Потрошувачка кошница: месечно едвај и со 65.000 денари
20 ноември 2025
Ниту 65 илјади денари не се доволни за едно четиричлено семејство да ги покрие основните месечни трошоци. Последните анализи на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) покажуваат дека за минимални трошоци во ноември едно просечно семејство одвоило 65.173 денари.
Оваа сума е за 371 денар помала од октомври, кога беа потребни 65.544 денари, но е повисока од септември (65.077 денари). Според пресметките на ССМ, ако семејството живее под кирија, трошоците се значително поголеми. За изнајмен стан од 60 м², минималните месечни трошоци достигнуваат 80.548 денари.
Најголем дел од буџетот оди на храна и домување
Најголем дел од потрошувачката кошница и понатаму се основните потреби – храна и домување. За храна и пијалоци потребни се 23.534 денари, а за режиски трошоци околу 6.130 денари. Останатиот дел покрива превоз, облека, здравје, хигиена, култура и образование.
Цените растат, платите стагнираат
Во споредба со октомври лани, цените на храната и безалкохолните пијалаци се зголемени за 7%. Најголем удар има кај овошјето (+21 %), месото и маслото (+10 %), лебот и житариците (+5,5 %), а кафето, чајот и какаото – дури +26 %.
Владата најави нов начин на пресметување на минималната потрошувачка кошничка, со можност за пет различни пресметки. Премиерот Христијан Мицкоски на 6 ноември изјави дека проекциите за инфлацијата во 2025 година се меѓу 3,5 и 4 %. Народната банка прогнозира дека инфлацијата оваа година ќе изнесува 3,9 %.