1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе може ли да се гласа со старите документи на избори?

ДТЗ
4 март 2024

Државната изборна комисија предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на пролетните избори да се гласа и со старите важечки документи.

https://p.dw.com/p/4d8xG
избори гласање
Ќе може ли да се гласа со старите документи на пролетните избори?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

Замената на старите документи со нови кои го содржат името „Северна Македонија“ создаде низа главоболки за граѓаните. По укажувањата дека голем број граѓани нема да успеат навреме да ги заменат документите пред пролетните избори, се наметна и дилемата дали тие ќе можат да гласаат со старите документи, на кои не им е истечен рокот. За надминување на проблемот, Државната изборна комисија (ДИК) испрати предлог до Собранието во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.

„Дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за  да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието“, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Решение за полнолетните гласачи

Граѓаните се соочуваат со бројни проблеми и нејаснотии дали ќе можат да гласаат на пролетните избори, доколку не успеат навреме да ги заменат документите. Проблем има и со дел од граѓаните кои во меѓувреме наполниле или ќе наполнат 18 години, а немаат ниту лична карта, ниту пасош.

Александар Даштевски
ДИК предлага во Изборниот законик да се внесе одредба со која ќе може да се гласа и со старите важечки документи.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Даштевски вели дека лицата кои навршуваат 18 години ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список. „За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат“, вели тој. 

Народниот правобранителНасер Зибери деновиве на прес-конференција посочи дека ќе се доведе во прашање нивното право на учество на изборите што е уставно загарантирано.  „Дел од тие лица имаат патна исправа, но, за жал, со стар образец, што значи согласно постојната регулатива тие исправи се невалидни за учество во изборниот процес“, рече Зибери.

Доколку Владата не преземе нешто, според него, многу граѓани може да бидат ставени во ваква деликатна ситуација. Поради тоа се бара тие приоритетно да добијат нови документи. 

Проблем е и тоа што не се применува член 7 од Законот за лични карти кој одредува дека на граѓаните над 65 години треба да им се издава лична карта со трајна важност. Место тоа, МВР и натаму издава документи со важност од 10 години. Зибери смета дека треба да се применува овој член, што ќе придонесе да се намали притисокот за промена на личните документи.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема