, ХТС веројатно „сè уште крие екстремисти кои симпатизираат со идеологијата на ИД“.
ИД се крие во сириската пустина
Проценките велат дека сè уште има околу 2.500 борци на ИД во Ирак и во Сирија, претежно се кријат или се во ќелии во мирување. Поради тешкотиите во обезбедувањето безбедност, оддалечената сириска пустина долго време им е омилено засолниште.
Во текот на викендот, САД извршија над 70 напади во Сирија, претежно во оддалечени области северно од Палмира. Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека нападите биле „многу сериозна одмазда“ за нападот во Палмира. Според извештаите, пет лица се убиени.
Илјадници поранешни членови на ИД се наоѓаат во затворски логори во северна Сирија и претставуваат опасност, објаснува Ал Хакари. Но, најзначајниот фактор што ја прави групата ИД таква закана е економската, политичката и безбедносната средина во земјата, вели тој и други експерти.
Сириската диктатура е соборена по 14 години граѓанска војна, а новите сириски власти сè уште немаат целосна контрола врз безбедноста на земјата. Во некои области има конфликти меѓу новите власти и малцинските заедници, што дополнително ги влошува безбедносните проблеми. Многу тешката економска ситуација, исто така, создава незадоволство.
Сето ова „создава плодна почва за ИД“ да ги искористи празнините во управувањето и незадоволството на јавноста, позиционирајќи се како алтернативна форма на управување и проширувајќи го своето влијание, забележува Ал Хакари.
Нападите на ИД врз владини области се зголемија по промената на владата, а други експерти забележуваат дека следбениците на групата сега се чини дека сакаат намерно да ги поткопаат новите власти.
На пример, сириските безбедносни сили велат дека кон крајот на ноември пронашле ќелија на ИД во Латакија. Латакија всушност е населена главно од алавитското малцинство , група што следбениците на ИД обично би ја класифицирале како неверници. Алавитите се сметаат за поврзани со поранешната диктатура бидејќи семејството Асад исто така беше алавитско и поради тоа беше цел на напади. Алавитските населби остануваат нестабилни и погодни за немири.
Во текот на изминатиот викенд, двајца вооружени лица произволно пукаа кон луѓе на улица во прилично оддалечено село во централна Сирија, во близина на градот Саламија. Областа е дом главно на друго малцинство, Исмаилисти, и иако никој не знае кој е одговорен, градоначалникот на Саламија изјави дека смета оти групата ИД можела да го стори тоа.
Сепак, ќе биде потребно време за целосно да се изгаси заканата што ја претставува групата ИД во Сирија, ако навистина е можно воопшто да се збрише екстремистичката идеологија.
„Заканата што ја претставуваат милитантите на ИД во Сирија е посериозна отколку во која било друга земја во регионот“, вели Ал Хакари.