Македонија под магла – мерки, контроли и забрани
19 декември 2025
Зимата повторно го актуелизира проблемот со аерозагадувањето
Зимата во Македонија повторно го отвори прашањето за загадувањето на воздухот.Во речиси сите градови маглата и смогот со денови го гушат просторот, а дишењето станува тешко.
Поради енормното загадување, на сила се мерки во Струмица и Кичево, а од денеска и во главниот град Скопје. Надлежните препорачуваат ослободување од работа за бремени жени, лица постари од 60 години и хронично болни (астма, прележан инфаркт или мозочен удар). Реорганизација на работното време за оние кои работат на отворено – од 11:00 до 17:00 часот и забрана за спортски натпревари и културни манифестации на отворено.
На социјалните мрежи се најавуваат протести за дислокација на цементарницата Усје во Скопје, а вакви иницијативи имаше и во минатото. Невладините организации потсетуваат дека со години доставуваат предлози за спас од токсичниот воздух, но без поддршка од властите.
IQAir: Скопје меѓу најзагадените градови во светот
Според платформата IQAir, Скопје утрово е на 15. место во светот со индекс на загадување 128. Воздухот е во „црвена зона“ – опасен за здравјето, со високи концентрации на ПМ2.5 честички. Слична е состојбата и во Битола, Велес, Кичево, Куманово, Тетово, Охрид и Струмица.
Новата апликација на Министерството за животна средина покажува дека само во првите 17 дена од декември, во Струмица, Кичево и Лисиче имало 13 дена со надминување на дозволените вредности на ПМ10 честичките.
Поради надминат праг на алармирање во Скопје, Кичево и Струмица, Министерството активираше мерки:забрана за горење на отворено,засилени инспекциски контроли на индустриски погони и возила, препорака за ослободување од работа на ризични групи (бремени жени, хронично болни) и ограничување на активности на отворено.
Инспекциски контроли и забрани
Министерството за животна средина најавува интензивирање на вонредни инспекциски надзори на инсталациите со А и Б интегрирани еколошки дозволи, јавен пристап до податоците од инсталациите со континуиран мониторинг, контроли на техничката исправност на возилата, особено дизел и нерегистрирани возила, засилени контроли на градилиштата и забрана за горење на отворено.
Протести и незадоволство
На 25 декември се најавува протест пред цементарницата Усје. Иницијативата О2 потсетува дека пред една година доставила предлози до Советот на Град Скопје и Собранието, но без резултат. Предлозите вклучуваат забрана за греење на нафта, јаглен и мазут, поставување филтри кај домаќинствата и индустријата,ограничување на сообраќајот во денови со висока загаденост и поставување камери за надзор на палење отпад.
„Секоја година одговараме на истите прашања, но ништо не се менува. Животот и здравјето ни зависат од политичка волја“, велат од О2.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави средба со премиерот и Министерството за животна средина за дефинирање долгорочни мерки. Планот вклучува алтернативни горива за домаќинствата, нови електрични автобуси и подобар јавен превоз за намалување на употребата на автомобили.
Лекарите предупредуваат дека ваквиот воздух може да предизвика сериозни последици, особено кај хронично болните, децата и повозрасните. ПМ2.5 честичките продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да го оштетат здравјето.
ИЈЗ апелира:
- Проверете го индексот на квалитет на воздухот пред да излезете.
- Останете дома ако не мора да излегувате.
- Избегнувајте активности на отворено, особено спорт и рекреација.
- Носете заштитна маска со докажана ефикасност.
- Не отворајте прозорци кога воздухот е загаден.
- Користете прочистувачи на воздух дома или на работа, особено за чувствителни групи (астма, хронични заболувања, мали деца, бремени жени).
- Избегнувајте напорна физичка активност на отворено.
- Лицата со астма да имаат инхалатор при рака.