1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полскиот парламент одлучува за владата на ПиС

БЈ | АРД
11 декември 2023

Пред две недели во Полска стапи на власт владата предводена од ПиС, но веќе ѝ се заканува крај. Тоа не изненадува затоа што во парламентот таа нема мнозинството. Опозициската коалиција е подготвена да ја преземe власта.

https://p.dw.com/p/4a0sd
Констуитивна седница на новиот состав на Сејмот на 13.11.2023. Неполн месец подоцна полскиот парламент ќе гласа за доверба на новата влада на Матеуш Моравјецки
Констуитивна седница на новиот состав на Сејмот на 13.11.2023. Неполн месец подоцна полскиот парламент ќе гласа за доверба на новата влада на Матеуш МоравјецкиФотографија: Czarek Sokolowski/AP/picture alliance

Ова се времиња на големи предизвици во Европа, Полска и светот и „со нив мора да се соочат енергични, динамични луѓе кои реалноста ја перцепираат на свеж начин", рече полскиот претседател Дуда при потврдувањето на владата на премиерот Матеуш Моравјецки пред две недели . Но,„новата полска влада" денеска извесно е пред заминување, што за никого и не е изненадување. Осум недели поминаа од парламентарните избори кога националистичко-популистичката партија Право и правда (ПиС) по два легислативни периоди на власт, повторно собра најмногу гласови, но остана без мнозинство. Осум недели во кои е јасно дека всушност победи опозициската коалиција под водство на Доналд Туск, но ПиС се противи да го предаде кормилото.

Актуелниот премиер на Полска, Матеуш Моравјецки: до кога?
Актуелниот премиер на Полска, Матеуш Моравјецки: до кога?Фотографија: Damian Burzykowski/IMAGO

Туск: „Губење на пари и време"

„Заминувањето на старата гарнитура е болен процес, болен за Полска – и многу многу скап", вели Туск кој беше премиер на Полска од 2007 година, потоа претседател на Советот на Европа и со најголема веројатност иден шеф на владата на Полска. На Туск му е јасно дека ПиС не го одложува заминувањето од власт од шега. Се поочигледно во изминатите недели таа позиционира свои луѓе на функции, менува правила и уништува документи, за да отежни претстојна реформа и правен прогон. „ПиС одлучи последните недели да ги искористи за да ја опустоши и уништи полската држава", вели Туск. „Тоа е трошење на време и пари и обид во сите можни области да се инсталираат субверзивни сили на ПиС. Ќе мора многу брзо и одлучно да започнеме со расчистувањето", рече тој.

Лидерот на опозицката коалиција во Полска, Доналд Туск
Лидерот на опозицката коалиција во Полска, Доналд ТускФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Туск уште неделава би можел да стане премиер

Денес времето на ПиС по осум години владеење, може да истрече. Претседателот Дуда по изборите мандатот го довери на Моравјецки и го потврди неговиот владин кабинет, свесен дека тој ќе мора најдоцна по две недели да се соочи со гласањето во една од двете комори на Парламентот и дека таму нема мнозинство, ниту сојузници. „Загрижен сум дека на добрите времиња во Полска им се ближи крајот ако не биде изгласана владата на Моравјецки", вели пратеничката од редовите на ПиС, Барбара Бартуш. Криштоф Смижек од Новата левица и со тоа дел од мошне веројатната идна владина коалиција тоа секако го гледа пооптимистички кога вели дека „тоа ќе биде убав ден што го чекав не само како политичар, туку и како човек кој си ја сака земјата." Полскиот устав предвидува по неуспешниот прв обид, Парламентот со мнозинство гласови да одлучи кој следен ќе го добие мандатот за формирање влада. Тоа ќе биде Доналд Туск кој уште во утре би можел да го претстави кабинетот, а во среда да даде заклетва. Тоа би било втора нова полска влада за само две недели.