1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ги заврши воените маневри околу Тајван

ЖА
25 мај 2024

За време на дводневните маневри, кинеската армија тренираше блокада и преземање на демократската островска република Тајван. Голем број кинески борбени авиони навлегле во воздушниот простор на Тајван.

https://p.dw.com/p/4gHHN
Кина опширно известуваше за текот на воените маневри околу Тајван
Кина опширно известуваше за текот на воените маневри околу ТајванФотографија: Tingshu Wang/REUTERS

По инаугурацијата на тајванскиот претседател Лаи, Пекинг спроведе големи воени вежби. Кина испратила 62 борбени авиони кон источноазиската островска република Тајван, повеќе во еден ден од кога било досега. Голем број борбени авиони, 47 во оваа прилика навлегле во зоната за противвоздушна одбрана на Тајван. Ова го соопшти тајванското Министерство за одбрана, според кое досегашниот „рекорд“ бил на 15 мај, кога било регистрирано навлегување на 45 авиони во еден ден во водушниот простор на Тајван. Кина речиси секој ден испраќа воени авиони кон Тајван.

Во четвртокот, Кинеската Народноослободителна армија ги започна дводневните  воени вежби околу Тајван,  за време на која очигледно требаше да се симулира и блокада на островот. Според државните медиуми, воените маневри се завршени и тоа успешно, како што изјавил синоќа презентер на ККТВ-7, кинескиот државен воен канал за вести. Според  Министерството за одбрана на Тајван,  вкупно 111 кинески авиони и десетици поморски бродови биле регистрирани за време на дводневните воени вежби околу островот. Маневрите беа одржани три дена по инаугурацијата на  новиот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те.  Неговата Демократска прогресивна партија (ДПП)  победи на претседателските избори  во јануари и се залага за  критички курс кон Пекинг.

Владејачката Комунистичка партија во Пекинг ја обвинува ДПП за сепаратизам. Кина го гледа Тајван како отцепена провинција, иако таму со децении на власт се независни и демократски избрани влади. Раководството во Пекинг веќе неколку пати се закани дека ќе го припои и ќе се обедини со островот, кој има повеќе од 23 милиони жители, користејќи по потреба и  присилна воена сила.  Покрај редовните вежби на вооружените сили, борбени авиони речиси секојдневно летаат кон Тајван за да ја демонстрираат воената моќ на Народноослободителната армија на Кина.