#MeToo не е доволно - наведете имиња! | Свет | DW | 18.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

#MeToo не е доволно - наведете имиња!

Тоа што сѐ повеќе жени постираат #MeToo, ги покажува димензиите на сексуалните напади и вознемирувања. Тоа нема ништо да промени, сѐ додека жените не соберат храброст да ги именуваат извршителите, оценува Сара Хофман.

USA Schauspielerin Alyssa Milano Protest in New York City (Reuters/C. Allegri)

Актерката Алиса Милано е иницијаторка на кампањата #MeToo

И јас го променив својот статус на Фејсбук. Таму сега стои #MeToo. Исто како и кај голем број мои пријателки и илјадници жени ширум свет. Знак на солидарност со сите оние кои во изминатите недели јавно објавија дека биле сексуално вознемирувани, ставани под притисок или дури и силувани од страна на холивудскиот продуцент Харви Вајнстин. Тоа треба да ги охрабри оние кои досега не зборувале јавно за доживеаното - од срам или од страв од последиците.

Идејата е: ако секоја жена која доживеала сексуални напади постира #MeToo, тоа ќе го покаже обемот на сексуално насилство врз жените. Во таа смисла кампањата на социјалните медиуми е успешна. Според статистиката, секоја трета жена во Германија е погодена од сексуализирано и/или телесно насилство. Ако деновиве се погледне она што се случува на Фејсбук и Твитер, станува јасно: сексуални напади, можеби и „само“ од вербален вид, секоја жена доживеала барем еднаш во животот.

Кој зграпчувал, се заканувал, силувал?

Па, сепак - имам проблем со оваа кампања. Зашто, таа ништо нема да промени. Сѐ додека ние жените (само малку мажи досега го имаат ставено хаштагот) не собереме храброст да станеме конкретни, извршителите ќе се извлекуваат. #MeToo може да значи сѐ: од вербално сексуално вознемирување сѐ до силување. Од напад во подземната железница сѐ до сексуално уценување од страна на шефот. Меѓутоа, пред сѐ, #MeToo не дава имиња. Кој зграпчувал, се заканувал, силувал?

Hofmann Sarah Kommentarbild App

Сара Хофман

Пред многу години со една колешка шетав низ стариот дел на Ерусалим, кога едно младо момче, на 12-13 годишна возраст, се понуди да ни покаже скратено патче кон познатата Виа Долороса. Се согласивме, попатно кажавме по некоја шега, се радувавме што тој толку добро зборува англиски. Сѐ додека не забележав дека одиме во погрешна насока! Кога го прашав, ме притисна до ѕидот на најблиската куќа и ме зграпчи меѓу нозе. Сето тоа се случи толку бргу, што мојата единствена реакција беше да му истурам шише со вода в лице, кое случајно го имав в рака. Тој избега, а на крајот на инаку празната уличка стоеја три момчиња - веројатно целта на нашето „скратено патче“. Моравме да бегаме.

Јас имав среќа. Не бев силувана. И досега не сум доживеала никогаш сексуално уценување од страна на претпоставените. Па, сепак: до денес уличките во стариот дел на Ерусалим ми предизвикуваат нелагодност, Тие ме потсетуваат на бесот кој го чувствував. Ме потсетуваат на извршителот и на себе. Зашто бев толку глупава да го следам. До денес на многу малку луѓе им имам раскажно за тоа.

Раскажете ја Вашата приказна - до детал!

Можам да замислам низ што минуваат жените кои по напад уште мораат да стравуваат и за својата кариера. Да стравуваат за сѐ што професионално изградиле. Во многу делови од светот мораат да стравуваат и од загуба на признанието, да се плашат за „семејната чест“. Разбирливо е што повеќе сакаат да молчат.

Ако сега постирате #MeToo, тоа би можело да биде првиот чекор да се излезе во јавност. И, колку повеќе жени известуваат конкретно за она што им се случило, толку подобро се ослободуваат од срамот. Драги жени, не сте вие виновни, туку извршителите! Значи, раскажете ги вашите приказни - на Твитер, Фејсбук, во полиција. Известете детално што се случило. И, доколку го знаете името на насилникот, кажете го! Само така може нешто да се промени.

 

Реклама