1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Загрижувачки пораст на јавниот долг
Загрижувачки пораст на јавниот долг Фотографија: Stockfotos-MG/Zoonar/picture alliance

Германска помош за гаснење на пожарот во македонскиот буџет

Костадин Делимитов
29 септември 2022

Наместо 900 милиони евра преку ММФ, 250 милиони евра преку германски хартии од вредност. Емитуваната обврзница ќе затне дел од дупките, но е далеку од поволно и ефикасно решение, предупредуваат упатените.

https://p.dw.com/p/4HRow

Македонската влада обезбеди финансиска инјекција за покривање на стари долгови и  покривање на буџетските потреби.  Преку германски хартии од вредност, се обезбедуваат 250 милиони евра, кои треба да обезбедат помирна есен во пресрет на тешката зима кога се очекува големиот удар од енергетската криза.

Овие пари се обезбедуваат преку механизам кој на некој начин е новина во македонскиот систем на обезбедување финансии за  покривање на доспеаните обврски и тековни потреби.  Станува збор за издавање на хартии од вредност на германскиот пазар преку обврзница позната како „Namensschuldverschreibungen“, или т.н. регистрирана обврзница со каматна стапка од 3,75% плус 6 месечен Еурибор, со рок на отплата од 3 години и 18 месечен грејс период. Од Министерството за финансии соопштија дека согласно следењето на пазарите на капитал и опсежните анализи, овој инструмент со својата каматна стапка и рок на доспевање бил најдобрата опција за портфолиото на јавен долг: 

„Министерството за финансии во соработка со Дојче банк во изминатиот период, континуирано работеше за издавање нов финансиски инструмент којшто претставува регистрирана обврзница согласно со германските закони - NSV. Со овој инструмент каматната стапка е значително пониска од онаа која би се постигнала со евентуалното издавање на нова еврообврзница“, велат од Министерството за финансии. 

Германски инвеститори 

Станува збор за инструмент кој се издава преку еден вид директна спогодба со потенцијални инвеститори, а не како на пример класичната еврообврзница која се издава преку меѓународниот пазар. Во конкретниот случај, македонските хартии од вредност се купуваат од страна на германски инвеститори. За кои конкретно станува збор засега нема информации. Од Министерството за финансии велат дека досега од страна на Дојче банк ваков механизам на хартија од вредност е издадена во Полска, Ирска, Белгија, Шпанија. За задолжувањето велат дека е доста поволно со оглед на трендот на пазарите на капитал:

„Изминатиов период се склучија неколку трансакции на меѓународниот пазар на капитал од страна на членки на ЕУ со повисок кредитен рејтинг од македонскиот, каде каматните стапки се движеа до околу 7%, со неколкукратно повисоки суми на повлекување. Ова се должи на заострувањето на условите на меѓународниот пазар на капитал, како резултат на затегнувањето на монетарната политика преку раст на каматните стапки од страна на скоро сите големи централни банки во светот, поради високата инфлација. Во моментов македонските еврообврзници се тргуваат со принос во распон од приближно 7%, што значи дека доколку Република Северна Македонија одеше со нова еврообврзница, каматната стапка би била на ниво од околу 8%, велат од Министерството. 

Македонската влада обезбеди финансиска инјекција за покривање на стари долгови и  покривање на буџетските потреби
Македонската влада обезбеди финансиска инјекција за покривање на стари долгови и  покривање на буџетските потребиФотографија: Fotolia/svort

Каде е поволниот кредит од ММФ? 

