1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиЛибија

Илјадници жртви и исчезнати по катастрофата во Либија

СН | АРД | агенции
13 септември 2023

Во Дерна, Либија, ништо не е како што беше: незапамтени поплави опустошија големи делови од пристанишниот град, а се вели дека само таму загинале повеќе од 5.000 луѓе. ОН сакаат брзо да испратат помош за настраданите.

https://p.dw.com/p/4WGhk
Пустош во градот Дерна по катастрофалните поплави
Пустош во градот Дерна по катастрофалните поплавиФотографија: Libyan government/AP Photo/picture alliance

По катастрофалните поплави со илјадници загинати, и Обединетите нации мобилизираат помош за Либија. Портпаролот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека работат со локални, национални и меѓународни партнери „за да се обезбеди итно неопходната хуманитарна помош за луѓето во погодените области“. Тим на ОН е на лице место, и соработува со властите за да се идентификуваат потребите и да се поддржат тековните напори за помош.

Размерите на уништувањето во Дерна се видливи насекаде
Размерите на уништувањето во Дерна се видливи насекадеФотографија: Libysche Regierung via AP/dpa/picture alliance

Најмалку 10.000 исчезнати

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на источнолибиската влада изјави дека само во тешко погодениот град Дерна загинале повеќе од 5.300 луѓе. Многу жртви сè уште се затрупани под урнатините или се одвлечени во водите на Средоземното Море, изјави министерот за здравство на источна Либија, Отман Абдел Џалил, за новинската агенција АП. Тој е запрепастен од размерите на уништувањето. „Трагедијата е многу драматична и ги надминува можностите на Дерна и на владата.“

Возила и урнатини беа дотуркани до брегот на Средоземјето по катастрофалните поплави во Либија
Возила и урнатини беа дотуркани до брегот на Средоземјето по катастрофалните поплави во ЛибијаФотографија: Libyan government/AP Photo/picture alliance

Веродостојни бројки за бројот на загинати, повредени и исчезнати во катастрофата засега нема.  Службата за брза помош во Дерна во вторникот соопшти дека загинале 2.300 луѓе. Сепак, можеби има многу повеќе жртви, рече Тамер Рамадан, шеф на либиската делегација во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Најмалку 10.000 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати. Повеќе од 40.000 луѓе избегаа од надојдените води. Досега спасувачките екипи во Дерна откриле повеќе од 1.500 тела на настрадани.

Цели станбени блокови однесени од поплавите

Дерна во 2019 година беше заземена од единиците на влијателниот генерал Калифа Хафтар. Тој контролира големи области во источна Либија. Пристанишниот град веќе бил споменуван со истото име уште во античко време. Големи делови од модерната инфраструктура биле изградени во времето на долгогодишниот владстодржец Моамер ел-Гадафи - вклучувајќи ја и сега уништената брана над градот. Жителите на градот објавија видеа на интернет од огромното уништување. Цели станбени блокови на брегот на реката Вади Дерна беа урнати. Повеќекатните куќи кои претходно стоеја на значително растојание од реката делумно се урнати и се затрупани под длабок слој кал. Жителот на Дерна, Ахмед Абдала, изјави дека по пукањето на браната, ѕид од вода се упатил кон центарот на градот, збришувајќи сѐ што му се нашло на патот.

Превртено полициско возило од големите поплави во Дерна
Превртено полициско возило од големите поплави во ДернаФотографија: Anadolu Agency/picture alliance

Спасувачките екипи продолжуваат да бараат преживеани на лице место. Поради огромното количество вода, многу области сè уште се отсечени од надворешниот свет. Фотографиите и видео снимките од земјата опустошена од војна го покажуваат обемот на штетата. Покрај Дерна, погодени се и градовите Ал-Баида, Ал-Марџ, Суза и Шахат. Погодените региони се прогласени за области на катастрофа.

Ветувања за помош меѓу непријателите

Политичката ситуација во Либија со години е одбележана од конфликти: две непријателски влади - едната со седиште на исток, другата на запад - се борат за превласт во земјата. Владата во главниот град Триполи, призната од Обединетите Нации, вети голема финансиска помош за областите погодени од катастрофата - иако ја нема контролата во нив. Владата на премиерот Абдул Хамид Дбаиба ќе обезбеди две милијарди либиски динари (околу 384 милиони евра) како поддршка, објави во вторникот либиската државна новинска агенција Лана. Владата во Триполи во понеделник прогласи тридневна национална жалост и повика на „единство на сите Либијци“ со оглед на катастрофата. Конвои со помош веќе тргнаа  од Триполи кон истокот на земјата. Бурата „Даниел“, која веќе предизвика големи штети и човечки жртви во Грција, во неделата ја погоди северноафриканската земја со околу седум милиони жители. Според метеоролозите на метеоролошката станица Ал Баида на северот на Либија во неделата паднале 414 литри дожд на метар квадратен. Тоа е трипати повеќе отколку во катастрофата по поплавите во долината на реката Ар во Германија во јули 2021 година

Возила во кал и шут во настраданата Дерна
Возила во кал и шут во настраданата ДернаФотографија: Libyan government/AP Photo/picture alliance

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема