1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ја реформира социјалната помош

ЕМФ / дпа
1 јули 2026

Првично, целта беше значителна заштеда на трошоци, но, на крајот, мерката се претвори во реструктуирање на бенефициите за долгорочно невработените лица способни за работа. За нив од денеска се менуваат многу работи.

https://p.dw.com/p/5GMGB
Германија Берлин | Агенција за вработување
Целта на владата е да се намали бројот на луѓето кои добиваат државна помошФотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

Од денеска (1 јули) за лицата што примаат граѓански надоместок (Bürgergeld) следуваат значајни измени. Помошта не само што се преименува во „основно осигурување за лица кои бараат работа“, туку со реформата расте и притисокот да се прифати работа. Доколку примателите не соработуваат, надоместот може месечно да биде намален или дури целосно укинат.

Што треба да постигне реформата?

Целта на владата е да се намали бројот на луѓето кои добиваат државна помош и тие да се вработат, и тоа со поиндивидуализирана поддршка. Министерството за труд под водство на Бeрбел Бас (СПД) нагласува: „Кој има потреба од помош, може да смета на поддршка. Но, кој може да работи, мора да придонесе повторно да се грижи за себе.“

Во таа смисла, работоспособните приматели мора построго да се придржуваат до термините и обврските. Главниот инструмент се построги санкции, односно можни финансиски намалувања на помошта.

Што значат построгите санкции?

Основното обезбедување треба веднаш да се намали за 30 проценти во траење од три месеци, ако невработено лице не поднесува апликации за работа или одбива курсеви за обука. Тоа значи околу 150 евра помалку месечно. За пропуштени термини во центарот за вработување ќе важи: по втор пат следи намалување од 30 проценти за еден месец. По три пропуштени термини, центрите за вработување можат целосно да ги запрат исплатите. Може да се укинат и исплатите за станбени трошоци.

Надлежните органи треба да им дадат можност на погодените за лична изјава — на пример преку телефонски повик или посета. Лицата со психички заболувања треба да бидат поштедени. Коалицијата со тоа има намера да го искористи максимумот дозволен со Уставот. Досега санкциите погодуваат само многу мал број луѓе — во просек околу 30.000 месечно, а приматели на помош се милиони луѓе.

Колку личен имот може да се задржи?

Досега примателите на граѓански надомест можеа да го задржат својот имот во првата година, доколку тој не надминува 40.000 евра. Овој „период на милост“ се укинува. Во иднина важи дека лица до 30 години можат да задржат 5.000 евра, до 40 години 10.000 евра, до 50 години 12.500 евра, а над тоа 20.000 евра.

„Кој има имот над дозволените износи, мора да го искористи за своето издржување“, објаснува Министерството. „Проверката се врши на почетокот на користењето на помошта.“

Како ќе се ограничуваат станбените трошоци?

Досега се покриваа реалните трошоци за живеење, доколку се „соодветни“. Мерилото за тоа е локалниот пазар на недвижности. Во иднина трошоците ќе бидат ограничени уште во првата година и тоа на „едно и пол кратен износ од абстрактната локална граница“. Министерството дава пример за самец кој живее во стан од 2.000 евра и преминува во системот на основно обезбедување. Ако границата на „соодветност“ за едночлено домаќинство во општината е 600 евра, тогаш „лимитот“ за помош во првата година е 900 евра. Останатиот дел лицето треба само да го покрие. По една година, би се покривале само 600 евра од страна на центарот за вработување.

Општините дополнително може да утврдуваат максимални цени по квадратен метар. Уште еден пример од министерството: ако некој живее на десет квадратни метри, тогаш кирија од 600 евра повеќе не би се сметала за „соодветна“. Ако општината утврди максимална цена од, на пример, 15 евра по квадратен метар, тогаш би се плаќале само 150 евра месечно. Следниот чекор би бил „процес за намалување на трошоците“, односно преговори со сопственикот. Сојузната влада тоа го гледа како средство против прекумерни станарини и социјални злоупотреби.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема