1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мисијата во Авганистан беше катастрофална грешка

9 март 2023

Погрешна стратегија, неспособност на членовите на мисијата, предрасуди за Авганистанците - пред истражната комисија на Бундестагот се слушнаа невообичаено остри зборови на учесниците на мисијата во Авганистан.

https://p.dw.com/p/4OJw2
Кабул евакуација
Мисијата во Авганистан беше катастрофална грешкаФотографија: AP Photo/picture alliance

Досега никој во истражната комисија на германскиот Бундестаг за Авганистан не зборувал толку јасно за воената мисија во таа азиска земја која пропадна по 20 години. „Беше глупаво да се држиме до тој курс. Не верувам дека може да се создаде граѓанско општество по некој рецепт“, изјави Стефано Понтекорво. Италијанецот беше цивилен претставник на НАТО во Авганистан до ненадејното повлекување на меѓународните трупи во август 2021 година.

На сослушувањето кое траеше пет часа, тој беше брутално искрен во проценката на мисијата. Понтекорво верува дека Авганистан е земја која се спротивставува на сите цели вредни за пофалба според западните стандарди како што се демократијата и човековите права.

Тој долго време зборуваше за „меурот од сапуница“ што го создаде Западот - за Кабул, главниот град со својата урбана елита „на која и беше подобра бидејќи ние бевме таму“. Но, 60 отсто од населението во Авганистан живее на село, многумина далеку од какви било траги на цивилизацијата. „И не им е гајле кој е на власт“, ​​вели овој Италијанец.

Државните институции пропаднаа во моментот кога Ашраф Гани, последниот претседател избран под надзор на западните сојузници, избега од земјата во август 2021 година. 

„Бевме делумно слепи“ 

Џон Манза, поранешниот секретар на НАТО за воени операции, ги предупреди сојузниците уште во 2001 година дека мисијата во Авганистан е започната со лоша стратегија. „Бевме делумно заслепени од нашите предрасуди“.

Тој, исто така, ја гледа мисијата во Авганистан како добра лекција - секогаш мора да се внимава „меѓународната мисија со текот на времето незабележливо да не го промени својот карактер“. Накусо: општеството не може да се промени ако за тоа нема политичка волја.

Како клучна грешка во Авганистан, овој Американец, како и многу други, ја гледа во таканаречениот договор од Доха, што САД го склучија со талибанците во времето на Трамп: „Тој договор беше исклучително слаб“. Исклучувањето на авганистанската влада и сојузниците во НАТО од разговорите го зајакна впечатокот кај талибанците дека претседателот Гани е марионета на Вашингтон.

„Прекумерна самодоверба и лицемерие“

Џон Сопко, поранешен генерален инспектор за обнова на Авганистан (СИГАР), дели слично мислење. Од 2008 година неговиот тим и тој пишуваа годишни извештаи за развојот на состојбите во државата, редовно известуваа за сѐ поголемите проблеми, а тоа беше причината да се испратат милијарди и милијарди долари за развој на образованието и здравството. „Сепак, тоа никогаш не доведе до искрена поддршка од населението за владата во Авганистан“, резимира Сопко.

Според него, најголемиот проблем е - корупцијата. Премногу пари доаѓаа пребрзо, што само ја забрза корупцијата.

Која е најголемата грешка на меѓународните институции во мисијата во Авганистан? - беше прашањето во истражната комисија. Сопко е ​​сурово јасен: „Прекумерна самодоверба и лицемерие“.

Неговиот колега од СИГАР, Дејвид Јанг, додава неколку детали: незнаењето и неспособноста. Во Авганистан, по правило, на одговорни позиции се испраќаа луѓе кои речиси и немаа образование, а целата логистика за снабдување, од воена опрема до храна и резервни делови, одеше или преку официјални американски канали или преку приватни лица кои работеа за нив.

„Како е можно дури 20 години да создаваме вооружени сили кои целосно зависат од снабдувањето од САД?“, вели Сопко и додава: „Создадовме модерна армија и ја опремивме со високотехнолошки оружја. Но, кога поддршката од странство заврши, Авганистанците не можеа да ги одржуваат тие системи“.

„Не ја разбиравме средината во која работиме“

И двајцата експерти целосно се согласуваат дека воената мисија би завршила дури и ако меѓународните сили останеа таму подолго. Не без горчина, нивниот заклучок гласи: „Ние немавме вистинско разбирање за средината во која работиме“.

За Јерг Нирнбергер, портпарол на социјалдемократската група пратеници во истражната комисија на Бундестагот, најголемата грешка на американската мисија била тоа што околностите во Авганистан не биле разбрани и немало остварлива стратегија. Неговиот заклучок е дека „меѓународните партнери, особено Германија, требаше да бидат многу поблиску вклучени. Треба да учиме од ова за идните операции и подобро да се координираме со нашите партнери“.

Деца на продажба во Авганистан