Коцкање: Владата го затега ременот, индустријата реагира
15 мај 2026
Новите законски мерки за оддалечување на коцкарниците од училиштата, построгите правила за рекламирање и ограничувањата во областа на коцкањето предизвикаа различни реакции во јавноста. Граѓанските иницијативи ги поддржуваат законските измени, оценувајќи дека тие ќе воведат нови правила во индустријата на игри на среќа. Од друга страна, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) остро реагира на дел од предложените мерки.
Ставот на АПИС за дистанцата од 500 метри
Според АПИС, предложените мерки за дистанцирање на објектите се неуставни, неприменливи и штетни за економијата. Од Асоцијацијата наведуваат дека заштитата на младите од зависност е нивен врвен приоритет и делумно ги поддржуваат ограничувањата за рекламирање, како што се намалувањето на светлечките реклами и забраната за рекламирање од 6 до 22 часот.
Сепак, тие силно се спротивставуваат на повторното воведување на одредбата за задолжителна дистанца од 500 метри меѓу објектите за игри на среќа и училиштата.
„Дистанцата е дискриминаторска и уставно спорна одредба која директно ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото“, велат од АПИС. Според нив, ваквата мерка би довела до затворање на поголемиот дел од легалните објекти. Како пример го наведуваат Чаир, каде, според изјави на локалните власти, речиси не би останал ниту еден објект поради близината на училиштата.
АПИС смета дека мерката нема да придонесе за поголема заштита на младите, особено бидејќи државата истовремено предвидува можност за организирање интернет игри на среќа. „Младите преку мобилни уреди ќе можат од каде било да пристапат до онлајн платформите, што значи дека дистанцата нема рационален ефект“, посочуваат од Асоцијацијата.
АПИС предупредува дека рестрикциите може да доведат до губење на околу 350 милиони евра годишно, затворање на индустријата и губење на околу 10.000 работни места
Дополнително, тие предупредуваат дека може да се зголеми нелегалното коцкање, повикувајќи се на искуства од регионот.
Владините аргументи и компромисното решение
Реакциите следат откако Владата деновиве го усвои усогласениот текст на предлог-законот за игри на среќа, кој наскоро ќе биде испратен до Собранието.„Започнуваме нова, поодлучна фаза во борбата против нелегалното коцкање, агресивното рекламирање и злоупотребите кои најмногу ги погодуваат младите“, најавија од Владата.
Според предложеното решение казината нема да смеат да работат доколку се поблиску од 500 метри до училиште, а обложувалниците ќе можат да функционираат, но без електронски игри на среќа во близина на образовни институции. Целта е заштита на младите, намалување на зависноста и спречување на нормализацијата на коцкањето.
Поддршка и аргументи
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ ги поздравуваат измените, посочувајќи на загрижувачки податоци. Според нивните анализи, во општина Центар има речиси 60 казина и обложувалници, додека бројот на јавни простори за игра на децата е значително намален.
Неколку истражувања изминатиот период покажаа сериозен раст на зависноста од игри на среќа кај младите. Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ):
- 25% од учениците се коцкале за пари
- физичкото коцкање (21%) е почесто од онлајн коцкањето (15%)
- зависноста пораснала од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024
Дополнително, истражување на ХОПС во неколку земји во регионот покажа дека 71% од младите испитаници играле игри на среќа, 17,8% се изјасниле како зависни, а 50% од фокус групата играат секојдневно. Ова, според истражувањето, укажува на сериозен ризик од зависност кај младите.