1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Страв од радикални протести наесен

Михаел Штемпфле | АРД
15 август 2022

Германската влада со загриженост ја очекува есента, меѓу другото и поради можни порадикални протести против порастот на цените. Предупредувања доаѓаат и од експертите. Дали по короната екстремистите си најдоа нова тема?

https://p.dw.com/p/4F4O7
Deutschland Hamburg - G20 Proteste
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/O. Messinger

Политичари од владејачката коалиција во Германија стравуваат дека растечките цени за гас и храна може да доведат до социјални немири наесен. Се стравува дека демонстрациите, слично како протестите против државните мерки за сузбивање на пандемијата на корона, би можеле да бидат „окупирани“ од екстремисти, а демонстрантите потоа да бидат подбуцнувани против државата. 

Кризи и фантазии за преврат

Загриженоста е оправдана, вели Матијас Квент од Универзитетот за применети науки Магдебург-Штендал. Десничарските екстремисти, на пример, веќе се обидуваат да се мобилизираат. Тие ги повикуваат „слободните Саксонци“ на „масовен граѓански отпор“.

Сличен е и повикот за протести во Берлин. На првиот ден од август, заинтересираните можеа да се приклучат на различни демонстрации: во 10 часот - „Револт“, во 14 часот - „Востание“, а во 18 часот - „Граѓанска војна“.

Пиа Ламберти, шефица на тинк-тенкот Цемас, ова го нарекува „фантазии за преврат“. Само по себе ништо ново, но непријателите на Уставот се надеваа дека кризите - војната, климата и короната - можат особено добро да се искористат.

Deutschland Hamburg | Proteste | Corona-Maßnahmen
Протести во Хамбург против корона-рестрикциите (јануари, 2022)Фотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Диференциран поглед

Армин Шустер, министерот за внатрешни работи на покраината Саксонија, се подготвува за различни сценарија наесен. За него е важно да се прави разлика: од една страна има граѓани кои имаат егзистенцијални стравови - на пример затоа што не знаат дали ќе си ја задржат работата и како ќе си ги платат сметките на крајот на годината. Тука државата мора да помогне.

Од друга страна, според Шустер, има „групи, активисти, партии“ кои сакале да ја искористат моменталната состојба за свои цели. Неговото министерство веќе ги има „на око“ оние кои „мобилизираат и агитираат“.

Протестите би можеле да станат погласни

Во моментов сѐ уште има малку протести, кои се организирани локално, во многу градови. Нема точни бројки. Но, протестите би можеле да станат погласни.

Сојузниот министер за економија Роберт Хабек веќе доби претстава како тоа може да изгледа за време на неговата летна турнеја низ Германија. Контрадемонстрантите гласно се изјаснија за пуштање во употреба на гасоводот Северен тек 2 и против санкциите за Русија. Со други зборови, тие се солидаризираа со Путин, со неговиот авторитарен систем, без оглед на бруталната инвазија на Украина. Тие, на пример, политиката на Хабек ја нарекуваат „екосоцијализам“.

Berlin | Innenministerin Nancy Faeser
Mинистеркаta за внатрешни работи Ненси Фезер најави дека ќе преземе уште посилни мерки против десничарскиот екстремизам, антисемитизмот и теориите на заговорФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP/Getty Images

Навремено соочување со протестите

Истражувачот на десничарски екстремизам, Матијас Квент, смета дека веќе сега е потребно соочување со можноста од големи протести наесен. Се работи за прашањето - дали синдикатите и општествените организации ќе успеат да го насочат гневот поради цените во демократски канали, за потоа да се борат за социјална правда и прераспределба. Или пак, непријателите на Уставот ќе преовладаат на демонстрациите со својот про-Путин, антилиберален став.

Барања од политиката

Ламберти бара политичарите да создадат простор за протести кои ги следат демократските правила на игра. Како модел за таков простор таа ги наведува таканаречените климатски совети, во кои граѓаните претставуваат што е можно повеќе општествени групи и заедно изработуваат решенија.

Квент смета дека е важно политичарите искрено да објаснат зошто Германија станала зависна од Русија за енергија. Според него, ова го вклучува и недвосмисленото признание дека се направени грешки. Покрај тоа, сојузната влада мора да обезбеди социјална правда, нагласува Квент. И, притоа треба да се има предвид дека материјалните последици би биле различни на истокот и западот на земјата. Економскиот капацитет на исток е послаб, па обемот на кризата е соодветно поголем.

Deutschland | Polizei setzt Pfefferspray bei der 1. Mai Demonstration in Berlin ein
Се стравува од радикални протести наесен (архивска фотографија)Фотографија: Christian Mang/REUTERS

Планови на владата

Сојузната влада со недели работи на уште еден пакет помош. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер најави и дека ќе преземе уште посилни мерки против десничарскиот екстремизам, антисемитизмот и теориите на заговор - вклучително и превентивни мерки. Попрецизно, тоа значи поголема поддршка за политичкото образование и социјалниот ангажман. Одговорен за тоа во иднина ќе биде одделот „Татковина“.

Временски притисок

Со оглед на тоа што мобилизацијата не секогаш ја следи истата шема, туку варира од регион до регион, треба да се поддржуваат локални проекти, смета Ламберти. Експертизата, која често веќе постои на лице место, е потребна и мора да се промовира. Меѓутоа, прашањето е дали проектите ќе делуваат доволно брзо. Со вакви проекти може да се допрат оние кои се подготвени на дијалог, но сигурно не и тешки идеолози, предупредува Квент.

Се бара кризен штаб

Шустер бара и создавање меѓусекторски кризен штаб - слично како во време на пандемијата. На крајот на краиштата, кризната ситуација може да влијае на сите области на политиката, на пример и на семејствата и училиштата. Што ако, на пример, спортските објекти мора да бидат затворени во зима? Тогаш е важно заедно да се изработат координирани решенија, и тоа меѓу сојузот и покраините.

„Квалитетот на управувањето со кризи на сојузната влада ќе биде одлучувачки фактор за големината на егзистенцијалните стравови, а со тоа и на можните социјални протести“, нагласува Шустер. Доколку не се успее во обидите да се помогне, Германија навистина би можела да се соочи со големо протестно движење.