1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Важи ли меѓународното право или владее правото на посилниот?

6 април 2026

Нападите на САД и Израел врз Иран отворија прашања за меѓународното право, а реакциите на германската влада предизвикаа жестоки критики од експерти и политичари.

https://p.dw.com/p/5BH6c
Уништена станбена зграда во Техеран, 23.03.2026
Уништена станбена зграда во Техеран по американско-израелскиот напад на 23 мартФотографија: Vahid Salemi/AP Photo/dpa/picture alliance

Соединетите Американски Држави и Израел изведоа вооружени напади на територијата на Иран, при што беа убиени членови на иранската влада и голем број цивили. Неколку недели претходно, американски специјални единици го киднапираа венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга, а акцијата исто така заврши со цивилни жртви. Правните експерти се речиси едногласни: двете операции се спротивни на меѓународното право.

Сепак, германскиот канцелар Фридрих Мерц се воздржа од јасна осуда. По нападите врз Иран изјави дека „мерките кои се во согласност со меѓународното право очигледно не постигнуваат резултат против режими кои развиваат нуклеарно оружје и брутално го угнетуваат сопствениот народ“. Во врска со киднапирањето на Мадуро, Мерц ја нарече правната ситуација „сложена“, избегнувајќи прецизен став.

Пред посетата на Белата куќа, канцеларот нагласи дека не сака да го „подучува“ американскиот претседател Доналд Трамп по прашањата на меѓународното право — став кој беше оценет од опозицијата како „додворување“.

Отворено писмо на експерти: „Поткопување на правниот поредок“

На 17 март група угледни научници и експерти за меѓународно право испратија отворено писмо во кое ја критикуваат германската влада и предупредуваат на последиците од нејзината воздржаност.

„Досегашните изјави на германската влада не покажуваат јасна осуда на постапките кои го кршат меѓународното право и со тоа придонесуваат за понатамошно поткопување на поредокот заснован на правила и институции во Европа и светот“, се вели во писмото.

Јанина Дил, професорка по право на Универзитетот Оксфорд и една од потписничките, за ДВ изјави дека „пресвртот на американската политика и отстапувањето од меѓународното право му нанесуваат огромна штета на правото“.

Нејзината колешка Ане Петерс, директорка на Институтот „Макс Планк“ во Хајделберг, предупредува дека неказнивоста може да доведе до промена на непишаните правила: „Ако нема реакција на прекршувањата, постои ризик забраната за употреба на сила да биде поткопана“.

Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц, 03.03.2026
За време на посетата на Доналд Трамп (лево) на 3 март, германскиот канцелар Фридрих Мерц не сакаше да му држи предавање на американскиот претседател за тоа дали нападите врз Иран се спротивни на меѓународното правоФотографија: Guido Bergmann/BPA/dts Nachrichtenagentur/IMAGO

Обвинувања за двојни стандарди

Особено внимание привлече фактот што канцеларот Мерц беше воздржан во случаите на Венецуела и Иран, но многу остро го осуди прекршувањето на меѓународното право од страна на Русија во Украина.

„Канцеларот се повикува на меѓународното право кога тоа политички му одговара“, оцени Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика.

Слични реакции доаѓаат и од државите од глобалниот југ. Тие тврдат дека Западот инсистира на меѓународното право само кога е во согласност со неговите интереси. Петерс појаснува дека државите немаат обврска да ги критикуваат сите прекршители на ист начин, но додава: „Секако дека кредибилитетот се нарушува кога слични случаи се третираат различно“.

Штајнмајер ја нарече војната против Иран - грешка

Малите држави зависат од меѓународниот поредок

Јанина Дил предупредува на растечкиот јаз меѓу воената моќ на големите сили и нивната волја да го почитуваат правото. Освен Русија и Кина, таа го вклучува и САД во групата држави кои се сè помалку заинтересирани за меѓународни норми.

Но, што можат да направат послабите држави - вклучувајќи ја и Германија?

„Ова би значело дека сите други држави имаат уште поголем интерес да се повикуваат на законот и колективно да се залагаат за него“, вели Дил. „Бидејќи апсолутно им се потребни норми, институции и правила за мирно решавање на конфликти - уште повеќе бидејќи големите сили дејствуваат послободно и произволно, непочитувајќи го меѓународното право, а понекогаш дури и загрозувајќи го“.

Фридрих Мерц и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, 06.05.2025
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер индиректно го критикуваше канцеларотФотографија: John Macdougall/AFP

Претседателот Штајнмајер индиректно го критикува канцеларот

Иако Мерц не сака да учествува во војна против Иран, тој и понатаму избегнува јасен правен став. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, спротивно на канцеларот, јасно порача дека војната против Иран, започната од Израел и САД, е „политички кобна грешка“.

Тој побара од германската влада да заземе јасен став: „Надворешната политика не може да биде убедлива ако не го наречеме кршењето на меѓународното право со вистинското име. Меѓународното право не е стара ракавица што се фрла кога така постапуваат другите“.

Невообичаено е претседателот јавно да му противречи на канцеларот за толку важно прашање. Мерц засега не реагираше.

Јенс Шпан, шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, пак, го повика Штајнмајер на воздржаност, истакнувајќи дека проценката за меѓународното право е „исклучиво надлежност на сојузната влада“.

Германската влада најави правна оценка и за американската акција во Венецуела од јануари, но наведе дека тоа „ќе потрае“. До денес, конечна проценка нема.

Кристоф Хаселбах, новинар на ДВ
Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика