Кои луѓе во Иран имаат влијание врз преговорите со САД?
29 април 2026
Од осми април, САД бараат договор со Иран за прекин на војната, но разговорите со медијатори се во застој. Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека причина за тоа е хаотичната внатрешнополитичка ситуација во Иран. „Иран има големи тешкотии да открие кој всушност е негов лидер“, напиша тој на 23 април 2026 година на неговата социјална мрежа Трут Соушл. Според него, таму се одвива борба за превласт меѓу „тврдокорните“ и „умерените кои воопшто не се толку умерени, но се поприфатени“.
Американската телевизија Си-Ен-Ен истиот ден објави дека војската, меѓу другото, планира напади врз поединечни воени лидери на Иран и други лица кои, според проценката на САД, активно ги поткопуваат преговорите.
На врвот на листата наводно е Ахмад Вахиди, кој од март 2026 година ја предводиИранската револуционерна гарда.
Ахмад Вахиди, врховен командант на Иранската револуционерна гарда
Како врховен командант на Иранската револуционерна гарда, 68-годишниот Ахмад Вахиди дојде на местото на Мохамад Пакпур, кој беше убиен на 28 февруари 2026 година заедно со неколку истакнати команданти на гардата, за време на состанок со врховниот лидер Али Хаменеи.
Ахмад Вахиди не е непознат ниту во Иран ниту на меѓународната сцена. Од 2007 година Интерпол, меѓународната организација за полициска соработка, го бара во врска со неговото наводно учество во бомбашкиот напад врз Центарот на еврејската заедница АМИА во Буенос Аирес. Аргентинските истражители сметаат дека Вахиди е еден од организаторите на катастрофалниот напад во кој беа убиени 85 лица, а повеќе од 300 повредени. Во тоа време Вахиди беше командант на Кудс-бригадата, елитна единица на Иранската револуционерна гарда одговорна за операции во странство.
Вахиди се приклучи на Револуционерната гарда на 20-годишна возраст и кариерата ја градеше за време на војната меѓу Иран и Ирак. Потоа стана командант на Кудс и остана на таа позиција до 1997 година. Тој важи за човек на тврдокорните. За време на претседателскиот мандат на Махмуд Ахмадинеџад (2009-2013), тој беше министер за одбрана. Под претседателот Ебрахим Раиси, Вахиди служеше како министер за внатрешни работи од 2021 до 2024 година.
За време на протестното движење „Жена, живот, слобода“ по смртта на Џина Махса Амини во полициски притвор во 2022 година, тој важеше заедна од клучните фигури во задушувањето на протестите и цврст поддржувач на обврската за носење хиџаб. Според ирански извори, Вахиди е дел од потесниот круг луѓе кои одржуваат директен контакт со новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хаменеи.
Според проценки на Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ) и Проектот за критични закани (ЦТП), актуелната ситуација во Иран укажува на тоа дека Вахиди би можел да се наметне како помоќен од Мохамед Багер Галибаф во интерната борба за превласт. Галибаф е претседател на Парламентот и припаѓа на умереното крило, кое се залага за директни преговори со САД.
Мохамед Багер Галибаф, претседател на Парламентот
Мохамед Багер Галибаф е меѓу највлијателните политичари, исто така со блиски врски со Револуционерната гарда. Од 2020 година тој е претседател на Иранскиот парламент (Маџлес).
Роден во 1961 година, на Исламската револуционерна гарда ѝ се приклучил по револуцијата. За време на војната меѓу Иран и Ирак, тој служел како командант во гардата, а подоцна направил кариера во безбедносниот апарат. Од позиција на претседател на Парламентот, тој ги водеше првите директни преговори со САД во Пакистан и во моментов е нејасно дали ќе продолжи со тоа.
Постоењето на интерни конфликти со ултра-тврдокорни струи во врска со правецот во кој треба да се водат разговорите, официјално се демантираат. Но, во интерната борба за власт, Мохамад Багер Галибаф наводно издал јасни предупредувања во однос на влијанието од луѓе како Саид Џалили, кој според негова проценка, „ќе го уништи Иран“. Според иранскиот новински портал Џамаран, Амир Ебрахим Расули, политички советник на претседателот на Парламентот, ги негирал таквите наводи.
Саид Џалили, тврдокорниот
Американската телевизија Фокс њуз на 26 април известуваше дека Саид Џалили, „ултра-тврдокорен кој го исмејуваше Трамп, е блиску до тоа да ги преземе нуклеарните преговори“. Официјална потврда од Иран за промена во преговарачкиот тим нема.
