„Противпожарниот систем во државата е нефункционален“
17 март 2026
„Ние се соочуваме со еден тотално нефункционален противпожарен систем, ако може така да го наречам и доколку го има. Без координација, без функционални институции. Со застарена опрема, застарен возен парк", вели Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани, со кого разговаравме по повод една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде загинаа 63 лица.
Илијев, со колеги од друштвото на 16 март лани бил ангажиран во акцијата за гаснење на пожарот. Сепак, дава критики генерално за сиот систем на противпожарна заштита во државата и на бројни пропусти при првичното справување со огнот во дискотеката.
„На ова поле ни претстои многу работа. Реорганизација, ресистематизација. За, ако сакаме да кажеме дека еве сме се поместиле од нулта точка. За, тоа што треба да се нарекува заштита и спасување на нашите граѓани, во буквална смисла, да биде заштита и спасување.
Претседателот на Противпожарното друштво посочува и на многу грешки што биле направени кобната вечер во „Пулс“, откако избувнал пожарот. Укажува особено на нестручна употреба на ПП (противпожарните) апаратите во објектот.
„Самото гаснење со првиот ПП (противпожарен) апарат од сцената беше погрешно, односно, стануваше збор за ПП апарат со CO2 гас. Тој апарат е наменет за гаснење на исклучително струјни кола под напон, а не за еден ваков вид пожар“, вели Илијев.
Тој укажува дека токму слабата обученост на лицата во објектот да ракуваат со ПП апарати е исто така една од причините за распламтување на огнот.
„Луѓето кои биле задолжени немаат познавање, не се стручно оспособени за ракување со такви апарати. Мислам дека тоа резултираше со, за жал, 63, 64 починати наши сограѓани, луѓе од регионот кои и тоа како имаа уште што да кажат“, заклучува Илијев во разговорот за ДВ.