1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГерманија

Хероините на женското движење во Германија

Зилке Винш
8 март 2024

Германските активистки за женски права не беа толку радикални колку „сестрите“ од Англија, кои не се воздржуваа ни од насилство. Но, и тие се бореа храбро.

https://p.dw.com/p/4dHQA
Берлин демонстрации за право на глас на жените во 1912 година
Жените од Берлин демонстрираа за право на глас на жените во 1912 годинаФотографија: akg-images/picture alliance

Кон крајот на 18 век жените во Европа започнаа да бараат повеќе права за себе. Уште тогаш учествуваа во револуционерни акции, пред сѐ во Франција, која по револуцијата во 1789 година го подготви теренот за човекови права и еднаквост. Во Германија требаше да помине уште половина век додека се собере критична маса на жени за политички да се ангажира. 

Пионерката

Во 1843 година една млада жена по име Луизе Ото-Петерс во јавноста гласно го застапуваше својот став. Нејзиното мото: учество на жените во интересите на државата „не е право, туку нивна должност“. 24-годишната девојка уште како тинејџерка била препуштена сама на себе, бидејќи веќе на 16 години останала сирак. Но, по смртта на родителите, таа располагала со големо богатство и си ја исполнила професионалната желба да стане авторка и пишувала социјално критички стихови, есеи, романи и новинарски прилози. Последните ги објавувала под псевдонимот Ото Штерн. Таа го привлекла вниманието на владата која се обидела да ја замолчи. Но, Луизе не се уплашила и во 1865 година го основала „Здружението на жени на Лајпциг".

Истата година во Лајпциг се одржала голема конференција за жени. Весниците во тоа време пишувале со потсмев за „женската битка во Лајпциг“, што на 120-те учеснички им било прилично сеедно. Тие го основаа Општото германско здружение на жени (АДФ), чијашто претседателка речиси 30 години била Луизе. Иницијална каписла, која повлекла основање на бројни здруженија на жени низ цела Германија.

Луизе Ото-Петерс
Луизе Ото-Петерс била основачка и речиси 30 години претседателка на Општото германско здружение на жени (АДФ)Фотографија: dpa/picture alliance

Образование за девојчиња

Прва и главна цел била образование за девојчиња и жени. Додека уредно образование за момчиња било сосема нормална работа, девојчињата  од работнички семејства морале многу рано да почнат да заработуваат, а девојчињата од граѓанските семејства биле подготвувани за брачниот живот. Девојчиња што знаат да читаат и пишуваат можеле да се сметаат за исклучително среќни. Учителката Хелене Ланге се зафатила со проблемот и напишала петиција до прускиот министер за образование, со барање за подобро образование на ученичките и подобра обука за наставничките. Но, на активистките за женски права им била потребна кондиција, оти дури во 1899 и 1900 година им успева да добијат дозвола за и жени да смеат да учат на германски универзитети. Во 1908 година системот за образование на девојчиња стана државно прашање.

Хелене Ланге
Хелен Ланге се борела за тоа девојчињата да добијат добро образованиеФотографија: dpa/picture alliance

Зајакнување на политичката свест

Младата Клара Ајснер посетувала семинар за наставнички во Лајпциг, каде што налетала на Општото германско здружение за жени  и започнала да се ангажира. Во тоа време било скандалозно што живеела со Русинот Осип Цеткин, без да бидат венчани, го преземала неговото презиме и родила две деца. Таа како воспитувачка станува член на Социјалистичката работничка партија, подоцнежната СПД, и почнува да се бори за целосна професионална и општествена еднаквост на жената. Таа е основачка на женското списание „Еднаквост“. Клара Ајснер Цеткин е претставник на пролетерското женско движење кое наспроти граѓанското се залага пред сѐ за правата на работничките.

Таа во 1910 го иницира Меѓународниот ден на жената како ден за борба за еднаквост, демократија, мир и социјализам. Денот првпат се славел во 1911 година, под мотото „Дајте право за глас за жените!“

Клара Цеткин
Клара Цеткин е иницијаторка на Меѓународниот ден на женатаФотографија: dpa/picture alliance

Право да се учествува во политиката

И Анита Аугспург и нејзината партнерка Лида Густава Хајман се залагале за женски права и во 1902 го основале „Здружението за право на гласање на жените“. Тие двете биле помалку мирољубиви од своите германски „сестри“ и сакале нивните права да ги бараат со истите брутални средства како и активистките во Англија, кои користеле штрајк со глад, вандализам и масовни демонстрации.

Аугспург студирала право во Швајцарија, што на крајот на 19 век во Германија било незамисливо. Таа докторирала и располагала со потребните познавања за да се бори за реформи во германскиот Рајхстаг.

Анита Аугспург
Анита Аугспург студирала право во ШвајцаријаФотографија: Bifab/dpa/picture alliance

Борбата носи плодови

Имало соработка со здруженија од други европски земји, особено што движењето во Англија било толку силно што никој не можел да го игнорира. Додека жените во Холандија и Скандинавија веќе со години имаат право на глас, во Германија, Австрија, Полска и Англија тие до 1918 година мораат да се борат за право да гласаат, а во некои земји и подолго.

На 30 ноември 1918-тата, околу три недели по крајот на Првата светска војна, новата германска влада на Рајхот објави: „Отсега, сите избори за јавни органи ќе се спроведуваат според исто, тајно, директно, општо избирачко право според пропорционален изборен систем за сите машки и женски лица на возраст над 20 години.“ Новиот закон беше спроведен кратко потоа - во јануари 1919 година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема