Избори во Косово: Курти со изненадувачки убедлив триумф
29 декември 2025
Поддржувачите на Албин Курти и на неговата левичарско-националистичка партија Самоопределување слават во центарот на Приштина со тапани, традиционални дувачки инструменти и огномет. Многумина од нив се од дијаспората - од Швајцарија и Германија - кои зимскиот одмор го користат за да ја посетат својата татковина и да гласаат на парламентарните избори. Многу од противниците на Курти сметаат дека тоа е неправедно и му префрлаат дека намерно должел со институционалната криза и предвремените избори до крајот на годината бидејќи бил свесен оти има голем број поддржувачи меѓу косовските Албанци од дијаспората.
Изненадувачки голем пораст на гласовите
И де факто имаше изненадувачки голем пораст на поддршката за партијата на Курти. Од 42 проценти на последните парламентарни избори во февруари годинава, сега бројот на гласови достигна околу 50 проценти. Тоа значи и дека на владината криза, која траеше повеќе од десет месеци, би можел да се стави крај. Со ваквиот резултат, Курти веќе не зависи од ПДК, ЛДК и ААК, трите главни опозициски партии од спектарот либерални до десен центар.
И натаму е потребна соработка со опозицијата
Курти во својот победнички говор не ја криеше радоста од исходот. „Дозволете ми прво да им се заблагодарам на граѓаните на Косово и на сите наши институции за организирањето фер, демократски и слободни избори“, рече тој и посочи дека неговата партија на овие избори излегла како уште поголем победник отколку на претходните. Курти ѝ се заблагодари на опозицијата за предизборната кампања. „Се радувам на соработката со опозицијата за неколку меѓународни договори кои сè уште се во тек и за кои ни е потребно двотретинско мнозинство“, рече тој. Се работи меѓу другото и за 880 милиони евра од планот за раст на ЕУ и 120 милиони евра од три договори со Светската банка.
Курти зависи од гласовите на малцинствата
Курти и неговата партија не можат да владеат сосем сами. Во Косово освојувањето на 50 проценти од гласовите не значи автоматски и половина од мандатите во парламентот, односно 20 од 120-те места не се распределуваат пропорционално врз основа на уделот на гласовите, туку се резервирани за малцинствата во Косово. Десет мандати се резервирани за косовските Срби, а десет за останатите малцинства, вклучувајќи ги Бошњаците, Турците и Ромите. На Курти му се потребни неколку мандати од малцинствата за да формира влада. Тој нема да ги добие од косовските Срби, бидејќи за време на неговиот последен мандат Курти ги затвори структурите на српската влада во Косово и ја остави полицијата да постапува со суровост против Србите. Но, претставниците на другите малцински групи се познати по тоа што се отворени за соработка со Курти.
Опозициските партии како големи губитници
Големите губитници на изборите се опозициските партии на косовските Албанци, пред сѐ либерално-конзервативната ЛДК - партнерска партија на ЦДУ и ЦСУ - освои помалку од 14 проценти од гласовите, наместо очекуваните 18 проценти. „Граѓаните на Косово се изјаснија, а нашата задача е да ги слушаме“, билансираше лидерот на ЛДК, Лумир Адиџику. „Кога народот ќе ја донесе својата пресуда, ние мора да ја почитуваме“, рече тој и ја презеде одговорноста за изборниот резултат.
Изборот на претседател на парламентот 50 пати неуспешен
Опозициските партии ЛДК, ПДК и ААК во изминатите десет месеца се најдоа во борба за моќ со Курти и неговата партија. Немаше релации од доверба, ниту сериозни преговори за коалиција. Изборот на претседател на парламентот резултираше со повеќе од 50 неуспешни гласања. Опозицијата му префрла на Курти дека разочарал за време на неговиот прв мандат од 2021 до 2025 година, особено со водењето лоша економска политика. Тие тврдат дека Курти е авторитарен, гладен за моќ и некооперативен. Курти пак, ја обвини опозицијата дека ја отелотворува старата, корумпирана елита на власт во земјата, деструктивна и обележана од завист.
Со ваквиот резултат Курти сега веројатно ќе може повторно да формира стабилна влада, во која тонот јасно ќе го диктира тој.
Автор на текстот: Оливер Зос, АРД Виена