1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот на Мерц за интеграција во ЕУ го размрда регионот

22 мај 2026

Постепената интеграција да се поддржува само доколку е јасно поврзана со неповратно пристапување до полноправно членство, вели во анализа Андреја Стојковски од Институтот Преспа.

https://p.dw.com/p/5EAdG
Германија, Берлин 2026 | Фридрих Мерц
Предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за „асоцијативно членство“ на Украина во ЕУ, но без право на глас, како и за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, наиде на различни реакцииФотографија: dts Nachrichtenagentur/IMAGO

На различни реакции наиде предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за „асоцијативно членство“ на Украина во ЕУ, но без право на глас, како и за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан - со привилегиран пристап до единствениот пазар и статус на набљудувач во релевантните тела на ЕУ.

Според домашни аналитичари, инцијативата треба внимателно да се разгледа, но во единствен контекст дека таа никако не треба да се биде замена за полноправно членство во Унијата. Сметаат дека е евидентно оти акцентот е ставен на побрза економска интеграција на регионот, а можноста за користење на сите придобивки од единствениот пазар на ЕУ, е чекор кој секако води кон побрза интеграција.

Според Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа, за Македонија оваа дебата е особено важна: Скопје треба да избегне емотивно отфрлање и пасивно прифаќање на ваквите предлози, и наместо тоа Владата треба да следи три стратешки цели.

„Прво, постепената интеграција да се поддржува само доколку е јасно поврзана со неповратно пристапување до полноправно членство. Второ, секој модел на диференцирана интеграција мора да содржи конкретни институционални, финансиски и политички придобивки за државите кандидати. Трето, Северна Македонија треба активно да работи со државите членки и партнерите од регионот за да се спречи создавање на траен втор круг во рамки на обединета Европа", посочува Стојковски во анализата објавена на порталот „Рацин“.

Но, укажува и дека политичката и правната имплементација на ваквите предлози би била исклучително комплексна. Без измена на Договорите на ЕУ, ваквите модели ризикуваат да останат политички симболични, наместо институционално одржливи.

„Токму затоа, проширувањето и реформата на ЕУ повеќе не можат да се третираат како одвоени дебати. Вистинското стратешко прашање е дали државите кандидати треба само да чекаат Унијата да се реформира, или уште од самиот почеток да станат дел од тој процес на трансформација. Еден можен пат напред е паралелен процес: пристапните преговори и реформата на Договорите да се развиваат истовремено“, оценува Стојковски.

Само на рамноправна основа

И во регионот внимателно се анализира предлогот на Мерц, но и изјавите од неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“, кои сметаат дека тоа „дополнително би го маргинализрало регионот, кој веќе долго е во чекалницата".

Регионални медиуми ја пренесуваат и изјавата на европратеникот и известувач за Албанија, Андреас Шидер (од Социјалдемократската партија на Австрија) кој потсетува дека проширувањето на ЕУ претставува најмоќниот надворешнополитички инструмент и дека мора да се обезбеди тој процес да не изгуби значење.

„Не смеееме сега да направиме грешка и да им испратиме погрешен сигнал на граѓаните на Западен Балкан, така што ќе дозволиме Украина да биде протуркана пред нив“, изјави Шидер.

Тој потенцира дека во маратонот кон EУ нема заобиколување на критериумите од Копенхаген.

„Не смее да има ни брзи процедури ни кратки патишта. Истовремено, членство од втор ред никому не му помага. Членството во ЕУ претставува ветување на просперитет, мир и партнерство на рамноправна основа“, нагласува тој.

Eвропратеникот и известувач за Албанија, Андреас Шидер
Eвропратеникот и известувач за Албанија, Андреас Шидер, потсетува дека проширувањето на ЕУ претставува најмоќниот надворешнополитички инструмент и дека мора да се обезбеди тој процес да не изгуби значењеФотографија: Kostadin Delimitov

Се бараат можности

Од друга страна, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, вели дека идејата за асоцијативен статус без право на глас во ЕУ и за статус на набљудувач за други земји-кандидатки не е нова, бидејќи долго време се водела дебата за тоа меѓу земјите-членки.

„Мора да видиме што треба да се направи, не смееме да создаваме такви модели за некои земји да ги паркираме засекогаш и треба да бараме можности. Постои можност земја порано да влезе во единствениот пазар, во царинската унија, во зоната за роаминг, во програмата Еразмус. Мора побрзо да им овозможуваме на кандидатите да ни се приклучат“, изјавила вчера (21.05) Мецола на маргините на безбедносниот форум Глобсек во Прага.

Таа направила споредба со постепеноста на чекорите во Унијата.

„Исто како што еврото започна со одредена група членки, исто како што Шенген започна само со неколку членки на ЕУ, резултатот е дека сè повеќе земји сакаат да се приклучат. Вчера разговаравме Канада да се приклучи на нашата програма за модернизација на воената индустрија и армијата SAFE. Замислете, Канада констатираше дека тоа функционира и има смисла“, образложи Мецола во однос на идејата за постепена европска интеграција преку поединечни области или програми.

Брисел, ЕУ-Парламент | Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола
Мецола: Да ги отвориме првите кластери, да направиме нужни чекори за граѓаните на тие земји да кажат - па ние не го работевме сето ова залудноФотографија: Laurie DIEFFEMBACQ/EU-Parlament

„Да не ѝ вртиме глава на Украина“

Претседателката на ЕП смета дека ЕУ нема право да ги игнорира резултатите на Украина, која во желба да влезе во ЕУ, завршила невидена техничка и легислативна работа.

„Ако успеала да го направи она што други земји го правеле десет години, не смееме да ги вртиме главите и да ја игнорираме таа брзина. Каква порака би им испратиле на Украинците кои се борат за нашата безбедност, кога би им рекле дека мора да почекаат“, oценува Мецола.

Потсетува и на бројните самити на ЕУ и земјите кандидати, кои поминувале со фотографирање и „се гледаме следната година“.

„Веќе немам образ да ги гледам тие лидери и да им кажувам - кога од избори на избори победуваат ветувајќи надеж за сон - дека тој сон може да се сруши. Моја одговорност е да кажам дека никој не одрекува оти проширувањето се одвива според заслуги, чекор по чекор. Но, да ги отвориме првите кластери, да направиме нужни чекори за граѓаните на тие земји да кажат - па ние не го работевме сето ова залудно“, порачува претседателката на ЕП.

Во Тиват сѐ ќе биде појасно

Растат очекувањата дека претстојниот Самит на ЕУ и Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на 5-ти јуни, ќе биде вистински лакмус - дали Унијата размислува да го забрза проширувањето за целиот регион и дали за сите кандидати ќе се применуваат исти правила. Според Драгана Ѓурица, генерална секретарка на Европското движење во Србија, предлогот на Мерц покажува дека ЕУ се обидува да најде политички одговор на војната во Украина, а истовремено да не ги урне формалните правила за проширување. Во изјава за српски „Данас“, таа оценува дека е важно да се разбере оти предлогот на Мерц не е шведска маса од која може да се земат делови и пазарни погодности, a да се остави настрана владеењето на правото и усогласувањето со ЕУ.

„Единствениот пазар е можеби најстрогиот дел од интеграцијата во ЕУ бидејќи се темели на доверба во институциите, судовите, регулаторните тела, конкуренцијата, законот за јавни набавки, заштитата на потрошувачите, каде што правната сигурност автоматски се подразбира. Затоа, дури и ако постојат некои меѓучекори, кои сега се ставаат на маса, нема заобиколување на условите за владеење на правото и јасно е наведено дека ова не е замена за полноправно членство, туку само меѓучекор кон тоа“, оценува Ѓурица.