1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писториус за првпат презентира воена стратегија

Тагесшау | ЕМФ
22 април 2026

Германската влада за првпат претстави воена стратегија за Бундесверот. Светот стана поопасен, изјави министерот за одбрана Писториус. Како главна закана тој ја посочи Русија, која веќе сега спроведува саботажи.

https://p.dw.com/p/5CdnT
Германија 2026 | Министерот за одбрана Писториус зборува со германски војници
Документите покажуваат дека Министерството за одбрана на Германија ја смета Русија за главна закана (фото: министерот за одбрана Писториус зборува со германски војници)Фотографија: Alexandra Beier/Getty Images

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус презентираше стратегија за курсот на Бундесверот во услови на нестабилна глобална безбедносна состојба. Политичарот од СПД претстави и сеопфатен концепт за воената одбрана, како и стратегија за резервниот состав.

„Светот стана понепредвидлив и, мора да се каже, поопасен“, изјави Писториус осврнувајќи се на руската војна против Украина и на глобалните кризи. Новата воена стратегија, според него, обезбедува „потребна јасност“ која е неопходна со оглед на постоечките закани.

„Сите ние мора да се подготвиме на тоа дека мирот и слободата, просперитетот и толеранцијата веќе не се нешто што се подразбира само по себе, туку дека мора да се бранат, а тоа значи дека мора да бидеме способни да ги браниме.“

Русија како главна закана

Основните документи јасно укажуваат дека Министерството за одбрана ја смета Русија за главна закана. Таа, според нив, „преку вооружување се подготвува за воен судир со НАТО и ја смета употребата на воена сила за легитимно средство за спроведување на своите интереси“.

Русија во принцип го смета Западот за непријател и го прикажува пристапувањето на демократските држави кон НАТО како опкружување од страна на алијансата. Таа целно користи и „хибридни средства“: шпионажата, саботажите, сајбер-нападите и кампањите за дезинформирање веќе не се маргинални појави. Нивното спречување стана трајна задача.

Руското раководство сака да ја ослаби кохезијата на НАТО и да постигне одвојување на САД од Европа. Целта, како што се вели, е неуспех на НАТО и проширување на руската сфера на влијание во Европа.

Германија Белиц 2025 | Свечена церемонија на положување заклетва на германските вооружени сили
До 2035 година бројот на активни војници треба да порасне на 260.000, а бројот на резервисти на 200.000Фотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

460.000 војници за одбраната

Сеопфатниот концепт се состои од два дела: покрај за првпат изработената воена стратегија, тука е и таканаречениот профил на способности, кој го дефинира развојот, структурата и големината на вооружените сили во иднина.

Деталите од документите се доверливи. Јасно е само дека Бундесверот мора да стане поголем и поподвижен. До 2035 година бројот на активни војници треба да порасне на 260.000, а бројот на резервисти на 200.000. Вкупно, најмалку 460.000 војници, заедно со сојузниците, треба да можат да се спротивстават на можна руска агресија.

Со тоа, министерот останува на целта за бројот на војници, и покрај тоа што високи воени претставници бараа негово дополнително зголемување.

„Ние го развиваме Бундесверот во најсилната конвенционална армија во Европа“, најави Писториус. „Краткорочно ја зголемуваме нашата одбранбена способност и издржливост, среднорочно тежнееме кон значително сеопфатно зголемување на способностите, а долгорочно ќе воспоставиме технолошка надмоќ.“

По децении штедење во делот на вооружените сили, Германија ја олабави таканаречената сопирачка за задолжување, вградена во Уставот, со цел значително да ги зголеми трошоците за одбраната.