Дел од партиите не ставија потпис на Кодексот за фер избори
17 април 2024Пред почетокот на кампањата за парламентарните избори на 8 мај, претставници на политичките партии и коалиции во Кристалната сала на Собранието го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. Најголемиот дел од партиите го потпишаа кодексот, но седум помали партии не се обврзаа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс во предизборната кампања.
Претседателскиот кандидат и лидер на Гром, Стевчо Јакимовски како за претседателските, така и за парламентарните избори одби да го стави својот потпис на кодексот, а тоа не го сторија ниту од „Демократи“ и „Работничка партија“, а претставници од четири партии воопшто не присуствуваа на настанот.
„Трошки за помалите партии“
Главната причина за ваквата нивна одлука, велат дека е неправедната распределба на средства од државниот буџет за изборен маркетинг на политичките партии.
„Огромни суми се издвојуваат само за четири коалиции и политички партии, а трошки за помалите политички партии. Идејата за државното финансирање на изборната кампања, на изборниот процес е да се поттикне политичкиот плурализам, да се поттикне повеќепартискиот систем. Тоа значи да се поттикне и јавување на нови политички партии, идеи, нови мисли и програми, а не е идејата да се финансираат главната политичка партија на власт и главната опозициска партија“, рече Стевчо Јакимовски.
Втората причина, според него, е затоа што носители на листи учествуваат во претседателската кампања.
Порака за фер избори
Според претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите.
„Најголемиот дел од претставниците на политичките партии го потпишаа Кодексот и се надевам дека со потпишувањето ќе се грижат за спроведување на тие правила, бидејќи тоа не е нешто што е задолжително. Задолжително е да се организира настанот, меѓутоа почитувањето зависи од етиката која што ја применуваат. Што повеќе се почитуваат овие правила, тоа повеќе демократијата е на повисоко ниво во земјата, бидејќи нашата основна цел е влез во ЕУ, а таму важат овие принципи“, рече Даштевски по потпишувањето на Кодексот.