1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ помалку млади луѓе во Германија

Ноткер Оберхојзер | агенции
30 јули 2022

Во Германија никогаш не живееле толку малку млади меѓу 15 и 24 години како во моментов. Оваа група сочинува само 10 насто од вкупното население. Во 1983 година нејзиниот удел изнесуваше 16,7 проценти.

https://p.dw.com/p/4Etx4
Млади на езеро во Германија
Млади на езеро во ГерманијаФотографија: Daniel Jüptner/imago images

Според наводите на Сојузниот завод за статистика во Визбаден, на крајот на 2021 година само уште секој десети жител на Германија имал меѓу 15 и 24 години. Пред 40 години на оваа група ѝ припаѓал секој шести човек. Тоа значи дека бројот на млади во земјата е најмал откако започнало броењето во 1950 година.

Со исклучок на 2015 година, бројот на млади постојано опаѓа. Најголем дел од населението во Германија тие имале во првата половина од 1980-тите години и изнесувал 16,7 отсто.

Постојат многу големи разлики меѓу одделни сојузни покраини. Најголем удел на млади се бележи во градот-покраина Бремен - 11 насто. Најмал е во Бранденбург со 8 отсто. И во источногерманските покраини Саксонија-Анхалт и во Мекленбург Предна Померанија со 8,3 насто се значително под просекот, а во Баден-Виртемберг со 10,6 отсто и Северна Рајна Вестфалија и Долна Саксонија со 10,6 насто се сѐ уште над просекот.

Проблемите на младите - никогаш поголеми

Неодамна е објавена и петтата по ред репрезентативна студија за главните преокупации на младите во Германија. Таа покажува оти тој живот е обележан со криза. Времето по прогласувањето на пандемијата, локдаунот и останатите мерки, кои почнаа пред 2 години, сѐ уште е полно со неизвесност, страв и ограничувања. Авторот на студијата, професорот Клаус Хурелман, вели дека многу млади „по две години ограничувања во своето приватно и работно-училишно секојдневие - се психички оптоварени“.

Девојки со ладни пијалоци на улица во Германија
Девојки со ладни пијалоци на улица во ГерманијаФотографија: picture alliance

„Заканата од војна во Европа е втор емоционален товар кој им го расипува расположението. Многумина се во големи грижи за својата работна, финансиска и економска иднина“, додава Хурелман.

Депресијата напредува

Запрашани за најголемите грижи, младите одговориле дека тоа пред сѐ се војната во Украина (68%), климатските промени (55%), инфлацијата (46%) и поделбата во општеството (40%).

Оваа студија покажа и колку е погубно влијанието на пандемијата со противпандемските мерки врз менталното здравје на младите. Надежта од претходната зима дека ќе заврши пандемијата, не се оствари, тако што младите сега сметаат на нови мерки. Трите најголеми работи кои ги мачат, според оваа студија, се стресот (45%), немањето волја (35%) и исцрпеност (32%).

За депресија зборуваат дури 27 отсто млади, за чувството на беспомошност 13, а 7 насто од испитаните навеле дека размислувале за самоубиство.