1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеќавање: 83 години од депортацијата на Евреите во Треблинка

11 март 2026

Македонија ја одбележува 83-годишнината од депортацијата на 7.144 Евреи во Треблинка. Пораки против омразата и негување на сеќавањето.

https://p.dw.com/p/5A9rW
Меморијален центар на холокаустот на Евреите во Македонија - 23.01.2018
Македонија ја одбележува 83-годишнината од депортацијата на 7.144 Евреи во Треблинка.Фотографија: DW/K. Delimitov

„Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата – наша историска одговорност“, порача премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 83-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка, еден од најстрашните симболи на Холокаустот.

Мицкоски истакна дека денес стоиме во тишина и со длабока почит пред една од најболните страници на македонската историја. „Во март 1943 година, повеќе од седум илјади наши сограѓани – Евреи од Скопје, Битола и Штип – беа насилно одземени од своите домови и депортирани во логорот на смртта Треблинка. Зад бројките стојат имиња, семејства, соништа и судбини. Со нивното исчезнување, Македонија изгуби дел од својата душа“, рече премиерот.

Тој нагласи дека денес не се сеќаваме само на трагедијата, туку и на обврската да се спречуваат омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата во општеството.

„Историјата нè учи дека злото започнува со збор, со предрасуда и со рамнодушност. Затоа ја обновуваме нашата заклетва дека ќе ја чуваме вистината, ќе го негуваме сеќавањето и ќе ја браниме човечката достоинственост. Македонија отсекогаш била дом на различности“, додаде Мицкоски.

Комеморации во Македонија и Полска

На одбележувањето зборуваа и претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и германската амбасадорка Петра Дрекслер. Присутните положија цвеќе пред спомен-обележјето во поранешниот Монопол во Скопје.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во вторникот (10.03) присуствуваше на комеморацијата во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, каде оддаде почит на депортираните македонски Евреи и положи венец пред спомен-обележјето.

Полска | Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, каде оддаде почит на депортираните македонски Евреи и положи венец пред спомен-обележјетоФотографија: North Macedonia

Историски контекст: Депортацијата и логорот Треблинка

Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, Евреите од Битола, Штип и Скопје биле собрани во скопскиот Монопол и со три транспорти испратени кон Треблинка во окупирана Полска. Депортациите се одвивале од 22 до 29 март 1943 година. Ниту еден од депортираните 7.144 македонски Евреи не се вратил.

Меѓу август 1942 и септември 1943 година, во Треблинка биле убиени околу 925.000 луѓе, што го прави еден од најсмртоносните логори на Холокаустот.