1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промени во заштита на Украинци кои подлежат на воена служба

29 јуни 2026

ЕК предлага украински државјани кои подлежат на воена служба да бидат исклучени од статусот на заштитени лица. Некои земји-членки го поддржуваат ова, исто како и Украина.

https://p.dw.com/p/5GFMe
ЕУ/Украина: Европски и украински знамиња во Брисел
Привремената заштита за Украинците се смета за знак на солидарност на ЕУ со УкраинаФотографија: Xavier Lejeune/European Union, 2023

„Нашиот предлог предвидува да не им биде дадена привремена заштита на новодојденци кои според украинско право не смеат да ја напуштат Украина поради воени обврски“, рече еврокомесарот за внатрешни работи, Магнус Брунер, во врска со планираната промена на европскиот статус за заштита на Украинците.

Еврокомесарот Брунер, по состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург, на крајот на минатата недела посочи дека притоа статусот на заштита за украинските граѓани принципиелно ќе остане на сила, но дека може да бидат воведени нови услови.

Заштита без индивидуална проценка на случајот

Од март 2022 година Украинците кои поради агресорската војна од Русија беа принудени да ја напуштат својата земја, уживаат привремена заштита во ЕУ. Таквиот релативно небирократски статус на заштита важи до почетокот на март 2027 година и треба навремено да биде продолжен. Разликата во однос на постапката за азил е што ваквиот систем не содржи индивидуална проценка, а заштитата е привремена.

Предлогот на Европската комисија е родово неутрално формулиран, нагласува службеник на ЕУ, но сепак во пракса регулативата веројатно ќе се применува првенствено на мажи на возраст од 23 до 60 години. Новата мерка, која нема да се применува на Украинци кои веќе се во ЕУ, треба да стапи на сила откако Советот на ЕУ официјално ќе го усвои предлогот и тој ќе биде објавен во Службениот весник.

На 31 март, службата за статистика на ЕУ, Евростат, регистрираше вкупно 4,33 милиони Украинци кои го уживаат овој посебен статус на заштита во рамки на ЕУ. Речиси 1,3 милиони од нив (29,4 проценти од вкупниот број) престојуваат во Германија, по што следува Полска со над 950 илјади лица (22,2 проценти) и Чешка со нешто помалку од 380 илјади лица (8,8 проценти). Нешто повеќе од една четвртина од нив се возрасни украински мажи.

Белгија, Брисел 2025 | Магнус Брунер
Брунер: Нашиот предлог предвидува да не им биде дадена привремена заштита на новодојденци кои според украинско право не смеат да ја напуштат Украина поради воени обврскиФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu Agency/IMAGO

Советот на Европа го критикува планот

Мајкл О’Флаерти, комесар за човекови права на Советот на Европа - кој не е ЕУ-институција - го критикува предлогот. Комесарот изразува загриженост во врска со „растечкиот притисок за предвремено прекинување на привремените мерки за заштита“ и за ограничувањето на пристапот меѓу другото за мажи на возраст за воена служба. Сега е потребна „повеќе солидарност, а не помалку“, рече О’Флаерти.

ЕУ го образложува предлогот со тоа што забележува дека Украина замолила за таква мерка и дека земјата има потреба да се брани и дека е легитимно да се наметнат воени обврски на своето население за таа цел. Еврокомесарот Брунер во петокот (26.06) изјави дека предлогот бил координиран меѓу земјите-членки.

Германија и Австрија сакаат измени

Министрите за внатрешни работи на ЕУ го дискутираа прашањето на состанок во Луксембург на 26 јуни. Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт се заложи за исклучување на мажите кои подлежат на воена регрутација од статусот на заштита, но наведе дека засегнатите имаат опција да аплицираат за азил.

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер исто така силно го поддржа предлогот за изземање на мажите на воена возраст од автоматскиот статус на заштита. Скептичен, пак, беше министер за внатрешни работи на Естонија, Игор Таро, кој продолжувањето на Директивата за привремена заштита во нејзината сегашна форма - без исклучоци – го гледа како најдобро решение, иако се залага и за разговори со Украина.

Украина | Мобилизациски единици проверуваат потенцијални регрути на улица
Во Украина, мажите кои подлежат на воена служба генерално мора да очекуваат да бидат повикани во војскаФотографија: DW

Зошто сега се дебатира за ова во ЕУ?

Од една страна секако ќе треба да се продолжи Директивата, вели Добринт, а од друга страна „приливот на лица на воена возраст исто така се зголемил во изминатите месеци“.

За украинските мажи на возраст меѓу 23 и 60 години важи начелна забрана за напуштање на земјата. Иако на 18-годишна возраст подлежат на обврската за служење воен рок, тие не може да бидат регрутирани за борбени дејствија пред да наполнат 25 години, објавува ДПА. На мажите на возраст меѓу 18 и 23 години им е од минатото лето дозволено да излезат од земјата, што доведе до привремено зголемување на бројот на мажи што заминуваат.

Дебатата и не е сосема нова. Канцеларот Фридрих Мерц повеќекратно побара од Украина да не им дозволува на млади мажи на возраст за воена должност да заминат, за да може да служат во Украина. Уште во април годинава, за време на посета во Берлин, украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека враќањето на мажи на соодветна возраст е исто така во интерес и на украинските вооружени сили и дека на крајот на краиштата се работи и за „прашање на праведност“.

Откако ЕК го презентираше својот предлог, тој сега мора да биде одобрен од мнозинството земји-членки. Претставници на ЕУ велат дека во минатото такви одлуки биле донесувани „моше брзо“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Лусија Шултен, дописник на ДВ
Лусиjа Шултен Лусија Шултен, дописник од Брисел фокусирана на ЕУ и меѓународните односи.