1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Ќе издржи ли Земјата осум милијарди луѓе?

Мартин Кублер
15 ноември 2022

Светското население надмина уште еден рекорд по бројност. Природните ресурси се под сѐ посилен притисок. Суштинскиот проблем меѓутоа е претераното консумирање, велат експертите.

https://p.dw.com/p/4JXXL
Расте бројноста на светското население
Расте бројноста на светското населениеФотографија: Greg Lovett/Palm Beach PostTZUMA Wire/picture alliance

На Земјата од денеска живеат преку осум милијарди жители - прираст од една милијарда за околу една деценија.

„Растот на бројот на населението е успешна приказна“, вели Сара Хертог, експерт за бројноста на населението во ОН во Њујорк. Од 1950 година, просечниот животен век е зголемен за 25 години, но истовремено се намалува наталитетот, што е во корелација со подобрениот пристап до медицинска заштита и планирање на семејството, како и зголемени образовни можности за девојчињата и жените.

Но, овој успех има своја цена: секој човек повеќе го зголемува товарот врз ограничените биолошки ресурси на планетата. Во актуелен извештај на ОН, прирастот на населението се наведува како една од главните причини за  уништување на животната средина  и пораст на емисиите на штетни гасови.

„Загубата на биолошки диверзитет, климатските промени, еколошкото загадување, сечата на шумите, трошењето на водата и храната, тоа дополнително ќе се влоши со растот на бројот на населението“, укажува невладината организација „Популејшн метерс" од Велика Британија.

Најбогатите земји во светот се најголеми потрошувачи

Премногу поедноставено би било целата вина да се префрли на експлодирачкиот прираст на светското население, посебно во земјите во развој во глобалниот југ, вели експертката Хертог за ДВ. Грешка би било ако се очекува забавениот раст на бројот на населението да биде единствено решение против загрозувањето на нашата животна основа.

„Многу позначајни од прирастот на светското население се растечките приходи кои водат до повисока потрошувачка и ја стимулираат загаденоста“, објаснува Хертог. Таа укажува на податокот што најбогатите држави имаат најголема потрошувачка по глава на жител, иако таму бројот на населението стагнира или дури се намалува.

Наспроти нив, сиромашните земји во развој во Африка и јужно од Сахара и во делови од Азија, кои во идните децении ќе бележат најголем пораст на населението, се одговорни само за мал дел од светската емисија на гасови и за потрошувачка на ресурсите. Ако сите луѓе во светот денес би живееле како граѓаните во САД, годишно  би ни требале ресурси најмалку пет пати поголеми од оние на Земјата,  гласи заклучокот на невладината организација Глобал Футпринт Нетворкс. Жителите на Нигерија пак користат само 70 проценти од расположливите природни ресурси, а Индија со своите 1,3 милијарди жители троши само 80 проценти.

Најбогатите земји трошат најмногу природни ресурси по глава на жител
Најбогатите земји трошат најмногу природни ресурси по глава на жителФотографија: Larry MacDougal/THE CANADIAN PRESS/picture alliance

„Живеевме над нашите можности“

Експертите инсистираат на наоѓање други решенија, зашто светското население и натаму се намножува: ОН прогнозираат дека до 2050 година на Земјата ќе живеат околу 9,7 милијарди луѓе, до 2100 година би можеле да бидат дури единаесет милијарди.

Светот има  доволно ресурси  за да исхрани осум милијарди луѓе, смета Ванеса Перез-Кирера, раководителка на Одделот за меѓународна економија во Светскиот институт за ресурси. Дополнителни осум милијарди можат да се прехранат со приспособување на постојните форми на користење на земјиштето, вели таа.

„Имаме ресурси, но потребни се големи економски и геополитички напори за ресурсите да бидат на располагање онаму кадешто се потребни“, изјави Перез-Кирера во интервју за ДВ.

Пресудно е како ги споделуваме меѓусебно нашите ресурси, истакнува и Силвија Лорек, професор по потрошувачка економија на Универзитетот Хелсинки, за таа цел треба да ги преиспитаме нашите сегашни потрошувачки навики, посебно во глобалниот север.

„Веќе извесно време  живееме над нашите можности“,  истакнува Лорек за Дојче веле. Професорката поаѓа од тоа дека нема уште долго да можеме да го одржуваме нашиот денешен начин на живот.

Колку повеќе луѓе стремат кон потрошувачко интензивен западен животен стил, толку потешко ќе биде за Земјата да ги регенерира нужните биолошки ресурси нужни за нашето преживување – флора фауна, чиста вода и земјиште. За да се задоволат потребите на светското население, според проценките на Глобал Футпринт Нетворкс, моментално секоја година ни се потребни неодржливи 175  проценти од еколошките ресурси во светот.  

Неопходна е промена на вредностите според кои живееме. Во медиумите, рекламите, филмовите и телевизиите се создава впечаток дека „финансиската благосостојба е поважна од сѐ друго“, истакнува Лорек. Притоа, треба да се навикнеме да живееме добро со помалку, без да се откажуваме од квалитетот на нашиот живот. Клучни се три области одговорни за најголем дел од емисиите на штетни гасови и искористување на ресурсите: како јадеме, како живееме и како се движиме.

Помала потрошувачка на животински производи и акцент врз растителната храна, намалено патување со авиони и помал моторизиран индивидуален сообраќај, гласат предлозите од експертите.