Мачадо му го даде својот Нобелов медал на Трамп
16 јануари 2026
Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо му го даде на американскиот претседател Доналд Трамп својот медал од Нобеловата награда за мир „како признание за неговата единствена посветеност на нашата слобода“.
По средбата со Трамп во Вашингтон, Мачадо оцени дека разговорот поминал добро и нагласи дека нејзините поддржувачи можат „да сметаат“ на американскиот претседател.
Службеник од Белата куќа потврди дека Трамп има намера да го задржи медалот. Белата куќа објави фотографија на која американскиот претседател насмеано го држи врамениот медал од Нобеловата награда за мир.
Официјално, Мачадо останува носителка на Нобеловата награда за мир. Нобеловиот комитет во Стокхолм претходно соопшти дека одликувањето ниту може да биде одземено, ниту пренесено на друга личност.
Трамп не се потпира на Мачадо
Трамп не даде дополнителни коментари за предавањето на медалот. Пред средбата со Мачадо, тој оствари телефонски разговор со актуелната претседателка на Венецуела, Делси Родригез. На својата платформа „Truth Social“, Трамп потоа напиша дека двајцата „постигнале добар напредок во стабилизацијата и економското закрепнување на Венецуела“.
По американскиот напад врз Венецуела и апсењето на претходниот шеф на државата Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, Трамп, спротивно на претходните ветувања, ѝ ја ускрати на Мачадо можноста да ја преземе власта во земјата. Како образложение, тој наведе дека таа нема доволно поддршка на терен.