1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво Квартенг, а кога ќе замине Лиз Трас?

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел
14 октомври 2022

Британскиот министер за финансии Кваси Квартенг со даночната политика доведе до хаос на финансиските пазари. Премиерката Лиз Трас му даде отказ, но овој потег тешко дека ќе ја спаси, смета Барбара Везел

https://p.dw.com/p/4IDao
Лиз Трас и Кваси Квартенг на партиски собир во Бирмингем
Лиз Трас и Кваси Квартенг на партиски собир во БирмингемФотографија: Stefan Rousseau/AP/picture alliance

Квартенг во 40 дена на позицијата предизвика слом на финансискиот пазар, ја доведе британската фунта во подрум, а хипотекарските камати за државните обврзници до небо. За најкратко време предизвика максимални штети и се пласира како кандидат за титулата „најлош министер за финансии“ во последната деценија.

Факултетските колеги тврдат дека елитниот студент Квартенг располага со голема самодоверба, но ни таа не му помогна да го амортизира хаосот кој го произведе.

„Мали проблеми“

На острата критика на Банката на Англија, на владата на САД или на економистите од цел свет на неговите буџетски и даночни планови само симнуваше раменици и зборуваше за „мали проблеми“. На средбата во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, која е во тек, најави непоколеблива намера да остане на функцијата.

Но, вчера (13.10.) добил налог да седне во последниот авион за Лондон и од кај  премиерката Лиз Трас  да си го подигне отказот. Притоа, тој беше нејзин најверен извршител, политички пријател и со исти економски убедувања како и шефицата.

Барбара Везел
Барбара Везел

Квартенг ги споделуваше и извршуваше нејзините планови за сеопфатни намалувања на даноците, финансирани единствено преку државни долгови, во служба на небулозен економски пораст. Банкарите и финансиските експерти овие намери ги оценија за несоодветни, економски некомпетентни и уништувачки.

Но дури откако  рејтингот на британските конзервативци  падна под 20 проценти, партискиот конгрес на Ториевците мутираше во побуна и нејзините пратеници во Долниот дом повикаа на отпор, Лиз Трас почна со изведување радикално свртување. Прво го повлече намалувањето на данокот за оние кои имаат највисока заработувачка, кој на најбогатите ќе им овозможуваше дополнителни илјади фунти. Во вториот чекор го врати на агендата зголемувањето на данокот за претпријатијата, кој првично го оцени за кочница на растежот. Британската премиерка се бори за преживување и во меѓувреме е брилијантна во повлекување. Да го фрли Кваси Квартенг под автобус е една од нејзините полесни вежби.

Катастрофата во британската политика има идеолошки корени и се потпира на убеденоста на  Лиз Трас да води економска и финансиска политика - која не функционирала дури ни во 80-те години, во ерата на тогашниот американски претседател Роналд Реган. Идејата е дека една држава со мали јавни издатоци преку масивни даночни намалувања автоматски ќе може да произведува растеж. Притоа се зема во обѕир дека оваа политика богатите ќе ги направи уште побогати, а владата се надева плодовите на ова богатство да протечат и надолу.

Економските експерти одамна ја разобличија оваа идеологија и се единствени дека никогаш не функционирала, а во услови на инфлација и глобална енергетска криза, рецептот води кон катастрофа. Но, Лиз Трас остана непоколеблива во исполнување на ветувањето на било кој начин да овозможи економски раст. Во суштина, за тоа се потребни години и опширни општествени реформи. Но, во Велика Британија со растечка сиромаштија и неуспешен образовен и руиниран здравствен, нема ни трага од тоа. 

Откако го избрка својот министер за финансии, Лиз Трас призна дека нејзината финансиска и даночна политика се водела со големо забрзување. Таа не извлече поука од досегашните катастрофи и се надева дека ќе ги смири финансиските пазари и ќе ја врати довербата во својата влада. Но, како да функционира тоа, кога го исфрли човекот кој единствено ја спроведуваше нејзината политика? 

Трас се бори за преживување

Конзервативните пратеници во Долниот дом размислуваат дали уште идната недела со еден потег да ја тргнат Трас и да ја сменат со нов премиер. Со тоа Велика Британија конечно ќе стане некој вид банана држава, во која на неколку месеци преку пуч, соборување или политички интриги на власт доаѓа нова влада. Во секоја демократија сега би бил момент за итни нови избори.

Но, тоа би значело конзервативците со години да бидат протерани од владата, зашто  толку голем е гневот кај гласачите,  толку е загубена довербата во Ториевците. Парламентарното мнозинство по секоја цена сака да спречи нови избори, зашто многу пратеници би ги загубиле своите мандати. Така, смртоносната спирала на британската политика продолжува да се врти уште некое време, а  во Даунинг стрит драмата се проширува  со ново продолжение под мотото – нова епизода од овој театар.