Германија: Советот за безбедност донесе Акциски план
6 ноември 2025
Новоформираниот германски Совет за национална безбедност на својот прв состанок усвои акциски план за борба против хибридните закани, првенствено од Русија. Планот вклучува мерки за контрашпионажа и заштита на критичната инфраструктура, изјави владиниот портпарол Штефан Корнелиус во Берлин. Ова вклучува, на пример, електроцентрали, водоводни и електрични водови, како и гасоводи и нафтоводи.
Деталите за планот засега не се објавени, но се наведува дека германската влада реагира на „растечкиот број и интензитет на хибридни закани против Сојузна Република Германија, кои доаѓаат особено од Русија“.
Покрај тоа, Советот се осврнал и на стратешките зависности од критични суровини, како што се ретките метали од Кина. И за ова прашање треба да се развие акциски план до крајот на годината.
Се спојуваат две тела
Во својот коалициски договор, ЦДУ, ЦСУ и СПД се согласија да формираат Совет за национална безбедност, спојувајќи го постојниот Сојузен совет за безбедност, кој првенствено се занимаваше со прашања поврзани со извозот на оружје, и Кабинетот за безбедност. Советот треба да се состанува за време на кризи и да развива стратегии за ситуации на закана. Компетенциите и знаењето ќе бидат подобро поврзани, обработени и координирани, за сојузната влада да може да донесува одлуки врз основа на широки и фундирани информации.
Со Националниот совет за безбедност претседава канцеларот Фридрих Мерц. Други членови се министрите за финансии, надворешни работи, одбрана, внатрешни работи, правда, економски прашања, развој, дигитални прашања и шефот на Канцлерамтот. Во зависност од потребата, може да бидат повикани и консултирани и други членови на сојузната влада. Во работата на Советот може да учествуваат и претставници на германските безбедносни власти. Новитет е тоа што може да бидат консултирани и претставници на сојузните покраини, како и претставници на други држави, Европската Унија или НАТО.