Саид Џалили (роден 1965 година) е еден од најпознатите хардлајнери во иранскиот политички систем и отфрла какво било зближување со Западот. Како и многу други од неговата генерација, тој се пријавил како доброволец за војната меѓу Иран и Ирак (1980-1988) и во воените дејствија изгубил дел од десната нога. По војната, својата кариера ја започна во иранското Министерство за надворешни работи во 1989 година. Подоцна работел во кабинетот на Врховниот лидер и бил секретар на Врховниот совет за национална безбедност од 2007 до 2013 година, а истовремено и главен преговарач за атомската програма на Иран. Од оваа позиција разговорите со Западот ги водеше во правец на сѐ поголема конфронтација, придонесувајќи за натамошни санкции од ООН против Иран.
По неодамнешните изјави на Доналд Трамп, тој демонстративно се позиционираше на страната на владата и ја поддржа официјалната иранска линија. Џалили и други функционери објавија речиси идентични пораки на социјалните мрежи во кои се наведува дека „во нашиот Иран нема ниту тврдокорни ниту умерени“. Во пораката понатаму се вели дека „сите ние сме ирански и револуционерни, и со челичното единство на народот и државата, во целосна верност спрема Врховниот лидер на револуцијата, ние ќе го принудиме криминалниот агресор да се покае“.
Моџтаба Хаменеи, врховниот лидер на Иран
Врховниот лидер е Моџтаба Хаменеи, роден во 1969 година како втор син на поранешниот ирански врховен лидер Али Хаменеи. По смртта на неговиот татко во февруари 2026 година, тој од страна на 88-членото Собрание на експерти беше назначен за негов наследник и нов врховен лидер.
Од неговата инаугурација на осми март 2026 година, неговите следбеници чекаат на јавен сигнал, но до денес нема ниту официјална видео-снимка, ниту аудио запис од него. За разлика од неговиот татко или револуционерниот лидер ајатолахот Хомеини, Моџтаба не е познат како јавен говорник и секогаш се држел во позадина.
Многумина се прашуваат дали го преживеал нападот со околу 30 ракети врз станбениот и деловен комплекс на неговиот татко. Според извештај на „Њујорк тајмс“ од минатата недела, тој имал тешки повреди и се лекува на тајна локација, без електронска комуникација и под надзор на мал круг лекари од доверба. Претседателот Масуд Пезешкијан, кардиохирург, според наводите е исто така вклучен во неговото лекување.
Масуд Пезешкијан, претседател
Масуд Пезешкијан е претседател на Иран од јули 2024 година.
Роден во 1954 година во Махабад, по струка е кардиохирург и служеше како министер за здравство под претседателот Мохамед Хатами од 2001 до 2005 година. Подоцна беше долгогодишен пратеник за Тебриз и потпретседател на иранскиот парламент од 2016 до 2020 година.
Во политичкиот систем на Иран, претседателот е подреден на Врховниот лидер, кој има фактичка контрола врз војската, Револуционерната гарда, судството и стратешката надворешна политика. Пезешкијан постојано ја нагласува потребата од преговори со САД и бара „фер и рамноправни разговори“. Тој официјално го поддржува Мохамед Багер Галибаф, кој како претседател на парламентот ги воспостави првите директни контакти во преговорите со САД во Пакистан.
Абас Арагчи, министер за надворешни работи
И Абас Арагчи во своите јавни обраќања ја повторува често ваквата порака. Роден во 1962 година, Арагчи од 2024 година е министер за надворешни работи на Иран и е јавното лице во преговорите со САД. Тој како тинејџер учествувал во Иранската револуција и се борел во војната меѓу Иран и Ирак во 1980-тите како член на Револуционерната гарда.
Арагчи во 1989 година станал дел од иранското Министерство за надворешни работи и бил амбасадор во Финска (1999-2003) и Јапонија (2007-2011), како и неколку пати заменик-министер и портпарол на Министерството за надворешни работи. Во 2015 година тој беше главен преговарач на Иран во нуклеарните разговори што доведоа до Заедничкиот сеопфатен план за дејствување, познат и како иранскиот договор за атомска програма.
Изминативе денови Арагчи престојуваше на разговори во Пакистан и Оман, а во понеделникот (27 април) и во Русија. Тој истовремено е во центарот на интензивна дипломатска активност. Иранската новинска агенција Фарс, блиска до Револуционерната гарда, известува дека Иран преку Пакистан како посредник испратил „писмени пораки“ до американската влада. Тие наводно се однесуваат на „црвените линии на Исламската Република Иран“, вклучувајќи ја атомската програма и Ормускиот Теснец. Според извештајот, овие прашања сепак не се дел од официјалните преговори.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик