Палењето возила предизвика нови тензии со Бугарија
16 јуни 2026
Инцидентот со палењето возила пред бугарската амбасада во Скопје предизвика силни реакции во Северна Македонија и во Бугарија, отворајќи прашања за мотивите и можните последици врз билатералните односи.
Полицијата експресно реагираше и приведе 44-годишен маж од Скопје, кој е осомничен за инцидентот. Распитот треба да ги открие мотивите за палењето на возилата.
Силна осуда за инцидентот
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди инцидентотво кој беа запалени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, посочувајќи дека сторителот е брзо идентификуван и приведен.
„Мојот став е ист како оној на Владата, силно го осудуваме овој кривично-правен настан. Лицето што е сторител на овој настан е обезбедено и во моментот трае распит за да ги видиме мотивите и што придонело да се случи ова“, кажа тој во гостување во централниот дневник на ТВ Алсат,
На прашањето дали станува збор за изолиран случај, Мицкоски рече дека ќе се воздржи од дополнителни коментари додека трае истрагата, додавајќи дека осомничениот го признал делото и дека повеќе детали се очекуваат по завршувањето на распитот.
Остра реакција од Бугарија
Осуда за инцидентот пристигна и од македонските власти и од Министерството за надворешни работи на Бугарија. Од бугарското МНР оценија дека палењето е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза, упатувајќи критики за недоволен институционален одговор во претходни случаи.
Бугарската претседателка Илијана Јотова исто така реагираше со остра осуда на инцидентот:
„Најостро го осудувам палењето на дипломатски возила во бугарската амбасада во Македонија. Ова не е обично кривично дело, туку неприфатлив напад врз дипломатска мисија, што ја доведува во прашање способноста на властите во С. Македонија да ја гарантираат безбедноста на странските дипломатски мисии во согласност со нивните меѓународни обврски“, вели таа.
Според Јотова, загрижувачки е што овој инцидент се случува во позадина на „континуирана антибугарска реторика и атмосфера на нетолеранција, која со години останува без потребниот институционален отпор“.
„Ваквите дејствија не се случуваат во вакуум - тие се директна последица на всадувањето омраза и неказнивост“, вели таа и додава:
„Очекувам итна, транспарентна и ефикасна акција од страна на надлежните органи во Македонија за идентификување и казнување на сторителите и нивните можни поттикнувачи. Брзината и решителноста на реакцијата ќе бидат јасен тест за посветеноста на С. Македонија на принципите на владеење на правото, добрососедските односи и европските вредности. Европската интеграција не е само политичка цел, туку и одговорност“.
Според Јотова, земја која се стреми кон членство во Европската Унија мора безусловно да ја гарантира безбедноста на дипломатските мисии, да се спротивстави на говорот на омраза и да демонстрира почит кон своите соседи не само со зборови, туку и со дела.
Комуникација со Бугарија и став на МНР
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, телефонски разговараше со бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова и најостро го осуди инцидентот.
„Министерството дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел да се утврди одговорноста и сторителот соодветно да биде санкциониран“, изјави Муцунски.
Македонската Влада оцени дека станува збор за вандалски и недозволив чин. Во соопштението се наведува дека ваквите постапки претставуваат напад врз безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право.
„Како влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии ќе биде санкциониран“, стои во соопштението.
Амбасадата на Франција: Ништо не може да го оправда ваквиот напад
И Амбасадата на Франција во земјава остро го осуди вчерашниот инцидент кога беа запалени две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје.
„Изразуваме целосна солидарност со персоналот на Амбасадата на Бугарија. Ништо не може да го оправда ваквиот напад врз безбедноста на дипломатските претставништва, која мора да биде загарантирана во сите околности“, велат од Амбасадата на Франција.
Тие ја поздравија брзата реакција на властите во С.Македонија и преземените напори за целосно расчистување на инцидентот и ги охрабрија властите во Скопје и Софија да работат на создавање клима на доверба во нивните билатерални односи.
Приведен осомничен, пронајдени докази
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека е приведен 44-годишен маж од Скопје. Пронајдена е и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото. МВР во координација со јавен обвинител, преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На веб-страницата на МВР е објавено видео на кое се гледа сторителот како ги пали двете возила по што бега од местото на настанот.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски порача дека насилство нема да биде дозволено, ниту толерирано.
Инцидентот се случува во чувствителен период во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Бугарските медиуми известуваат опширно за инцидентот и потсетуваат дека ова е втор напад врз бугарски дипломатски имот во Скопје во последните шест месеци. Во јануари 2026 година беше оштетено стаклото на дипломатскиот објект. Претходно имаше инцидент во бугарскиот клуб во Охрид.