1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Македонската Армија слави 30-годишен јубилеј
Македонската Армија слави 30-годишен јубилејФотографија: MIA

Пендаровски: Армијата е кохезивна сила на општеството!

Катерина Блажевска
18 август 2022

Како држава го постигнавме нашиот, досега најголем надворешнополитички успех, во голема мерка благодарение на Армијата, вели Врховниот командат по повод 30-годишниот јубилеј на АРМ.

https://www.dw.com/mk/pendarovski-armijata-e-kohezivna-sila-na-makedonskoto-opstestvo/a-62844607

Професионална, ефикасна, храбра и посветена на безбедноста, но и успешна во поддршка на државните институции во мирновременски услови при справување со пожари, поплави и други непогоди. Ако некој со години е на врвот според довербата што ја има кај граѓаните, тоа е токму таа - македонската Армија, која денеска (18.08) слави 30-годишен јубилеј. За нејзин роденден е избран 18-ти август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија.

Јубилејот го прославува во време кога земјата е веќе две години членка на НАТО.

„Армијата беше главниот двигател за нашето членство во НАТО. Уште на самите почетоци, државата ја дизајнираше македонската одбрана со јасна цел и намера - еден ден таа да биде целосно интегрирана во евро-атлантскиот безбедносен систем“, вели за ДВ претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.

„Иако минавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи, Армијата постојано се реформираше и помогна да не отстапиме од реализација на нашата стратешка цел. Како држава го постигнавме нашиот, досега најголем надворешнополитички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа“, оценува Врховниот командат.

Пендаровски: Армијата беше главниот двигател за нашето членство во НАТО
Пендаровски: Армијата беше главниот двигател за нашето членство во НАТОФотографија: President of North Macedonia

Пендаровски потенцира дека Армијата продолжува да биде најважниот влог во колективната одбрана.

„Нашите војници активно придонесуваат кон мирот и безбедноста во светот во мировните мисии во Босна и Херцеговина, во Либан, во Централно Африканската Република, на Косово и во НАТО-мисијата во Латвија. Армијата е кохезивна сила на македонското општество, обединувајќи ги нашите етнички, верски и јазични разлики во лојалноста кон нашата заедничка татковина. Важен дел од трансформацијата на Армијата беше, а ќе биде и понатаму, сè поголемата вклученост на припадниците на немнозинските етнички заедници, и на жените, во сите армиски структури, на сите нивоа“, посочува Врховниот командант.

Многу предизвици

Пред три децении нејзиниот пат не беше ни лесен ни спокоен. Додека во Југославија забрзано се одвиваа процесите за разделба на федералните единици, главната македонска заложба остана ЈНА да не се вмеша во тие процеси.

„Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе!“, беше ставот на тогашниот македонски претседател, Киро Глигоров.

На 21-ви февруари 1992 година Глигоров и претставникот на федералната армија, генералот Благоја Аџиќ, потпишаа договор за дислокација на ЈНА од Македонија со краен рок до 15-ти април. ЈНА целосно се повлече на 27-ми март 1992 година.

Македонските војници организирани во територијална одбрана (ТО) успешно го извршија преземањето на границите и воените објекти. АРМ се формираше буквално врз средствата што и припаѓаа на територијалната одбрана, откако ЈНА замина со сето оружје и опрема од Македонија.

Армијата го прославува јубилејот во време кога земјата е веќе две години членка на НАТО
Армијата го прославува јубилејот во време кога земјата е веќе две години членка на НАТОФотографија: Verteidigungsministerium Mazedonien

На 14-ти април во касарната во Охрид пристигна првиот македонски регрут - Панче Јамандиев од Велес, а следниот ден во касарните во Скопје, Битола, Штип и во Охрид беше примена првата генерација војници во АРМ, со што и почна формирањето на вооружените сили на Република Македонија.

- повеќе: Стратешки дијалог: Македонската армија ќе се модернизира со 40 милиони долари помош од САД

Армијата имаше тешки предизвици во почетокот на нејзиното формирање, кога се развиваше со минимум средства. Втор и најголем предизвик беше конфликтот 2001 година, а потоа се соочи со период на стагнација во нејзината модернизација и развој.

- повеќе: Северна Македонија развива лесна пешадиска баталјонска група за во НАТО

Вештини на дело

Во изминатите неколку години, со континуирано зголемување буџетот за одбраната тој процент се движи кон посакуваните 2% од БДП. Се исполни и уште една од обврските за земјите членки на НАТО произлезена од Самитот во Велс - а тоа е повеќе од 20% од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација.

Македонски војници во Авганистан (21.11.2018)
Македонски војници во Авганистан (21.11.2018)Фотографија: Mazedonische Regierung/Verteidigungsministerium

„Бевме сами, а сега сме дел од една милијарда луѓе под колективниот безбедносен чадор на НАТО. Армијата има за што да биде горда пред своите граѓани затоа што вие чесно, мотивирано и професионално си ги извршувате своите задачи, но и многу повеќе од тоа. Способностите на Армијата не се само зборови на хартија, туку вештини на дело“, им порача на армиските припадници министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на вчерашната свеченост во Домот на Армијата во Скопје.

Синоќа на Воениот стадион се одржа презентација на вештините на армиските специјалци, но и на новите шест оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа во земјата, а кои значително ќе ја подобрат борбената готовност на Армијата. До крајот на годината се очекува да стигнат уште 27 такви транспортери.

Централната свеченост по повод одбележување на јубилејот ќе се одржи денеска во касарната Илинден во Скопје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Членството во Европската политичка заедница не е замена за членството на С.Македонија во ЕУ, во повеќе наврати беше нагласено во Брисел

Прашки самит, европска зима и македонски очекувања

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница