1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе депортации од Германија: Тежок потфат

4 ноември 2025

Иако министерот за надворешни работи Вадефул смета дека депортациите во Сирија се спорни, германската влада го зголемува притисокот врз оние кои мора да ја напуштат земјата. Дали ваквиот пристап функционира?

https://p.dw.com/p/532QB
Германски сојузни полицајци со жолти елечиња на кои пишува „Ескорт“ придружуваат маж до влезот во авион
Германски сојузни полицајци придружуваат маж од Пакистан кој треба да биде депортиран со авион во неговата татковинаФотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Под слоганот „Офанзива за репатријација“, коалицијата на христијанско-демократските партии (ЦДУ и ЦСУ) и Социјалдемократската партија (СПД), која е на власт во Германија од мај 2025 година, има за цел значително да го зголеми бројот на луѓе кои потенцијално мора да ја напуштат земјата. Меѓутоа, друг клучен збор обично доминира во политичката и медиумската дебата за проблемот со миграцијата во Германија: депортации.

Тешкотијата на тој потфат - и широкото разидување во мислењата дури и меѓу сестринските христијанско-демократски партии ЦДУИЦСУ - одлично е илустрирана околу спорот со депортациите во Сирија, земја опустошена од долга граѓанска војна. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул (ЦДУ) неодамна ја посети земјата, а потоа ја даде следната проценка во врска со присилните депортации: „Можно е само во многу ограничена мера во моментов“.

Меѓутоа, на ова противречи министерот за внатрешни работи, Александар Добринт (ЦСУ). Вадефул верува дека депортациите на криминалци со потекло од Сирија се можни само во „многу малку исклучителни случаи“, но Добринт потсетува дека се започнати депортациите на криминалци во Авганистан и дека, во согласност со коалицискиот договор, во тек се подготовки за започнување на депортациите во Сирија. 

Во таа дебата, канцеларот Фридрих Мерц(ЦДУ) недвосмислено застана на страната на министерот за внатрешни работи Добринт. „Граѓанската војна во Сирија е завршена, сега нема апсолутно никакви основи за азилво Германија“ - и враќањето може да започне, рече канцеларот, додавајќи дека „оние кои одбиваат да се вратат, секако, можат да бидат депортирани“.

Сепак, во пракса, правната рамка во Германија за спроведување на депортации е многу сложена. Берлинскиот медиумски сервис Интеграција токму тоа го истакнува во својата анализа презентирана овој понеделник, 3 ноември: „(Правната рамка за депортации) е обликувана од националното право на престој и процесното право, националното уставно право, европските директиви и прописи и меѓународните правни обврски“, се наведува во анализата. Правниот експерт Хана Франц од Универзитетот во Хамбург, која учествуваше во составувањето на таа анализа, укажува на проблемот со планираното зголемување на бројот на притворени лица поради депортација.

Премалку места за оние кои се притворени поради депортација?

Дополнителни места за сместување ќе бидат создадени во специјални центри за притвор или посебни области наменети за притвор поради депортација. Во моментов има околу 800 вакви објекти во Германија.

Според Хана Франц, бројот на притворени лица расте секоја година веќе долго време - во 2024 година имало околу 6.000 од нив. Исто така, постои многу голем јаз меѓу половите - над 90 проценти се мажи. „Само многу малку установи за притвор се опремени за сместување на жени“, истакнува Франц, нагласувајќи дека проблемот со сместувањето на оние кои чекаат депортација не е решен. 

Франка Рел, која е задолжена за вакви случаи во Регионалниот совет на Карлсруе (Баден-Виртемберг), објаснува дека овие притвореници се првенствено лица кои извршиле кривични дела, но и други - „лице кое е агресивно во канцеларијата на имиграциската служба или во сместувачкиот капацитет, а и лица кои се спротивставиле за време на претходен неуспешен обид за депортација“, објаснува Рел.

Како да се утврди идентитетот на лица без пасош?

Друг проблем е и што само десет од 16-те германски покраини имаат свои објекти за притворениците кои чекаат депортација. Затоа тие мора да бидат сместени на друго место. Директорот на Државната канцеларија за имиграција во Берлин, Енгелхард Мацанке, постојано мора да бара решенија за овој недостаток. 

Припадници на германската сојузна полиција во жолти елечиња придружуваа мажи при влезот во авион
Речиси сите депортации од Германија се одвиваат по воздушен пат, како што се гледа на оваа фотографија направена во јули 2025 година во АвганистанФотографија: EHL Media/IMAGO

Покрај тоа, постојат значајни пречки кои стојат на патот на правно исправните депортации. Ова често има врска со нејасното потекло на засегнатите лица. Ако не можат или не сакаат да го покажат својот пасош, тоа станува тешко - нешто што Мацанке го искусил многу пати во текот на 30-те години работа во областа на миграцијата.

Дали Курдот доаѓа од Турција, Иран или Сирија?

„Многу земји не се етнички хомогени“, вели тој, наведувајќи ги Курдите како пример - тие можат да доаѓаат од Турција, но и од Иран или од Сирија. „Понекогаш воопшто не е јасно од која земја доаѓа лицето.“ Во такви случаи, од полза се таканаречените индиции за можен идентитет - тоа можат да бидат документи како што се воена легитимација или возачка дозвола, но и изјави на сведоци во постапки пред германската Сојузна канцеларија за миграција и бегалци.

Во такви случаи, интервјуата понекогаш се спроведуваат во амбасадите на претпоставените земји на потекло. „Но, на крајот, секогаш е потребна земја на потекло која изјавува дека е подготвена да го прифати лицето за кое станува збор“, објаснува Маканке, што всушност е клучниот проблем.

Сè повеќе луѓе одлучуваат доброволно да заминат

Според шефот на имиграциските власти на Берлин, клучот за успехот лежи помалку во депортациите, а повеќе во доброволните заминувања. Маканке го поткрепува ова тврдење со следниве бројки: во 2019 година, последната година пред пандемијата на коронавирусот, околу 6.000 луѓе без право на престој доброволно го напуштиле германскиот главен град, додека истовремено биле депортирани само 1.000. 

Односот помеѓу доброволните заминувања од Берлин и присилните враќања во нивните земји на потекло бил шест спрема еден. До крајот на оваа година, Маканке очекува 15.000 доброволни повратници и 1.700 депортации. Тоа би било зголемување на единаесет спрема еден - речиси двојно повеќе од сегашниот сооднос.

Депортациите само како крајно средство?

Германската влада е свесна каде треба да ги насочи своите напори доколку сака повеќе луѓе без реални изгледи за останување да ја напуштат земјата. „Сакаме подобро да го поддржиме доброволното враќање преку зајакнување на стимулациите и советувањето за враќање“, се наведува во коалицискиот договор на владејачките партии. Но, веднаш следи и наредната реченица: „Ако тоа не се случи доброволно, обврската за заминување мора да ја спроведе државата.“ Тоа се однесува на депортациите.

 

Марсел Фирстенау
Марсел Фирстенау Писател и новинар од Берлин кој известува за политички и општествени теми