1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиПеру

Мртви и повредени во железничка несреќа кај Мачу Пикчу

СН/агенции | АРД
31 декември 2025

Во близина на светски прочуената туристичка атракција Мачу Пикчу во Перу, машиновозач загина кога се судрија два воза. Најмалку 30 лица се повредени.

https://p.dw.com/p/569XF
Оштетен воз од судар на шините
Многу туристи меѓу повредените во железничката несреќа кај Мачу ПикчуФотографија: Carolina Paucar/AFP

Два воза со туристи се судрија во близината на прочуениот древен град Мачу Пикчу во Перу. Во несреќата, еден машиновозач го загуби животот, објави портпаролот на полицијата во Куско. Најмалку 30 лица се повредени, меѓу кои наводно имало многу туристи.

Според железничкиот оператор, воз кој доаѓал од Мачу Пикчу се судрил со друг воз кој одел кон таа насока. Несреќата се случила недалеку од друго археолошко наоѓалиште, Коривајрачина. Понатамошни детали засега не се познати. Брза помош и медицински персонал биле испратени на тешко достапната локација во оддалечениот дел од Андите.

1,5 милиони посетители годишно

Околу 1,5 милиони луѓе го посетуваат Мачу Пикчу годишно, од кои повеќето патуваат со воз до блискиот град Агуас Калиентес. Во последните десет години, бројот на посетители се зголемил за околу 25 проценти.

Спасувачи пренесуваат повреден патник од воз вклучен во несреќа
Спасувачи пренесуваат повреден патник од еден од возовите вклучени во несреќатаФотографија: Carolina Paucar/AFP

Во исто време, туризмот во регионот повремено е засегнат од политички немири и спорови околу управувањето со локалитетот. Демонстрантите понекогаш ја блокираат железничката линија кон античкиот комплекс.

Светско наследство од 1983 година

До Мачу Пикчу може да се стигне и пеш од малото гратче Олантајтамбо. Пешачката тура трае околу четири дена. Комплексот, познат по своите совршено поставени камени блокови, бил изграден од Инките во 15 век и служел како засолниште за владетелите на империјата. Од 1983 година, Мачу Пикчу е дел од светското културно наследство.