1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија тајно ја снабдувала Украина со муниција и нафта

18 јануари 2023

Поранешниот премиер Кирил Петков лани водеше тајна операција за снабдување на Украина - без знаење на коалиционите партнери. Се верува дека Бугарија ја снабдила Украина со една третина од муницијата и 40% од нафтата.

https://p.dw.com/p/4MNdU
Кирил Петков
Петков и Василев (во преден план)Фотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Бугарија тајно ја снабдува Украина со оружје и дизел од почетокот на руската агресија, открива германскиот весник „Велт“. Тоа било направено преку неофицијални канали и преку приватни компании и посредници, имајќи предвид дека поранешниот премиер Кирил Петков се соочи со отпор од коалиционите партнери Социјалистите да испорача оружје на Украина.

Велт објави дека во пролетта 2022 година Киев неофицијално побарал помош од Софија, бидејќи на украинската војска и снемало гориво и муниција од советско производство. Муницијата и дизелот не оделе директно, туку преку фирми посредници во Бугарија и во странство, а се транспортирале по воздушен и копнен пат преку Романија, Унгарија и Полска.

Посебно е интересно што дизелот што тајно го испорачувала Бугарија е направен од руска сурова нафта во рафинеријата на Црното Море, која во тоа време и припаѓала на руската компанија Лукоил. 

Велт посочува дека зад сè стојат тогашниот премиер, Кирил Петков и министерот за финансии, Асен Василев, двајца економисти школувани на Харвард, кои неодамна влегоа во бугарската политика со антикорупциска агенда. 

Кирил Петков, сега во опозиција, за Велт потврди дека неговата влада на посредниците им дала дозвола за извоз. „Нашата приватна воена индустрија произведуваше со полна пареа“, рече тој. „Проценуваме дека во раните фази на војната, околу една третина од муницијата потребна на украинската армија доаѓаше од Бугарија“. 

Ова за германскиот весник го потврдија и од владата во Киев. Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба рече дека неговата земја за малку ќе останела без муниција минатиот април. 

„Знаевме дека Бугарија има големи количества муниција во своите магацини, што ни требаше, па претседателот Зеленски ме задолжи со дипломатски вештини за да го набавам потребниот материјал“, рече Кулеба. Во тоа време се работеше за „живот и смрт“, изјави тој за германскиот весник. 

Според Велт, САД и Велика Британија платиле за испорака на муниција во вредност од околу две милијарди евра. 

Кампања ден по рускиот напад 

Бугарија одиграла важна улога и кога станува збор за воведувањето на санкциите на ЕУ и начините за излез од зависноста од руските енергетски извори.

„Се започна на 25 февруари, само еден ден по нападот на Путин на Украина, на неформалниот состанок на Европскиот совет во Брисел. Бидејќи сите шефови на влади на ЕУ држеа говори еден по друг, состанокот се одолговлече до доцна во ноќта. Во овие часови, премиерот Петков вели дека оди од еден до друг колега и на сите им кажува дека на Зеленски можеби му остануваат уште помалку од 48 часа живот, дека е на црната листа на Москва и дека Советот на ЕУ мора веднаш да донесе одлуки“, наведува германскиот весник.

Негов предлог е да се исклучи Русија од платниот систем Свифт и да се замрзнат европските обврзници од руската централна банка. „Многу шефови на држави на ЕУ беа загрижени, но на крајот Европската комисија го поддржа потегот“, пишува Велт. 

Демонстрации Софија
Демонстрации во Софија за поддршка на Украина (април 2022 година)Фотографија: Alexandar Detev/DW

Во исто време, поранешниот министер за финансии Василев присуствувал на состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Париз. И тие беа неодлучни, вели Василев. Сите се уште биле во шок од нападот. И тогаш Василев одржал говор. Не за бројки и економски последици, туку за тоа што Путин подразбира под „денацификација на Украина“.

„Русите го направија тоа во Бугарија по Втората светска војна, убија илјадници луѓе, професори и свештеници“, вели Василев. Тој исто така водеше кампања за итно да се донесат одлуки. Учесниците на средбата за Велт потврдија дека бугарскиот министер го променил расположението. Два дена подоцна, Брисел ги спроведе мерките. Во круговите на ЕУ се зборува за „бугарскиот предлог“. 

Како е постигнат договорот за дизелот 

Василев раскажува за Велт и за состанокот на Светска банка во Вашингтон во април. Таму претставникот на Украина му кажал дека останале без гориво. Василев, вели тој, го поттикнал Лукоил во Бугарија да извезува вишок нафта во Украина, односно околу половина од произведеното гориво. 

Тогашниот министер за финансии Асен Василев изјави за Велт: „Бугарија стана еден од најголемите извозници на дизел во Украина и понекогаш покриваше 40 отсто од потребите на Украина“. 

Во исто време, до крајот на минатата година, Бугарија беше 100% зависна од руските испораки и затоа не учествуваше во ембаргото на ЕУ за нафта. Изгледаше како Бугарија да се грижи само за себе - но Петков и Василев издржаа и ја бранеа својата позиција во Брисел.

Велт понатаму пишува дека „не е веројатно дека Москва знаела за испораките на дизел за украинската армија. Во секој случај, цистерните со месеци непречено патуваа ваму - таму. 

Сепак, Кремљ не го занемари фактот дека Бугарија, под премиерот Петков и министерот за финансии Василев, водеше масовна кампања за Украина. Уште во мај, Москва започна сајбер напади, се обиде да поткупи членови на парламентот и да се инфилтрира во владата.

На 27 април Газпром ја откажа испораката на гас за Бугарија, првата земја во ЕУ. Според „Велт“, премиерот Петков го решил проблемот во рок од 24 часа и организирал два танкери со течен гас од САД - по иста цена за кубен метар што ја барал Газпром. 

Петков сега објаснува зошто Вашингтон бил подготвен да го стори тоа. „За време на разговорите јасно ставив до знаење дека танкерите се политички сигнал за цела Европа дека секогаш има начини да се излезе од зависноста од Русија“. Петков ја заврши работата со заокружувањето на гасоводот до Грција, додава Велт

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи