Хантавирус: Евакуацијата од крузерот „Хондиус“ е при крај
11 мај 2026
Евакуацијата на крузерот „Хондиус", погоден од појава на хантавирус, што се наоѓа закотвен во близина на шпанскиот остров Тенерифе, е во завршна фаза. Како што соопшти шпанската министерка за здравство Моника Гарсија доцна во неделата вечер, последните два лета кон Австралија и Холандија треба да полетаат во понеделник попладне. Досега од бродот се евакуирани 94 патници.
Според американското Министерство за здравство, од 17 американски државјани кои се вратиле во САД, едно лице покажало благи симптоми, додека друго било слабо позитивно на таканаречениот андски сој на вирусот.
Австралискиот лет треба да пренесе шест патници, а холандскиот 18. Двата авиона ќе превезуваат и државјани на други земји. Нов Зеланд сè уште преговара за враќање на свој државјанин. Јапонски патник, според владата во Токио, веќе пристигнал во Велика Британија со британски чартер-лет, каде ќе биде под медицински надзор 45 дена. Тој е во добра здравствена состојба.
Од 38 членови на екипажот од Филипини, сите досега имале негативни тестови, соопшти владата во Манила. Од нив, 24 ќе бидат пренесени во Холандија, каде ќе поминат шестнеделен карантин. Останатите 14 членови на екипажот ќе останат на бродот за да го однесат на дезинфекција во Холандија, со крајна дестинација пристаништето Ротердам.
Евакуацијата започна во неделата
Првите патници и членови на екипажот го напуштија бродот „Хондиус" во неделата, откако се појави опасниот хантавирус. Тие беа транспортирани со воени автобуси до аеродромот на Тенерифе и со авиони испратени во нивните матични земји, соопштија шпанските власти.
Властите нагласија дека евакуираните немаат контакт со јавноста. Патниците смеат да го напуштат бродот само кога нивниот лет за евакуација е пристигнат. Светската здравствена организација (СЗО) од неделата препорача карантин од 42 дена.
Авионите за пренос на шпански и француски државјани полетаа уште во неделата претпладне. Потоа, според министерката Гарсија, беа евакуирани државјани од Канада, Холандија, Велика Британија и САД. Холандскиот авион превезувал и државјани од Германија, Белгија и Грција.
Четворица германски патници пристигнаа од Холандија во Германија, каде најпрво ќе бидат под медицински надзор. „Потоа ќе бидат пренесени во соодветните покраини за карантин, согласно одлуките на локалните здравствени служби“, изјави портпарол на министерството за здравство.
Според СЗО, во овој изблик на зараза се разболеле осум лица, од кои шест се потврдени случаи на хантавирус. Од тројцата починати, една била Германка. Европската здравствена агенција ги класифицираше сите патници како високоризични контакти. За пошироката јавност ризикот од зараза се смета за низок, но за лицата на бродот како умерен.
СЗО: Првиот заразен бил инфициран пред патувањето
Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и меѓу луѓе.Шпанското Министерство за здравство информираше дека на бродот не биле пронајдени глодари.
СЗО смета дека првото заразено лице било инфицирано пред качувањето на бродот, најверојатно за време на патување во Аргентина и Чиле.
„Хондиус“ тргнал од брегот на Зеленортските Острови кон Тенерифе во средата. Вирусот бил откриен на 2 мај,откако јужноафриканските власти тестирале британски државјанин кој бил лекуван на одделение за интензивна нега. Првиот патник починал 21 ден претходно.