1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Извештај: Трамп е виновен за повлекувањето од Авганистан

ЕМФ | агенции
7 април 2023

Во извештај на американската влада, вината за драматичното повлекување на американските трупи од Авганистан му се припишува во голема мера на Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/4PoDh
САД Авганистан Евакуација на цивили од Кабул
Евакуација на цивили од Кабул, 23.08.2021Фотографија: Sgt. Samuel Ruiz/U.S. Marine Corps/AP/picture alliance

Американската влада објави извештај за избрзаното повлекување на сопствената војска од Авганистан. Во него, владата на американскиот претседател Џо Бајден во голема мера го обвинува неговиот претходник Доналд Трамп за повлекувањето. Бајден бил „многу ограничен“ во своите одлуки за начинот на повлекување поради условите кои ги имал создадено Трамп, се вели во извештајот на дванаесет страници на различни разузнавачки служби предводени од Советот за национална безбедност.

Се вели дека Трамп дал прекратки рокови

Кога Бајден дошол на функцијата, талибанците биле на најсилна воена позиција од 2001 година, се вели во извештајот. Во исто време, во Авганистан имало само 2.500 американски војници, помалку од кога било од 2001 година. Освен тоа, се вели дека владините агенции неопходни за уредно повлекување на американската војска од Авганистан „по четири години занемарување, а во некои случаи и намерно влошување“ биле во „лоша состојба“.

Осврнувајќи се на Трамп, во извештајот се вели дека во февруари 2020 година САД им ветиле на талибанците дека ќе се повлечат од Авганистан до мај 2021 година. За возврат, талибанците се согласиле да не ги напаѓаат американските војници. Бајден бил конфронтиран со ваквите прекратки рокови, се вели во извештајот. Доколку трупите не се повлечеле, талибанците ќе ги нападнеле американските и сојузничките единици.

Американски војници Кабул Авганистан
Американски војници на аеродромот во Кабул во текот на операцијата на повлекување од Авганистан, 26.08.2021Фотографија: Staff Sgt. Victor Mancilla/USMC/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Извештајот ја критикува оптимистичката проценка на ситуацијата

Во април 2021 година, Бајден најави дека безусловно ќе ги повлече сите американски војници од Авганистан најдоцна до 11 септември. Во јули, Бајден го помести понапред датумот за повлекување, и тоа до 31 август. Но, талибанците веќе на 15 август го зазедоа авганистанскиот главен град Кабул.Во извештајот се критикуваат и преоптимистичките проценки на разузнавачките служби за борбената готовност на авганистанската армија. Како резултат на настаните во Авганистан, политиката на САД е прилагодена за во иднина да се овозможи забрзување на евакуацијата доколку се влошат безбедносните услови. Белата куќа како пример ги наведува Украина и Етиопија.

Евакуација од аеродромот во Кабул, 30.08.2021
Евакуација од аеродромот во Кабул, 30.08.2021Фотографија: Victor Mancilla/U.S. Marine Corps via AP/AP/picture alliance

Најдолгата војна во историјата на САД

Со повлекувањето, по речиси 20 години заврши меѓународната воена операција во Авганистан. Мисијата во таа земја се смета за најдолгата војна во историјата на САД. Бајден беше жестоко критикуван по повлекувањето. Последните американски војници го напуштија Авганистан на крајот на август 2021 година. Во екот на операцијата за евакуација, во терористички напад пред аеродромот во Кабул беа убиени десетици Авганистанци и 13 американски војници. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава, која е во непријателски однос со радикалните исламистички талибанци.