1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска: Моравјецки доби мандат да формира влада

ЖА / агенции
7 ноември 2023

На парламентарните избори во Полска, коалицијата предводена од поранешниот претседател на Советот на ЕУ, Туск, освои мнозинство места. Сепак, претседателот Дуда сега му даде мандат на претходниот премиер да формира влада

https://p.dw.com/p/4YUoo
Анджеј Дуда, Матеуш Моравјецки Полска
Полскиот претседател Анджеј Дуда му даде мандат на претходниот премиер Матеуш Моравјецки од национал-конзервативната ПиС да формира владаФотографија: JANEK SKARZYNSKI/AFP

Три недели по победата на трипартискиот опозициски сојуз на парламентарните избори во Полска, претседателот Анджеј Дуда донесе контроверзна одлука  дополнително да го одложи трансферот на власта.  Шефот на државата му даде мандат на претходниот премиер Матеуш Моравјецки од национал-конзервативната ПиС да формира влада. Одлуката ја донесол „по мирна анализа и консултации“, рече Дуда во телевизискиот говор.

Претседателот, кој и самиот потекнува од  таборот на ПиС,  во Варшава објасни дека ја следи добрата парламентарна традиција, според која претставник на најсилната партија добива задача да формира влада. Овој потег може да донесе повеќе недели политичка нестабилност во Полска. Дуда претходно го одреди датумот на конститутивната седница на новиот парламент за 13 ноември - речиси еден месец по изборите.

Полската опозиција подготвува коалициски договор

На парламентарните избори на 15 октомври, либерално-конзервативната Граѓанска коалиција (КО) на Доналд Туск освои јасно мнозинство места заедно со две други опозициски партии, конзервативната Трет пат и левичарската алијанса Левица. Трите партии веќе работат на коалициски договор.

Претходната владејачка партија, ПиС,  стана најсилната политичка сила, но освои само 194 од 460 места. Се смета дека е многу малку веројатно дека таа ќе постигне парламентарно мнозинство со други партнери.

Сомнеж за тактички маневар на Анджеј Дуда

Во Полска е политички обичај, но не и услов, шефот на државата да ја додели задачата за формирање влада на претставник на партијата која станала најсилна политичка сила. Доколку неговиот предлог за кабинет не добие мнозинство во парламентот, на ред се останатите партиски пратенички групи.

По изборите, опозициските политичари во Варшава постојано изразуваа стравувања дека  претседателот би можел да ја одложи промената  за да му дозволи на ПиС да остане на власт уште еден или два месеци.