1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пожарите - колку е загаден воздухот во Скопје?

16 септември 2025

Додека граѓаните се жалат дека по пожарите на депониите и во Трубарево се потешко се дише, на терен се прават анализи за да се утврди какви отровни гасови завршиле во воздухот, во почвата и во водата

https://p.dw.com/p/50VsF
Пожар во магацин за отпад во Трубарево
По пожарите на депониите - колку е загаден воздухот во Скопје? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По пожарите на неколку депонии и во фабриката за отпад во Трубарево, сè уште нема официјални информации колку е загаден воздухот во Скопје. 

Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот од примероци земени на денот на пожарот во компанијата Ф-Групација во Трубарево, покажуваат зголемување на сите параметри за два до три пати од дозволеното, а јаглерод моноксидот чија просечна вредност не треба да надминува 10 mg/m3, била 300 mg/m3.

Директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, најави дека в петок ќе се знае какви тешки метали има во воздухот во Скопје. „Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво на квалитетот на воздухот, за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот“, вели Гиновска.

Анализа на 32 елементи - резултати по една недела 

И научниците истражувачи од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип за седум дена треба да ги имаат првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздух, кои ги поставија во скопско Трубарево, каде што во пожар изгоре објект во кој имало електронски отпад.

Ректорот на УГД и раководител на лабoраторијата, Дејан Мираковски вели дека поставени се два уреди, коишто континуирано, 24 часа, наредните пет денови ќе земаат проби од честичките кои подоцна ќе бидат анализирани. Едната мерна станица се наоѓа на педесетина метри, а втората е на стотина метра од складиштето за рециклирање на електронски отпад и пластика, на компанијата Ф-Групација во Трубарево, коешто изгоре во саботата.

Мираковски вели дека ќе се анализираат 32 елементи, како и никел, кадмиум, арсен, олово и жива. 

Првична проценка колку е загаден воздухот тешко може да се направи, бидејќи сè уште нема точни информации што точно имало во складот. Со согорувањето на литиумските батерии и пластика, според Мираковски, се формираат и гасови и честички и дел од нив се трајни органски загадувачи. Освен на воздухот, предвидено е да се прават анализи и на водата и почвата во регионот. По утврдувањето на овие параметри ќе биде познато дали ќе треба да се врши чистење и санација на евентуално контаминираната зона. 

Граѓаните се жалат дека со денови тешко се дише, а дел од нив веќе побарале помош на Клиниката за токсикологија. 

Од Министерството за здравство информираа дека се извршени 13 интервенции од Итната медицинска помош во реонот на Трубарево. Министерот за здравство, Азир Алиу, вели дека се следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици.

„Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб што веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите“, вели Алиу. 

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во Дневникот на Сител ТВ, говорејќи за последните случувања со пожарите на депониите, рече дека ситуацијата е стабилизирана. Според него, параметрите на загадување не се животно загрозувачки, како што некој се обидува тоа да го каже.  

„Нема радиоактивност во воздухот“ 

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) веќе се произнесоа дека во моментот нема отстапки во вредностите за радијација во воздухот и почвата по пожарот во Трубарево. Не се регистрирани ниту тешки метали во примероците од вода од засегнатото подрачје по пожарот во Трубарево. Се очекуваат резултатите за радијација во водите и тешки метали од почвата. По препорака на Државниот инспекторат за животна средина, ИЈЗ изврши анализа на вода од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарениот магацин.

Министерството за животна средина и просторно планирање издаде забрана за пристап и движење на локацијата на пожарот, а во наредните седум дена, акредитирана лабораторија ќе врши 24/7 мониторинг на квалитетот на воздухот. 

По барање на Обвинителството, коешто го истражува случајот, и Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на АРМ, со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. 

Пожарот изгаснат - последиците од загадувањето остануваат

Пожарот во скопско Трубарево е целосно изгаснат, опожарената површина е затрупана со песок и земја, а состојбата во депонијата „Дрисла“ е значително подобрена, информираше Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Во пожарот кој избувна во објектот за рециклирање на „Ф-Групација“ во Трубарево, се претпоставува дека гореше отпад на електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила и друго.

Според директор на Управата за животна средина, Игор Никоски, компанијата Ф-Групација имала дозвола која е издадена на 12 мај 2021 година со важност до 12 мај 2026 година.  „Има одобрен елаборат за животна средина од 19 февруари 2021 година согласно елаборатот на 7 мај 2021 година, стручни служби од Управата на лице место констатирале дека Ф-Групација може да започне со работа. Станува збор за отпад од електрична и електронска опрема, електрични батерии, акумулатори“, вели тој.

Согласно дозволата, компанијата имала право да третира до 20 тони неопасен отпад и до 500 килограми опасен отпад дневно. 

„Треба да се знае кога горат литиум - јонски батерии најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (HF), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето доколку е во затворен или полузатворен простор. Според европската агенција за хемикалии (ECHA) HF е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре, како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични“, посочуваат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. 

Препораки за заштита 

Токсикологот Андон Чибишев ги советуваше граѓаните да преземат мерки за заштита. „При горење на електронски отпад се ослободуваат голема количина на екстремно токсични гасови кои содржат јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, фруорводород, пареи од тешки метали ( олово, жива, кадмиум, арсен). Овие отровни гасови можат сериозно да го загрозат здравјето на децата, бремените жени, хроничните болни (срцеви, белодробни, малигни заболувања)“, порача тој во објава на социјалните мрежи. 

Затоа се апелира до граѓаните да користат прочистувачи за воздухот во домовите, да избегнуваат подолги престои и физичка активност на отворено, да носат маски, да земаат витамини и повеќе течности. Според Чибишев, првата битка со несреќата која се случи – горењето на двете депонии и пожарот во Трубарево – полека се стабилизира, но нема време за опуштање.

„Ова се денови кога мораме да ги заштитиме најмилите“, вели тој. 

Отпад на Вардариште
Пожарите на депониите се изгаснати, но последиците од загадувањето остануваатФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерството за образование одлучи основците во четири училишта во скопската Општина Гази Баба, во близина на Трубарево, да преминат на онлајн настава до петок, поради загадениот воздух од пожарот што изби завчера во магацинот во Трубарево.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, во меѓувреме донесе одлука за затворање на нестандардната депонија за отпад во Никуштак, општина Липково. Мерката е донесена со цел заштита на животната средина, животот и здравјето на граѓаните, бидејќи постоечката локација за отстранување на комунален отпад во Никуштак не ги исполнува еколошките стандарди.