1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиКина

Кина: По потопот од „Доксури“, се заканува тајфунот „Ханун“

СН/агенции
2 август 2023

Како последица на обилните дождови и поплавите, најмалку 20 лица загинаа во Пекинг и во соседната провинција Хебеј - се уште се трага по голем број исчезнати лица. Властите веќе предупредуваат од следниот тајфун.

https://p.dw.com/p/4Ufk3
Големи поплави во предградие на Пекинг
Големи поплави во предградие на ПекингФотографија: Ng Han Guan/AP Photo/picture alliance

Главниот град на Кина, Пекинг, го погодија незапамтени поплави во последните 140 години, соопшти денеска кинеската метеоролошка служба. Во обилните дождови што ги зафатија Пекинг и соседната провинција Хебеј на северот досега загинаа најмалку 20 луѓе, а 19 се водат за исчезнати, соопштија државни медиуми.

Максималната вредност на врнежите забележана во ноќта меѓу саботата и средата наутро на една станица во градот изнесуваше 744,8 милиметри.

Најобилни дождови во последните 140 години во кинескиот главен град
Најобилни дождови во последните 140 години во кинескиот главен градФотографија: CHINA DAILY/REUTERS

„Тоа е најголемо количество на врнежи во последните 140 години“, откако се води евиденција, соопшти метеоролошката служба на главниот град.

Тајфунот „Доксури“ стигна до источната кинеска провинција Фуџијан во петокот од правец на Филипините. Обилните дождови почнаа да паѓаат во Пекинг и околните области во саботата. Количината забележана во Пекинг за само 40 часа се приближи до просечните врнежи за целиот месец јули.

Државните медиуми минатата недела предупредија дека 130 милиони луѓе ќе бидат погодени од екстремно обилни врнежи низ северна Кина.

Огромни штети по налетот на водените маси во приградската населба Ментугу во Пекинг
Огромни штети по налетот на водените маси во приградската населба Ментугу во Пекинг Фотографија: Ng Han Guan/AP Photo/picture alliance

Закана од нов тајфун

Претседателот Ши Џинпинг во вторникот повика на „сите напори" за спасување на оние кои се „загубени или заробени" поради дождот.

Земјата сега е во состојба на готовност поради пристигнувањето на тајфунот „Ханун“, шестата таква бура во годината, додека се приближува до источниот брег на Кина.

Сцени по налетот на тајфунот „Ханун“ во градот Наха во јапонската префектура Окинава
Сцени по налетот на тајфунот „Ханун“ во градот Наха во јапонската префектура ОкинаваФотографија: JIJI Press/AFP

Во тоа невреме во Јапонија веќе загина едно лице, а стотици илјади останаа без струја во јужниот дел на земјата. Откажани се стотици летови до Окинава и од другите острови во областа. Тајфунот „Ханун“, кој јапонската метеоролошка агенција го опиша како „многу силен“, донесе брзина на ветер од 180 километри на час.