1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како медиумите го уништија новинарот

26 октомври 2023

Не е прашање колку и какви медиуми, телевизии, радија, подкасти имаме, туку колку новинари кај нас можат да се пофалат или покажат како ликови кои имаат доверба на публиката? Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4Y2Yq
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Некаде во последните години на владеењето на Груевски, на медиумската сцена почнаа да се појавуваат некои нови форми на израз и комуникација со јавноста, бранувајќи го мочуриштето на излитени медиуми и привлекувајќи внимание на читателите или гледачите. Доволно да некои од набљудувачите ја поздрават таа нова појава како свежина и контраст на мртвозборот на медиумската камарила. Која пак во панична реакција на неснаоѓање од новитетот, стравот од губењето влијание и особено појава на ликови кои не се на дневна линија со олигархијата или власта, предизвика гневни реакции на одредени самопрогласени бардови на печатениот збор.

Фаст-форвард во денешницата, нештата се сосема поинакви. По поморот на дневниот печат, на сцена веќе стапува тивката евтаназија на класичните телевизиски формати и подем на новите форми на медиуми, таканаречените подкасти, независни продукции и трибуни на социалните мрежи. Зачудо, токму оние бардови кои хистеризираа поради појавата на новите форми на масовна комуникација, сега повторно сакаат да грицнат дел од колачето и се катадневно вдадени во нудење совети, диктирање услови и фалење на новите портали, новите подкасти, новите средства за масовно информирање. Иронијата е во тоа што токму таквите бардови кои го урнисаа кредибилитетот на печатот, го компромитираат влијанието на класичните ТВ програми, сега се повторно самоповикани да даваат „совети и укажувања базирани врз богато искуство” за начините низ кои ќе се воспостави новата – а стара – форма на контрола врз слободата на зборот и мислата.

Подем на подкастот

Досага имав две покани за гостување во подкасти. И за разлика од одбивањето на гостувања и интервјуа по класичните дебатни монотонии, без нималку двоумење ги прифатив двете покани. Првично поради солидаризирање и давање мала подршка за новите и млади колеги, нивната иницијатива, желба и потребата на општеството за нови форми на комуникација. Втората причина е непретенциозноста, отсуството на форма и протокол, лежерноста во дискусијата, разновидноста на темите и некомерцијалната невиност на проектите.

Подемот на подкаст-комуникацијата не е својствена единствено на новинарите, туку е често и инструмент користен од политичарите кои сакаат да ги пренесат сопствените пораки без да бидат изложени на уредувачки политики на мејнстримот. За што се редовно обвинувани од новинарската фела дека со тоа ги избегнуваат тешките прашања и соочување со јавноста. Сепак, во редок миг на согласност, треба да се има разбирање и за аргументите на политичарите, особено кога улогата на новинар во интервјуто прераснува во судир на суети а прашањата наликуваат на истражно-оптужувачки испитувања или барање на одговор каков што се посакува, а не нуди.

Подкастите можат да се следат како на лаптоп така и на мобилен телефон
Подкастите можат да се следат како на лаптоп така и на мобилен телефонФотографија: Oleksandr Latkun/imagebroker/IMAGO

Новинарството претера” одамна пред тоа да го констатира Велија Рамковски. Можеби уште во доцните осумдесети и комплетните девеесети кога секој редовен читател/гледач можеше лесно да ги препознае нарачаните харанги пренесени низ медиумски пера, добар дел од кои денес се сметаат за бардови. А всушнот беа и сеуште се ништо повеќе од популистички скрибомани и пискарала за грст денари и фондови, заслужни како за подемот на омразата низ медиумите, подеднакво како и последичното поспипување со пепел во попување за разум и толеранција. Таквите ја имаат клучната заслуга за ерозијата на довербата во јавниот збор и недоверба во медиумите која е речиси на исто рамниште со недовербата во политиката и политичарите. Со таа разлика што политичарите имаат троша повеќе усул во стоење зад претходно кажаното, т.е. исплуканото.

Штом ја отворам страницата на ЈуТјуб, алгоритамот веќе наредува редица подкасти од домашниот и регионалниот репертоар, кој речиси се дуплира со секој минат месец. Навидум, таквата хипер-продукција на електронски самоизданци ја потврдува длабоката дефанзива на класичните телевизии, дополнително засилено со тивкото селење на маркетингот од големите екрани кон малите смарт-апарати. Предностите се безбројни – полесна контрола на она што сакаат да го слушнете, изборот на теми или соговорници, отстаство на реклами, послободни форми на изразување и минимум поличка коректност, слобода од временски ограничувања итн. Сѐ на сѐ, подкаст му е мајката, тој нов меч на слободата на говор и хуманизирање на политичкиот дискурс.

Веродостојноста на изворот

Така личи, ама ич не е така. Бидејќи од појавата на радиото до подемот на подкастите, нивната вредност и пробивност не се определуваше од развојот на технологијата како инструмент, туку од кредибилитетот, веродостојноста, довербата и објективноста на гласот и сликата пренесена низ апаратите. Од воените „This is London BBC…”, или „Говорит Москва”, „From Washington DC, this is Voice of America”, па се до современата поплава на 24 часовни циклусни вести, никој се нема определено од кој апарат да ги слуша настаните на денот, туку од веродостојноста на изворот на кој му се доверува вниманието. Таа константа не се менува и секако ќе се однесува и на новите технички форми на известување.

Да се потсетиме на искуствата од минатото. Бранка Становска беше спикер, но со тек на времето во очите на ТВ публиката прерасна во стандард на течно, смирено, по потреба драматично, известување за настаните на денот. Имињата на Вера Хима и Дрита Гермизај беа познати на секое албанско семејство, низ сите премрежија, низ сите тажни тонови со кои со солидаризираа со оние пред телевизискиот екран. Такви беа и Каменко Катиќ од Србија, Оливер Млакар од Хрватска и секоја републичка телевизиска куќа.

Статусот на Evening News Anchor и до ден денешен се смета како престижна улога во САД, Велика Британија и Канада, достапна за строго селективен грст новинари. Традиција на тешко стекната доверба започната од Едвард Мареј, дигната до култен статус од Валтер Кронкајт, продолжена преку Ден Ратер, Хауард Косел, Кејти Курик, Питер Џенкинс. Секој од нив со истенчено чувство за границата помеѓу веста и интерпретацијата, службеното и новинарското, со прст врз пулсот на нацијата и свест за огромната доверба на публиката. Имињата на Џереми Паксман или Тим Себастијан се секако создадени по мерка на лондонската јавност, но веродостојноста и довербата во нивниот новинарски авторитет одамна ги има преминато границите, прераснувајќи во модели за генерации нови новинари.

Убиена слобода на говорот

Како што медиумите тонеа под притисокот на рекламите, маркетингот, претопувањата и купувањата од страна на комерцијални конгломерати, така нивната улога на средства за информирање прераснуваа во продукт кој ни се нуди бесплатно. И како што бевме навремено предупредени уште пред појавата на интернетот, „доколку продуктот го добиваш бесплатно, тогаш продуктот си самиот ти”. Со тек на времето – и погубно предоцна – политичкиот вокабулар за „слобода на говорот” полека дегенерираше кон „слобода на медиумите”, истиснувајќи ја одговорноста на новинарот и заменувајќи ја со одговорност кон рекламерите, маркетиншките агенции, бројот на кликови и прегледи. На кратко, што поголеми слободи на медиумите во наметнување на трендови, мислења, ставови, толку помала е слободата на новинарот во известување. Медиумите, едноствано, ја убија слободата на говорот.

Каква е иднината на традиционалните медиуми?
Каква е иднината на традиционалните медиуми?Фотографија: Rolf Poss/IMAGO

Затоа, колку и да е добредојдена оваа нова подкаст-мода, илузорно е да се верува дека самата новина гарантира нешто подобро од банализираните ТВ-сеанси на „добровечер, денес ќе дебатираме со моите соговорници”. Искуството со политико-поликлинички шарлатани е потсетник за тоа колку тешко се добива довербата на публиката и колку лесно истата испарува со два-три збора или геста. Комуникацијата никогаш не била и нема да може да биде помеѓу човекот и машината, апаратот, инструментот, туку единствено и исклучиво со човекот од другата страна на звучникот и поверението.

Не е прашање колку и какви медиуми, телевизии, радија, подкасти имаме, туку колку новинари кај нас можат да се пофалат или покажат како ликови кои имаат доверба на публиката? Секоја анкета би укажала дека по тоа прашањето, рејтинзите на нашите бардови не се толку различни од едноцифрените или ниско-двоцифрените рејтинзи на политичарите. Онака како што новите фотељи, новите постери, новите коли не ги прават нашите провинција-политичари поголеми шмекери во очите на гласачите, така и новите технологии на Самсунг, Јамаха не ги прават нашите новинари поверодостојни во очите на гледачите. Сеопштата криза на лидерство и целосна ерозија на авторитетите ги следи подеднакво и политичарите и новинарите. Поради иста причина: конформизмот, опортунизмот и непринципиелноста. Поради што, и граѓанинот и гледачот, во барање на веродостојноста се навраќа кон старата, проверена народна мудрост и единица мерка на мерење на довербата со вреќа изедена сол.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач