Не смее да се штеди на екологија, безбедност и здравје!
15 септември 2025
Мерна станица го мери квалитетот на воздухот на местото каде избувна пожар во скопско Трубарево, маските од периодот на пандемијата се вратија „во живот“, граѓани повикуваат на протести, премиерот посочува - вакви подметнувања и диверзии ќе има, затоа што има центри на моќ во државата, но и надвор, коишто не сакаат оваа Влада да успее.
Трите големи пожари за неколку дена во две депонии и магацин за складирање и рециклирање електронски отпад, и натаму го подгреваат сомнежот околу „случајноста“ на случувањата.
„Премногу е индикативно колку пожари се намножија во очи на изборите, за да не се помисли на потпалувања и диверзии“, вели Лилјана Поповска, инженер технолог, м-р по технички науки, претходно и лидер на една од зелените партии.
„Застрашувачка е самата помисла за можните мотиви и профилот на тие што евентуално посегнале по ова. Кому му требало уништување на складиште за електронски отпад во Трубарево и масовно труење на жителите на Скопје?“, вели таа за ДВ.
Ревизија на сите еколошки дозволи
Додека трае справувањето со штетите, но и стравот за здравјето на граѓаните, анализата за она она што е направено во изминатите години за да се превенираат вакви случаи, покажува отсуство на резултати. Поповска прашува - зошто нема соодветна заштита и надзор над објекти од ризични категории и зошто воопшто уште постојат депонии од типот на Вардариште, Дрисла и други слични низ земјата.
„Зошто регионални центри за управување со смет - според современи еколошки стандарди со повеќестепена селекција и преработка - се уште не го видоа денот, иако одамна има стратегии, планови, обезбедени европски средства? До кога политичките и бизнис зделки, зачинети со незнаење и корупција, ќе не држат сите нас закопани во буништа? До кога ќе го чекаме законот за контрола на индустриски емисии, против загадување на воздухот? До кога ќе се молиме за темелна ревизија на сите еколошки интегрирани А и Б дозволи, ама и на еколошките елаборати, кои се една темносива зона уште при издавањето? Ова го барам зашто најголем дел од дозволите на индустриските објекти се давани пред години, а оттогаш драматично се сменети многу технологии, некои се издадени од неуки службеници, други од подмитени", посочува Поповска.
Освен содржината на дозволите, според неа, под знак прашање може да биде и инспекцискиот надзор над нивно спроведување, знаејќи колку малку инспектори за животна средина има во Македонија, околу 50-ина до скоро, наспроти големиот број мали и големи индустриски објекти.
Постапка за четири лица
Основното јавно обвинителство Скопје вчера поведе постапка против 4 лица поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело - Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кои од судија на претходна постапка побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази. Станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице.
„Се испитува потенцијална одговорност и на други лица. Јавниот обвинител издаде повеќе наредби за обезбедување докази по кои се уште постапуваат надлежните органи, а се очекуваат и резултатите од извршените мерења на загадувањето од Министерството за животна средина“, соопшти ОЈО Скопје.
Додека Обвинителството испитува потенцијална одговорност и на други лица, во јавноста се редат прашања - кој издал дозвола за рециклирање електронски отпад во населено место?
Мерки за превенција
Според екологистите, за да се избегнат тешки последици, мора силно да се зајакне превенцијата. На овој клучен аспект укажува и Поповска.
„Во прописна дозвола за работа треба да стојат и мерки за превенција од пожари, истекувања, оштетувања на инсталации и други еколошки хаварии. Треба да има и предвидени мерки за постапување во случај на хаварија, итно реагирање, известување на соодветни институции и јавноста. Гледајќи колку ‘едноставно' ни се случуваат несреќи со толкави штети, може да претпоставиме со голема точност дека многу од овие документи се непотполни или непрописни, дека нема обучени луѓе да ги применат“, констатира Поповска.
Таа потсетува дека постојат закони за обврски на државата во врска со безбедноста на луѓето, објектите и животната средина, но и прецизни европски и светски стандарди за тоа што, колку и какви средства и опрема треба да бидат набавени, контролирани и извежбани за заштита на јавните и приватните објекти.
„Но најчесто, ниту се набавиле поради ‘немање пари', ниту се обучиле луѓе, па спасувањата се сведуваат на херојството на поединци. Доста се цицијаши на буџетите - и државни и општински, кога се работи за заштита! Не смее веќе некој да ‘штеди' на екологија, безбедност и здравје! Дојдено е време кога и политичарите од сите бои и идеологии, не само зелените, мора да изградат повисока еколошка свест. Само критична маса еколошки свесни политичари ќе ги направи спасоносните промени!“, повикува Поповска.
Колку токсичен отпад изгорел?
Скопјани ги чекаат резултатите од мерната станица, но прашуваат и колкаво количество токсичен отпад изгорел?
Според ОЈО, се преземаат дејствија на проверки во таа насока.
Институтот за јавно здравје вчера информираше дека во моментот нема отстапувања од нормалните референтни вредности, односно, радијација во воздухот.
„Нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или на ризик за здравјето на граѓаните“, соопшти ИЈЗ.
ИЈЗ вчера испратил вонредни обучени екипи по насока на Инспекторатот за животна средина, Министерство за здравство и кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје, за физичко-хемиска анализа, како и примероци од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење. Од ИЈЗ повикаа граѓаните и натаму да ги следат нивните препораки за заштита на здравјето.