Лондон и Париз со нов договор за миграцијата
23 април 2026
Франција и Велика Британија договорија ново продолжување на билатералниот договор за борба против нерегуларната миграција преку Ла Манш. По неколкумесечни преговори, двете земји се согласија таканаречениот Сандхрст договор да биде продолжен за дополнителни три години, соопшти во средата агенцијата АФП, повикувајќи се на француското Министерство за внатрешни работи.
Овој договор првпат беше потпишан во 2018 година, продолжен во 2023, а требаше да истече во текот на годинава.
Засилени контроли и финансиски ангажман
Новата спогодба предвидува Франција до 2029 година да ја зголеми бројката на безбедносни сили долж крајбрежјето за повеќе од 50 проценти – до вкупно 1.400 службеници. За возврат, Велика Британија ќе обезбеди финансиска поддршка во износ до 766 милиони евра.
Сепак, речиси една четвртина од предвидените средства ќе бидат исплатени условно – само доколку француските мерки покажат конкретни резултати во спречувањето на нелегалните преминувања.
Стармер: Историска спогодба за заштита на границите
Британскиот премиер Кир Стармер ја оцени новата спогодба како „историска“. Тој нагласи дека британско-француската соработка досега спречила „десетици илјади обиди за преминување“, додавајќи дека со новиот договор ќе се направи уште повеќе.
„Ќе ги засилиме разузнавачките активности, надзорот и мобилизацијата на силите на терен, со цел поефикасна заштита на границите на Велика Британија“, изјави Стармер.
Поддршка и од британското Министерство за внатрешни работи
Оптимизам изрази и британската министерка за внатрешни работи, Шабана Махмуд. Според неа, договорот ќе има клучна улога во одвраќањето на илегалните мигранти од опасното патување и во сузбивањето на мрежите за шверц на луѓе.
„Оваа клучна спогодба ќе ги обесхрабри нелегалните мигранти да ги ризикуваат животите и ќе ги донесе криумчарите пред лицето на правдата“, изјави Махмуд.
Долгогодишни тензии и загрижувачки бројки
Лондон со години ја обвинува Франција дека не презема доволно мерки за да ги спречи мигрантите од француското крајбрежје да тргнат на опасното патување преку Ла Манш кон британските брегови.
Според официјалните британски податоци, во 2025 година повеќе од 41.000 мигранти пристигнале во Велика Британија преку Ла Манш. Најмалку 29 лица го загубиле животот при обидот со мали пловила да стигнат до британската територија.