Кос: Уставните измени се следниот чекор
8 јули 2026
Северна Македонија покажува голем напредок во спроведувањето на реформската агенда и се вбројува меѓу најуспешните земји во користењето на можностите од Планот за раст на Европската Унија, но за понатамошен исчекор кон ЕУ ќе бидат неопходни и уставните измени. Еврокомесарката за проширување Марта Кос од Скопје порача дека земјата има реална можност да напредува во евроинтеграциите, но предупреди дека повеќе од четири милиони евра европски средства се доведени во прашање доколку Собранието не ги усвои измените на Изборниот законик.
Кос ги повика политичките партии да постигнат договор за законските измени, оценувајќи дека реформите се заедничка одговорност на сите политички чинители.
„Со оглед на тоа што исполнивте 90 проценти од реформите, ги повикувам сите страни да обезбедиме 100-процентен успех со усвојувањето на Изборниот законик“, изјави Кос.
Уставните измени како клучен предизвик
Според еврокомесарката, усвојувањето на уставните измени останува следниот важен чекор на патот кон членство во ЕУ. Таа ја охрабри Владата да го започне процесот, оценувајќи дека Северна Македонија има можност да продолжи со напредокот во евроинтеграциите.
Кос, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека имала продуктивна средба посветена на напредокот во исполнувањето на обврските од реформската агенда и процесот на пристапување кон ЕУ.
Потенцирајќи го напредокот во реформите, таа истакна дека Северна Македонија е меѓу најуспешните земји во регионот кога станува збор за усогласување со европските стандарди. Најави и дека земјата се квалификувала во групата држави што ќе добијат дополнителни средства преку Планот за раст на ЕУ.
„Можете да стигнете до врвот затоа што ги исполнувате очекувањата. Реформите не се работа само на Владата и Собранието, туку национален проект во кој треба да бидат вклучени сите засегнати страни, особено Собранието, каде што се усвојуваат реформите“, рече Кос.
Еврокомесарката оцени дека процесот на проширување на ЕУ бележи значителен напредок.
„За година и пол направивме многу повеќе отколку во претходните 15 години. До 2028 година постојат сериозни изгледи Европската Унија да добие нова членка од Западен Балкан“, изјави Кос, додавајќи дека се надева оти Северна Македонија ќе остане цврсто на европскиот пат.
Нема гаранции во процесот на проширување
Коментирајќи ги барањата за гаранции во евроинтеграцискиот процес, Кос пред посетата на Скопје посочи дека во досегашната практика на Унијата нема пример земја кандидат да добила гаранција дека нема да се појават нови спорови во текот на преговорите.
„Вистината е дека ниту една земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави нов спор во текот на пристапниот процес, сè до моментот кога и последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Така функционира процесот на проширување на ЕУ и важно е да се прифати оваа реалност“, нагласи Кос.
Слична порака испрати и на прес-конференцијата одговарајќи на новинаркси прашања. Таа нагласи дека процесот на проширување не се темели на гаранции, туку на доверба, посветеност и исполнување на преземените обврски.
Мицкоски: Би било штета да изгубиме повеќе од 4 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека резултатите од реформската агенда се препознаени од Брисел и најави дека земјата ќе добие дополнителни средства како резултат на досегашниот ангажман.
„Денеска е убав ден затоа што сите можеа да слушнат дека работиме многу фокусирано и посветено на реформите и реформската агенда. Како резултат на тоа ќе добиеме дополнителни средства што ги заслуживме со оваа напорна работа. Ќе покажеме дека можеме уште повеќе. За нас нема друга опција и нема план Б – само членство во ЕУ и посветеност кон исполнувањето на обврските“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека најголемиот дел од обврските од реформската агенда веќе се исполнети и дека останува уште усвојувањето на Изборниот законик.
„Девет од десет обврски ги имаме исполнето. Останува само Изборниот законик. Нашиот став е јасен – договорете се во опозицијата, усогласете текст и ние ќе го прифатиме тоа што ќе биде договорено. Истата порака ја испраќам и денеска. Засега нема усогласен текст, а времето поминува. Би било навистина штета да изгубиме повеќе од четири милиони евра“, изјави Мицкоски.