1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку Обединетото Кралство е близу распад?

Биргит Мас
7 мај 2026

Денешните локални и регионални избори би можеле да резултираат во поголема поддршка за националистите во Шкотска и во Велс, додека Шин Фејн веќе води во Северна Ирска. Дали единството на Велика Британија е загрозено?

https://p.dw.com/p/5DOfW
Жена напушта гласачко место во местото Луис, близу Лондон, во Велика Британија
Луѓето ширум Обединетото Кралство денеска гласаат на локални и регионални избориФотографија: Carlos Jasso/AFP

Стивен Флин, претседател на Шкотската национална партија во Вестминстер, зборува со воочлива самодоверба. „Ќе има уставен шок на овие острови“, вели тој за британска телевизија, со надеж дека Шкотската национална партија ќе се наметне во Шкотска и дека Плејд Кимру ќе победи во Велс. Иако велшките националисти не се обврзаа непосредно по изборите да одржат референдум, уставот на Плејд Кимру наведува дека нејзината цел е да „обезбеди независност за Велс во Европа“. Дали Велс, Шкотска и Северна Ирска би можеле да чекорат по свој пат, евентуално и да бараат членство во ЕУ, оставајќи ја Англија зад себе?

Распад е тешко изводлив

И покрај сета врева, експертите предупредуваат дека ниту Велс, ниту Шкотска не се ни близу Брисел - бројките едноставно сè уште не се доволни. „Во Шкотска нема доволно поддршка од британската влада да се бара уште еден референдум, бидејќи е нужно британскиот парламент да го одобри. А во Велс, повеќе се работи за реакција против лабуристичката влада во Лондон, отколку со желба за отцепување од Велика Британија“, оценува за ДВ Тим Бејл од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон. Тони Траверс од Лондонската школа за економија се согласува дека нема да има непосреден предизвик во Велс, додавајќи дека шкотските националисти ќе бидат многу внимателни во однос на тајмингот. Откако изгубија на референдумот во 2014 година, ќе сакаат да избегнат уште еден пораз, смета тој. Во Северна Ирска, „Шин Фејн“ останува посветена на обединета Ирска, но според Договорот од Велики петок, за тоа би било потребно гласање во двата дела и мнозинство треба да биде обезбедено и во Северна Ирска и во Република Ирска. И покрај тоа што за прв пат и веќе две години „Шин Фејн“ држи министерско место, за такво гласање до сега не станало збор.

Британскиот премиер Кир Стармер ги мести очилата
Британскиот премиер Кир Стармер е под голем притисокФотографија: Tom Nicholson/REUTERS

Политичкото незадоволство во Велика Британија расте

Сепак, не може да се превидат пошироките политички потреси, а очекуваните победи на националистите претставуваат предизвик за владата на Велика Британија. Тоа го одразува поширокото незадоволство од двете главни партии, Лабуристичката партија и Конзервативната. За премиерот Кир Стармер изборите би можеле да бидат катастрофални. Заедно со изборите за децентрализираните влади, избори има и за советите во Англија на кои Лабуристичката партија би можела да забележи огромни загуби.

До две илјади советници од Лабуристичката партија се очекува да бидат сменети со претставници на други партии. Популарноста на Стармер бележи остар пад од времето на неговата убедлива победа пред помалку од две години. Според неодамнешна анкета, повеќето Британци го опишуваат како „лош“ или „ужасен“ премиер. Тој не ги убеди гласачите дека е вистинскиот човек за промената што ја ветуваше. Економијата е во стагнација, растот не се материјализира, а кризата со трошоците за живот и натаму се влошува. Во меѓувреме, политичкиот пејзаж станува сè пошарен - и понестабилен. Покрај националистите, помали бунтовнички партии го користат незадоволството во форма на самопрогласени „екопопулистички“ Зелени и популистичката партија Реформа Велика Британија на Најџел Фараж од крајното десно крило.

„Реформа на Велика Британија“ го потресува политичкиот пејзаж

Зелените, кои поддржуваат даноци на богатство за решавање на кризата со трошоците за живот, се надеваат дека ќе ја преземат контролата врз советите во големите урбани центри. Тие уживаат силна поддршка кај помладите гласачи. Во меѓувреме, Реформа ги адресира гласачите загрижени во врска со имиграцијата и има за цел да ги „депортира сите нелегални мигранти“ и предлага затворски кампови во стилот на Трамп - во области што гласале за Зелените. „Едноставно кажано, ако изберете советници од Реформа или пратеник на Реформа, гарантираме дека нема да има таков центар во ваша близина. Ако гласате за Зелените, има големи шанси тоа да се случи“, пишува Зија Јусуф, портпарол на Реформа за внатрешни работи, на платформата X. Реформа води на анкетите во поранешните индустриски центри на северна Англија и во централните делови - области во кои живее белата работничка класа и кои долго време важеа за упоришта на лабуристите.

Британскиот политичар и лидер на партијата Реформа гестикулира додека говори на партиски митинг
Реформската партија на Најџел Фараж е на пат да оствари голем изборен успехФотографија: dpa

Дали Стармер ќе опстане на функцијата премиер?

За Стармер ова би можело да биде борба за опстанок. Можеби е на повидок „Стармергедон“, односно предизвик во однос на лидерството, бидејќи многу пратеници се прашуваат дали е тој вистинската личност за да ги предводи на следните избори. „Нивото на загубите ќе одреди дали Стармер ќе опстане или не“, забележува Тони Траверс. Долгата сенка од Брегзит виси над сето ова. Гласањето пред 10 години е клучно за да се разбере сегашната фрагментација и нестабилност во британската политика.

Тоа им даде нов импулс на движењата за независност - Брегзит е непопуларен во јавноста, а перспективата за повторно приклучување кон ЕУ е привлечна за значителен број луѓе. Но, Брегзитот легитимираше и порадикални опции во гласачкото однесување, вели Траверс и додава дека „гласањето за Брегзит ги ослободи луѓето да мислат дека може да гласаат на начин што има влијание. Тоа укажува на разочарување од мејнстрим политиката и некои сфатија дека може да гласаат така што ќе добијат внимание, што гласањето за Лабуристи или Конзервативни не им го овозможува.“ Па дали Велика Британија „е во распад“? Не баш, или не сѐ уште. Но, не може да се негира дека е попроизволна, политички повеќе фрагментирана и потешко да се владее со неа отколку што било до пред една деценија. Шавовите сѐ уште држат, но притисокот врз нив расте.