1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хакери пустошат - граѓаните се жалат на испразнети сметки

ДТЗ
2 јуни 2023

Некогаш само еден погрешен клик е доволен за криминални групи да ги исцедат вашите банкарски сметки. Експертите советуваат граѓаните да се заштитат и да внимаваат. Само за два месеца до МВР се пријавени 27 злоупотреби.

https://p.dw.com/p/4S75I
сајбер измами
Сѐ поголем број граѓани се жалат дека „наседнале“ на измами на социјалните мрежи, каде им биле нудени производи по ниски цени, а тие поитале да ги набават, лепејќи се на измамничката шемаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Arriens

Дигиталната технологија го промени потрошувачкото искуство ширум светот. Новите видови на услуги им овозможија на граѓаните со само еден клик од домот да ги плаќаат сметките, но и да пазарат најразлични производи. Но, некогаш само еден погрешен клик е доволен за криминални групи да ги исцедат вашите банкарски сметки.

Сѐ поголем број граѓани се жалат дека „наседнале“ на измами на социјалните мрежи, каде им биле нудени производи по ниски цени, а тие поитале да ги набават, лепејќи се на измамничката шема. Телефони за 1 денар, тротинети, апарати за домаќинство, лажни наградни игри за бесплатни подароци, „ексклузивна“ понуда на накит кој се продава за само 130 денари, се само дел од измамите на кои се жалат граѓаните. Ваквиот ризичен шопинг многумина ги чини многу. Измамничката шема брзо им ги исцедува сите средства од сметките, по што почнуваат проблемите на граѓаните - се трча по банки да се блокираат сметките, се вртат телефони за поврат на средствата, се бара помош од МВР и од Секторот за компјутерски криминал, се алармираат различни инспекциски служби...

Личните податоци на тацна за криминалците

Само на почетокот на годинава, во периодот од јануари до февруари, на територијата на државата се регистрирани 27 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, за кои по преземени мерки и активности кривично се пријавени 23 сторители. 

„Во 2021 година, регистрирани се 142 кривични дела за злоупотреба на лични податоци, за кои по преземени мерки и активности кривично се пријавени 67 сторители, додека во 2022 година се регистрирани 125 кривични дела и мерки на кривичен прогон се преземени против 76 сторители“, информираат од МВР за ДВ.

сајбер напад
Експертите советуваат граѓаните да се заштитат и да внимаваат - само за два месеца до МВР се пријавени 27 злоупотребиФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Полициските билтени се преплавени со пријави на граѓани кои злоупотребиле туѓа кредитна картичка за да повлечат пари или да земат брзи кредити. „Само во 2022 година, евидентирани се 43 случаи на измами со брзи кредити, во врска со кои, по преземени мерки и активности до надлежните обвинителства, се поднесени 16 кривични пријави и 24 писмени известувања“, велат од МВР.  Во рамките на расветлените случаи пријавени се 24 сторители, а поднесено е и едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител.

Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) само во 2021 и во 2022 година има добиено над 420 поплаки од потрошувачи во делот на онлајн купувањето. Најмногу од поплаките се за техничките карактеристики на производите, доставувањето оштетен производ или откажувањето на нарачката.

Во услови кога не постои механизам за спречување на онлајн измамите, надлежните апелираат до граѓаните да не даваат премногу лични податоци доколку им се сомнителни онлајн местата од кои купуваат и секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршено плаќање.

Дали нашите податоци се безбедни онлајн?

Дали нашите лични информации се безбедни онлајн, колку е безбедно да плаќаме електронски и да пазаруваме и на кои грешки треба најчесто да внимаваме за да не останеме со празни банкарски сметки.  

Купувајте од проверени сајтови, внимавајте со трансакции поврзани со претплата на интернет или членство, осигурете се дека трансферот на податоци е безбеден, размислете двапати пред да платите, користете картички со дополнителна заштита кога купувате преку интернет, зачувајте ја целата документација поврзана со вашето купување онлајн, не праќајте пари на некој кој не го познавате, никогаш не испраќајте податоци од вашата картичка преку имејл и проверете дали плаќањето на веб-страницата е безбедно - ова се само дел од советите на надлежните институции до граѓаните за да се заштитат од интернет криминалците. 

Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT советува дека пред да се започне со купување на интернет, граѓаните треба да проверат дали непотребно се изложуваат на ризик. Тие на својата страница имаат споделено 10 совети за купување преку интернет што ќе им помогнат на граѓаните да ги сочуваат своите податоци подалеку од рацете на криминалците.

хакер
Колку е безбедно да плаќаме електронски и да пазаруваме и на кои грешки треба најчесто да внимаваме за да не останеме со празни банкарски сметки? Фотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

„Ако можете, не користете дебитни картички - кога купувате преку интернет, најдобро е да се користат кредитни картички или платежни услуги како Пејпал. Бидејќи дебитните картички се поврзани со вашата банкарска сметка, вие сте изложени на многу поголем ризик ако некој криминалец дојде до вашите податоци. Консултирајте се со вашата банка за најдобра заштита при плаќања преку интернет“, советуваат експертите. 

Граѓаните треба да внимаваат и да купуваат само преку безбедни страници и редовно да го ажурираат софтверот за да ја подобрат безбедноста на интернет. Празниците се одлично време за измамниците по е-пошта да испраќаат вируси и малициозен софтвер, маскирани како подарок или специјална понуда. Друг начин на кој криминалците се обидуваат да ги измамат граѓаните е со лажни пораки од банка или друга финансиска институција кои велат дека има предупредување или проблем со нивната сметка. 

„Не кликнувајте на сомнителни линкови, користете силни лозинки, никогаш не давајте повеќе информации отколку што е неопходно, не користете јавни Wi-FI мрежи, внимавајте со апликациите за купување, заклучете ги уредите преку кои пристапувате на интернет“, советуваат експертите. 

илустрација сајбер криминал
Некогаш само еден погрешен клик е доволен за криминални групи да ги исцедат вашите банкарски сметкиФотографија: Picture-alliance/dpa

Што треба да направите ако сте измамени?

Во случај на потрошувачите да им бидат злоупотребени личните податоци, банкарски картички и слично, надлежните препорачуваат случајот веднаш да се пријави во банката, во Министерството за внатрешни работи или во Агенцијата за заштита на личните податоци.

Доколку забележат дека од нивната трансакциска сметка се повлечени повеќе средства отколку вредноста на производот, граѓаните веднаш треба да ја контактираат банката, или контакт центарот за процесирање на трансакциите, за блокирање на картичката и за пријавување на неправилноста.

Граѓаните пред да извршат онлајн нарачка треба да ги проверат контакт податоците и останатите податоци за компанијата или лицето кое ги продава производите, веродостојноста на е-продавницата, да ги заштитат своите лични податоци и да не го примаат производот без да им биде издадена фискална сметка или фактура. Доколку потрошувачот при онлајн купувањето има доказ за извршено плаќање (фискална сметка, фактура), а притоа е измамен од продавачот, потребно е да пријави во Државниот пазарен инспекторат. 

Стратегии против сајбер криминалот