Германската поддршка за т.н. регистрирана обврзница ќе ги покрие дупките во македонскиот буџет, но е далеку од реалните потреби. Пред половина година Владата соопшти дека за финансирање на потребите и доспеаните обврски ќе бидат потребни најмалку 900 милиони евра и зборуваше за кредитна поддршка преку Меѓународниот монетарен фонд со исклучително поволна каматна стапка од 1%. Зошто досега нема ништо од овој договор кој го обзнани министерот за финансии, Фатмир Бесими, за време на пролетната сесија во Вашингтон, е нејасно. Упатените предупредуваат дека актуелниот механизам веројатно е поволен, но далеку од реалните потреби на македонската економија:

„Ова со Германија е на некој начин помош, но тоа е многу малку со оглед на реалните потреби. Сепак станува збор за многу пари, посебно за македонската економија. Остана енигма зошто се молчи и зошто не се користат парите кои ветија дека сме ги добиле преку Меѓународниот монетарен фонд преку кој каматата ќе изнесуваше само 1%. Што стана со овој механизам, за да мора сега да се оди на ваков начин на обезбедување на финансиски средства кои ќе бидат далеку поскапи за нас како економија? Станува збор за средства кои за иста намена ММФ ѝ ги стави на располагање на македонската економија“, реагира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. 

Поволно или изнудено решение? 

Од Министерството за финансии нема конкретен одговор околу ова, освен објаснувањето дека во овој момент, механизмот е најповолен за покривање на потребите. Дел од упатените предупредуваат дека власта немала друг избор:

„Многу беше чуден молкот откако Владата, односно министерот за финансии се пофали дека ММФ ни доделила користење на 900 милиони евра по многу ниска камата од само 1%. Најпрвин што падна во очи е што министерот за финансии зборуваше за договор со ММФ, а не на пример гувернерот на Народната банка. Дополнително што фрли сенка на целиот процес е што ММФ испрати мисија која скенираше дали ние како држава ги исполнуваме условите за да ги влечеме овие пари. И многу беше чудно што се` заврши со молк, што е невообичаено. Ова сигнализира дека ММФ нѐ одбил и очигледно дека единствената опција беа меѓународните пазари кои се доста скапи“, коментира за Дојче веле економски експерт, кој во минатото бил дел од ваквите и слични процеси. 

Критики од опозицијата 

Опозицијата пак критикува дека власта продолжува да  ја задолжува државата и купува време за да преживее финансиски до редовниот термин за парламентарни избори:

„Повторно ново задолжување од 250 милиони евра со краток рок од 3 години и премногу високи камати за таков рок на отплата. А мерките за стопанството и граѓаните никаде ги нема, Како констатираа дека баш 250 милиони евра ќе бидат доволни, кога немаат никаков конкретен план за мерки? Зошто земаа кредит на толку кус рок? Дали случајно договорија грејс период од 18 месеци? Или владата си прави математики да издржи до редовни избори, а после секако ќе изгубат и друг да мисли како ќе ги враќа парите кои баш тогаш доспеваат за плаќање. Премногу прашања, одговори не ни очекувам од неспособна влада, ама времето ќе покаже“, реагира Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.

Задолжување по задолжување 

Во обид да обезбеди средства за покривање на потребите, пред се во стратегијата за  справување со енергетската криза,  владата неодамна се задолжи и кај домашни банки. На крајот на минатиот месец, министерот за финансии обелодени дека паднал договор за задолжување преку „Шпаркасе банка“ за средства во висина од 50 милиони евра. За ова задолжување државата ќе плаќа камата од 2,5%, што е 0,5% помалку од каматата која се обезбедува преку емитувањето на германските хартии од вредност. Дополнитечно, во истиот период, Владата издаде и долгорочна државна обврзница од 25,5 милиони евра за период од 15 години. Каматната стапка за ова задолжување изнесува 4%. 

Лани во март пак,  Владата издаде еврообврзница во износ од 700 милиони евра  со досега најниска каматна стапка од 1,6%. Заклучно со вториот квартал годинава, јавниот долг достигна 7 милијарди и 227 милиони евра, или 55,4% од бруто домашниот производ. Само за споредба, пред корона кризата, македонскиот јавен долг изнесуваше 5,5 милијарди евра, што во тоа време изнесуваше 49,2% од бруто домашниот производ.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана, Албанија

ЕУ и Западен Балкан: Приближување во Тирана

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница