1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија нема однос кон Денот на жената

Анја Брокман
8 март 2019

8 март се слави низ светот како Ден на жената. Во Берлин за првпат овој ден е прогласен за официјален празник. Но, во Германија речиси никој не знае како да го одбележи денот. Многу жално, оценува Анја Брокман.

https://p.dw.com/p/3EfBt
Frauentag
Фотографија: picture-alliance/ZB/J. Wolf

Ден за борба или прослава? Неопходен или непотребен? За Денот на жената во Германија недостасува политичка идеја. Ако некој овде праша за 8 март, може да добие жестока критика или пак индиферентно кревање рамена. Едни го нарекуваат Денот на жената - социјалистичка реликвија, потсетник на времето кога Германија беше поделена и жените од ГДР и целиот Источен блок на 8 март беа опсипувани со каранфили и убави фрази. Други сметаат дека жените во Германијаодамна немаат причина за славење со оглед на тоа дека и понатаму се полошо платени од мажите и го носат најголемиот товар во семејството. Исто така, не е мал бројот на оние што се прашуваат дали можеби не се претерува, оти родовата рамноправност и не може да биде толку лоша со оглед на фактот дека земјата добри 13 години ја води жена.

Сѐ само за еден неработен ден?

Колку многу Германците немаат однос кон овој Ден на жената особено се гледа во Берлин. Тука, и само тука, во оваа мала покраина, 8 март за првпат е официјален празник. Очекувани се поплаките од стопанството и економијата за трошоците од еден неработен ден. Исто така и црквите повеќе би се радувале ако некој црковен празник биде прогласен за официјален. Но фактот што актуелниот градоначалник на Берлин, кој жестоко се залагаше за овој ден да стане официјален празник, до последно не знаеше како ќе го помине денот, покажува дека веројатно помалку се работеше за правата на жените, а повеќе за тоа Берлин да се направи омилен со уште еден неработен ден.

Deutsche Welle Brockmann, Anja Portrait
Анја БрокманФотографија: DW/B. Geilert

Како би било ако на Денот на жената секоја жена и секој маж едноставно потрошат 5 минути време, да зборуваат за секојдневната дискриминација на жените и длабоко вкоренетиот сексизам, директно пред сопствениот праг? И да, со оглед на фактот дека во некои земји жените си го ризикуваат животот ако се покажат без шамија, ако работат како новинарки или ако ги праќаат ќерките на училиште, проблемите во Германија се чинат како минорни. Сепак, дури и во наводно развиената Германија јазот помеѓу барањето за родова еднаквост според уставот и општествената реалност е сѐ уште голем.

Сексизмот во секојдневието и спортот

Има еден одбојкарски клуб кој нема ништо против името на спонзорот да им биде испишано на тесните куси панталони на спортистките од задната страна и тоа со напис „prachtregion.de“ (во превод - раскошен регион, прекрасен регион, н.з.). Има германска фирма за онлајн трговија, којашто се занимава со мода, и пред сѐ заработува одлично од продажба на женска конфекција низ Европа, која во следните неколку години одлучи да нема жени во бордот на менаџери. Има наводно сериозни весници кои насловните теми за настинки и проблеми со болки во грбот ги покриваат со голи жени. Има социјални медиуми каде мажите може да се препуштат во својата омраза кон жените, во голема мера неказнети, и на жените кориснички без причина да им се закануваат со насилство, па дури и смрт.

И оној кому сето ова му е депримирачки, може да го искористи меѓународниот Ден на жената за да се потести на жените кои пред 100 години во Германија и други земји биле изложени на голем ризик и излегле на улица. Наспроти многуте пречки, тие меѓу другото се изборија и за избирачкото право на жените. Овие жени го направија светот во голем дел поправичен, подемократски, а со тоа и подобар. За сите - и за жените и за мажите. А ова е причина за славје!