1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции за бугарските клубови: Насилството не е решение

ДТЗ
13 октомври 2022

Евроамбасадорот Дејвид Гир не сака да навлегува во толкување на историјата во случајот со бугарските клубови со контроверзни имиња. Тој вели дека Македонија има добро досие за односите меѓу заедниците во земјата.

https://p.dw.com/p/4I7OA
клуб „Цар Борис Трети“ Охрид
Отворањето на бугарските клубови со контроверзни имиња во Северна Македонија е провокација, која не придонесува за добрососедските односиФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Отворањето на бугарските клубови со контроверзни имиња во Северна Македонија е провокација, која не придонесува за добрососедските односи. Но, насилството не е решение - порача денеска вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ. Тој вели дека за Северна Македонија, како демократска држава, членка на НАТО, членка на СЕ, членка на ОБСЕ и кандидат за членство во ЕУ, е многу подобро да ги решава овие прашања институционално, наместо со насилство. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир не сака да навлегува во толкување на историјата, во однос на отворањето на бугарските клубови со контроверзни имиња. Според него, Македонија има добро досие што се однесува на односите меѓу самите заедници во земјата. 

„Многу е важно правата на различните заедници да се почитуваат. Исто така е многу важно дека ќе се направат напори од сите страни за да се промовира заемно разбирање и да се избегнуваат тензии. Што се однесува на овој посебен инцидент што се случи пред неколку дена, Министерството за надворешни работи излезе многу јасно и кажа дека линијата беше пречекорена во врска со ова прашање. Толку имам да кажам“, рече Гир во врска со отворањето на двата бугарски клуба со контроверзни имиња во Охрид и во Битола -  „Цар Борис Трети“ и „Ванчо Михајлов“. Кратко време по отворањето и во двата клуба се случија инциденти - битолскиот беше опожарен, а во Охрид е искршена таблата со натписот на клубот. Четириесет и седумгодишен охриѓанец денеска (13.10) сам се пријавил во полицијата дека ја оштетил таблата, за што ќе биде покрената соодветна постапка. 

Повеќе опции во игра

Во најава е отворање на уште еден клуб во Богданци - „Цар Фердинанд“, кој што е под лупа на институциите. Маричиќ смета дека и Централниот регистар и надлежните судови и јавното обвинителство имаат опции и по постоечките закони да дејствуваат за зачување на јавниот ред и мир и јавната безбедност.

Nord-Mazedonien - Justizminister, Bojan Maricik
Бојан Маричќ смета дека земјата треба да ги решава овие прашања институционално, место со насилствоФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

„Централниот регистар веќе постапува во некој од овие случаи, но во тек е и работата на ад хок групата која ја формираше Министерството за правда за да се направат законски измени за дефинирање на прашањата поврзани со називите на здруженијата“, вели Маричиќ.

Северна Македонија во моментов има еден од најлибералните закони во Европа за здруженија и фондации, поради што ќе се направат измени во рамки на меѓународните и европските конвенции за да се избегнат вакви ситуации.

„Отворањето на кој било клуб и чие било здружение во Северна Македонија не е проблем само по себе, но кога тоа ќе се нарече по контроверзни личности, секако дека е предизвик за јавната безбедност и јавниот ред и мир како што видовме“, смета Маричиќ. Премиерот Димитар Ковачевски деновиве најави дека ќе се видат странските искуства и праксата во други земји, при што ја посочи Германија како пример, чие законодавство може да се примени и во земјата.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во утринската програма на националната телевизија, се заложи за изнаоѓање механизми за да се забрани регистрација на какви било клубови кои, пред сѐ, ќе ги повредуваат националните чувства на македонскиот народ.

„Ги осудувам сите овие клубови кои што ги отвораат токму во овој момент. Секој од нас може да постави прашање, зошто досега не се отвораа вакви клубови, туку токму сега, кога започна интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ?“, истакна Спасовски. Тој потенцираше дека историски факт е оти Бугарија била дел од фашистичката оска и не е логично тие кои бараат начин да се оттргнат од тоа минато, тука да промовираат имиња на фашисти по клубови.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема