1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Метафората „пиреј“ на Петре М. Андреевски и Македонците

Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе
7 август 2023

Зошто современите Македонци и денес се гледаат себеси како „пиреј”? Зашто таа улога често е само изговор за да не се преземе одговорноста за сопствената состојба. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4UqC9
Роман Пиреј, Петре М. Андреевски
Романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски е првобитно издаден во 1980 година Фотографија: DW/B.Georgievski

Кај многу Македонци во последниве години стана омилено да се препознаваат себеси во метафората „пиреј“. Претпоставувам дека нејзината омиленост во интелектуалните кругови се должи повеќе на култното место на Петре М. Андреевски во македонската литература, отколку на сериозната анализа за значењето на оваа метафора за Македонците денес. Од друга страна, патриотската реторика на некои партии во последните години често се послужуваше со метафорава, така што е многу веројатно дека има Македонци кои себеси се гледаат како „пиреј”, иако никогаш не го прочитале романот на Андреевски. Затоа не е чудно што постои дури и новокомпонирана македонска песна „Пиреј се Македонците”, во чија содржина има многу малку од идејата за „пирејот” кај Андреевски. Новокомпонираната слика за „пирејот“ ја опева отпорноста на Македонците кои заминале во „туѓина“. Кај Андреевски, пак, Македонците се „племето” пиреј, кое „не го ништи ни една војска.“Додуша денес Македонците навистина некогаш заминуваат во туѓина од неволја, но, сепак, по слободна волја, а не под присила на туѓинска војска. Ако се „прочешла” интернетот, сигурно ќе се најдат и други примери за употребата на метафората „пиреј” кај денешните Македонци во сосем различни контексти од оној на Андреевски.

Искрено, никогаш не ме восхитувaше имагологијата на „пирејот” и кај Андреевски. Таа е опишана во мотото на романот. „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и Коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“ Романот раскажува приказна на македонска фамилија во Првата светска војна. Во тоа време низ Македонија поминуваат многу европски и балкански армии. Раскажано е и историското искуство на Македонците со промената на презимињата по српски или по бугарски јазичен урнек. Секако, легендарна е и сцената на фронтот кога едниот брат, мобилизиран во српската армија, во ноќта заробува бугарски војник, во кого по говорот го препознава својот помлад брат.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Сликата за менталната состојба на македонскиот народ во романот е трагична. Сите ликови, но особено жените, живеат во свет полн со суеверие и магија.

Народните обичаи при раѓањето на детето се само заштита од уроци и безбројни други зла. Сите, и жените и мажите, се чувствуваат заробени во тој зол свет, небаре се проколнати. Дури и комитите, кои денес во патриотската идеологија се многу омилени, кај Андреевски се само уште едно зло повеќе за обичните селани. Јон, главниот јунак, раскажува: „со комитите одев и не одев. Одиш, колиш и чекаш да те заколат.“ Во виорот на македонската историја, дури ни војводите кај Андреевски немаат друга формула за преживување по секоја нова војна, освен таа која им била позната на сите Македонци, како што илустрира еден разговор на главниот јунак со војводата: „Што ќе правиме сега, му велам на војводата, кај ќе одиме и што ќе се пишуваме сега?” Војводата на тоа му одговара: „Кај сакате одете, (...) што сакате пишувајте се!” Очигледно тоа е начинот на кој растението пиреј преживува. Тоа се прилагодува на околната средина. Ако тоа го примениме на Македонците во минатото, би можеле да речеме дека тие не заборавале дека се Македонци, дури и кога морале да прифатат да бидат асимилирани од соседните народи – за да преживеат. Тоа е логиката на војводата: „Пишете се како сакате!”

Недостиг на самодоверба и самосвест

Сепак, парадигмата „пиреј“ на Андреевски како modus vivendi на Македонците во минатото, малку ни помага да разбереме зошто некои од нив кога ќе прифателе некоја од пропагандите на соседните држави, брзо заборавале кои се и станувале поголеми Срби од Србите или поголеми Бугари од Бугарите? Австралискиот антрополог Лоринг М. Денфорт укажа на овој феномен пред повеќе од две децении, кога напиша дека само во македонската историја иста мајка во минатото можеше да роди и Грк и Бугарин и Србин. Одлучувачко за тоа било во какво училиште одел секој од нив. Метафората на Андреевски за Македонците како пиреј сигурно е применлива за обичниот народ, кој трпел и истрајувал под секакви асимилации и војни, под кои насилно им биле менувани презимињата и во кои тие гинеле за туѓи армии. Нивната мака произлегувала од тоа што немале своја, македонска држава. Во романот тоа јасно го кажува војводата кога вели „за држава треба цар, даскали, доктори, писари,(...) а ти имаш само болви и болвосерки. Македонија е само едно големо буниште...“

Андреевски со тоа многу јасно укажува зошто обичните селани морале да преживуваат како пирејот, кога ги кошкале од една војна и од една асимилација во друга. Затоа што се наоѓале во „големо буниште” и немале своја држава. Андреевски не го митологизира сознанието за модусот на преживување на Македонците во минатото во вечна митологија. Македонците не се осудени да бидат вечен пиреј, туку морале да се снаоѓаат на тој начин затоа што немале заштита. Да се идеализира и митологизира од страна на Македонците денес тоа својство, во услови кога тие живеат во своја држава, е симптом кој најчесто говори за недостиг на самодоверба и самосвест.

Издавачка куќа Гуголц / „Пиреј“ роман на Петре М. Андреевски
Романот „Пиреј“ е преведен и на германски јазик (осврт на романот на веб-страницата на издавачката куќа Гуголц)Фотографија: Guggolz Verlag

Зошто не сакаме раскошно да цутиме?

Ако пирејот одговара како метафора за отпорноста на „племето македонско”, затоа што, според Андреевски, Македонија тогаш била само „големо буниште”, тогаш како да се објасни омиленоста на оваа метафора кај современите Македонци? Зошто тие и денес се гледаат себеси како „пиреј”? Се вљубиле ли тие во меѓувреме премногу во улогата на жртва и на пиреј? Зашто таа улога често е само изговор за да не се преземе одговорноста за сопствената состојба. Македонците денес ги имаат сите претпоставки за „саглам” држава, кои ги наведува војводата. Додуша немаат цар, ама затоа претседател и премиер, доктори и даскали колку што ти душа сака, а уште повеќе писари. Зошто тогаш тие уште се гледаат себеси како троскотна трева, а не како најубавото плодно растение кое расте во Македонија? Зошто пиреј, а не, на пример, пиперка? Пиперката барем го прехранува народот, не само во летото, туку и во зимата. А зошто ние, Македонците, не ги избираме за наша симболика најубавите цвеќиња? Зошто не сакаме раскошно да цутиме, наместо само да преживуваме како пирејот?

Од психологијата знаеме дека тоа со што се идентификуваме влијае на нашиот карактер и на нашето однесување. Нели е крајно време да се ослободиме од сликата на светот во која владеат зли сили, кои биле против Македонците? Светот и светската политика се (и биле) секогаш само борба на интереси. Порано Македонците не учествуваа директно во таа борба, затоа што немаа држава. Сега имаат, но покрај државата потребно е да имаат и државничка мудрост и стратегија. И, бездруго, најважното: чесност, одгворност и професионалност во извршувањето на секоја должност. Горан Стефановски велеше дека проблемот на Македонците денес е што сите се „аги и бегови”, сите сакаат да владеат и да наредуваат, но не и да работат. А да се гради држава бара работа и мудра стратегија, сметаше тој. И имаше право!

Сметам дека е крајно време да се промени македонската парадигма и повеќе да не се идентификуваме со троскот, колку и да е жилав, зашто тој не раѓа плодови за храна, ниту пак е лековита билка. Доста е со „преживување” со мимикрија на пирејот. Доволно е што тој премногу се шири во напуштените македонски села и во нивните непосеани ниви. А како метафора тој треба да остане во литературата, како имаголошка слика за еден период од македонската историја на еден од најголемите македонски писатели. Денешните Македонци во својата прекрасна земја, која раѓа толку чудесни плодови, можат да најдат многу поинспиративни симболични слики за себе, кои ќе одговараат на нивната реална актуелна ментална и културна состојба.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема